Промоција на графичкиот роман „Олимпискиот сон“ од Рајнхард Клајст

04.12.2017 04:40
Промоција на графичкиот роман „Олимпискиот сон“ од Рајнхард Клајст

Издавачката куќа „Бункер“ неодамна го објави својот прв графички роман „Олимпискиот сон“ од Рајнхард Клајст, преведен на македонски и на албански јазик, а ќе одржи и промоција на истиот на 4 декември 2017 (понеделник), со почеток во 19.30 часот, во МКЦ Клуб и ресторан.

Промотори на графичкиот роман ќе бидат проф. д-р Кирил Темков и д-р Васил Тупурковски, претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК).

Рајнхард Клајст е еден од најистакнатите германски стрип автори од поновата генерација. Роден е во 1970 година и зад себе има веќе има поголем број графички романи издадени од најреномираните издавачки куќи во Германија. Добитник е на поголем број награди и преведуван е на голем број светски јазици. Рајнхард Клајст е, на пример, првиот германски стрип цртач кој е објавен во Индонезија. На овие простори до сега е објавен на српски, хрватски и македонски јазик (графичкиот роман „Боксерот“, во издание на „Арс Ламина“).

„Олимпискиот сон“ ја раскажува животната приказна на спринтерката од Сомалија, Самија Јусуф Омар, од заканата од екстремните исламисти (жените не треба да се занимаваат со спорт) во нејзината земја, преку учеството на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, до нејзината трагична смрт, во брод преполн со мигранти пред бреговите на Малта во Средоземното море, следејќи го својот сон - учество на Олимписките игри во Лондон 2012 год. Самија Јусуф Омар имаше само 21 година.

„Се надевам дека оваа книга праведно ќе ја отслика Самија, и дека нејзината приказна ќе ја подигне нашата свест за фактот дека зад вестите во медиумите за бегалската криза, прашање кое мора да биде адресирано, стојат судбини, а зад апстрактните бројки, човечки судбини“, напиша Рајнхард Клајст во предговорот на графичкиот роман „Олимпискиот сон“.

Овој графички роман до сега може да се најде и на англиски, француски, арапски, кинески, словенечки и чешки јазик. Преводот на македонски јазик ќе биде прво објавување на графичкиот роман во регионот.

Олимпискиот сон за кратко време (објавен е во 2015) успеа да освои многу награди:

- Најдобрите 7 книги за млади читатели (април 2015);

- Luchs des Monats Mai 2015 (Рис на месецот, најдобра книга на месецот во мај, 2015). Оваа награда е воспоставена во 1986 година од неделникот Die Zeit и Radio Bremen. Од дванаесетте најдобри книги на месецот, се бира книгата на годината;

- Luchs des Jahres 2015 (Рис на годината, награда за најдобра книга на годината);

- Католичка награда за литература за деца и млади за 2016;

- Наградата за мир, Густав Хајнеман за 2016.

Медиумите за Олимпискиот сон:

- Начинот на раскажување на Клајст е директен, маркантен и динамичен, обликуван од љубопитноста и сочувството.
Frankfurter Allgemeine Zeitung

- Олимпискиот сон е, раскажувачки и цртачки, ремек-дело.
Amnesty Journal, магазин за човекови права.

- Авантура која ќе ве остави без здив.
Stern

- Со приказната за Самија, Клајст повторно се докажа како мајстор на цртачкото раскажување.
Spiegel.de

- Клајст владее со својот медиум како само мал број германски автори.
Deutschlandfunk

Објавувањето на графичкиот роман „Олимпискиот сон“ на македонски јазик го поддржа

Македонскиот олимписки комитет.

Издавачот „Бункер“ е единствената специјализирана продавница за стрипови во Македонија.