Убавиот, Среќниот и Третиот

04.12.2017 12:55
Убавиот, Среќниот и Третиот

 РЕАКЦИИ ПО ОТКАЖУВАЊЕТО ПРЕТСТАВА ВО МНТ ЗАРАДИ ПРИТВОРОТ НА ГЛУМЕЦОТ ВЛАДО ЈОВАНОВСКИ

Во знак на протест против притворот за актерот Владо Јовановски, осомничен како еден од организаторите на крвавите настани во Собранието на РМ на 27 април 2017, актерите во претставата „Ничија земја“ на МНТ излегоа на сцена и на публиката ѝ сoопштија дека ја откажуваат претставата. Во претставата учествуваат актерите: Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Ненад Анѓелковиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Иваноски, Марија Кондовска и Томе Станковски.
Пренесуваме дел од реакциите на социјалните мрежи и медиумите.

Сашо Тасевски
Измешавме и баби и жаби. Нема ништо лошо во тоа ако глумец и уметник се гонат зашто сакале да срушат лоша и свирепа власт, но ако се ставаат во одбрана на таква власт, тоа е за голема морална осуда. Затоа да се биде солидарен со таквите уметници и глумци, да се ставиш на нивна страна, да одложуваш претстави во нивна чест и за нивна поддршка е исто за осуда. Немам дилеми околу тоа.

Един Јакуповиќ
За сцената што живот значи! Не можам да го премолчам атакот врз моите колеги, иако не се согласувам со нивната одлука, да ја бојкотираат изведбата на вчерашната театарска претстава.

Зошто не!?
Затоа што осомничениот актер години наназад во општеството наместо единство и соживот сее исклучиво омраза и дискриминација, онаа фашистичка етничка дискриминација, спротивно на сите етички, морални и професионални норми.

На моите колеги кои го оправдуваат чинот на осомничениот Јовановски им посакувам никогаш да не им се случи она што им се случуваше на нападнатите луѓе во Собранието на 27 април.

Нела Витошевиќ
Се сеќавам кога мои колеги беа притварани и приведувани за време на протестите против аболицијата и кога се повикуваше на гумени куршуми за протестантите од шарената револуција. Се сеќавам и кога младите глумци од Театарот на Навигатор Цветко имаа храброст да откажат претстава за да ги одбранат своите колеги и да им се придружат на улица во знак на револт на приведените и во одбрана на слободата и срушениот правен поредок, за што нивните постари колеги брутално ги осудија. Се сеќавам и на многу клучни моменти кога истиве овие колеги што денес се солидаризираат со нашиот колега, можеа колективно да го кренат својот глас против низа неправди, но не го кренаа. Тогаш немаа колективна свест да му се спротистават на режимот, но денес ја имаат?!?! Во секој случај добро е да си знаеме кои сме, што сме и до кај сме со колективнава свест. А за понатаму, секој со својот крст на чело. И со чуството за одговорност. Ако воопшто ја има.

Петрит Сарачини
21 декември 2012-та. Три дена пред 24 декември. Протест на уметници, музичари актери претежно од националните установи, во поддршка на криминалната и насилничка власт.

1 декември 2017. глумци откажуваат претстава во поддршка на колега - претворен во инструмент на криминалците паднати од власт, кои на 27 април спроведоа акција на насилен упад во Собранието, во која ќе убиеја пратеници и ќе го срушеа уставниот поредок.

Оливер Митковски
Во случајов поради недостаток на вистински информации за мотивите на нашето дејствување а истовремено поради чувствителноста на политичката состојба во земјата пред сè поради низата организирани криминални дејствија од 27 Април, јавноста со право шпекулира и бара одговори. Верувам дека на повеќето им се добро познати моите ставови во однос на владеењето на претходната политичка гарнитура, мојата осуда во однос на случувањата во собранието и мојата децениска борба за создавање на правна држава. Оттаму, нашата одлука не беше обид ниту да влијаеме на исходот на судските процеси, ниту да бараме амнестија за сторените дела. Напротив, сметаме дека доколку се докаже вината, Владо и сите останати учесници треба соодветно да бидат казнети, секој во зависност од тежината на стореното дело. Идејата беше да се сврти вниманието на јавноста и пред сè на надлежните институции уште еднаш да ја преиспитаат својата одлука и да ја вратат првичната-домашен притвор. Сметаме дека во конкретниов случај, Владо има неколку олеснителни околности кои се доволни за оваа отстапка од страна на надлежните органи. Точно е дека нашата одлука е емотивна, можеби по некои параметри и погрешна но во секој случај сметаме дека е човечна, посебно во време кога омразата доминира наспроти хуманоста. Можеби ќе видите извесни контрадикторности во однос на целото мое претходно залагање, жалам што дел од моите пријатели и познаници ќе бидат разочарани но за мене одлуката да застанам позади оваа иницијатива е во суштина континуитет на мојата потреба да бидам не само колега туку пред сè човек.

Ивана Драгшиќ
throw back коа го хапсеа кили за нималку талибанско дело и ансамблот на мнт не протестираше, али притвореници у шутка да.

Југослав Петровски
Колеги од МНТ, нема проблем. Ама проблемот е огромен!
Проблемот е што:

ВАШАТА ДОБРОНАМЕРНОСТ,СОЖАЛИВОСТ, А И ДОБРОДУШНОСТ - ДЕБЕЛО Е ЗЛОУПОТРЕБЕНА. И СЕГА ТИЕ ШТО ГО СТОРИЛЕ ЗЛОТО ДО МАКСИМУМ ЌЕ ВЕ ИСКОРИСТУВААТ и ЗЛОУПОТРЕБУВААТ (поточно, нивната гебелско-фашистичка пропагандна машинерија сето тоа ќе го КОРИСТИ) во рок од 24 часа да направат од вас не само нивни ИСТОМИСЛЕНИЦИ туку и ПОДДРЖУВАЧИ, па дури и нивни СОУЧЕСНИЦИ!

Честито нека ви е! На измама станавте марионети на Грујо! Ви го наместија, совршено! (Некој совршено знаел што прави и “за орден од фирерот во заминување во Шутка“ си ја завршил работата т.е. тие што ве наместиле се меѓу вас.)
Затоа добро прочитајте и размислите што потпишувате, пред да се потпишете!

Всушност големи сте, би требало си знаете!

Далеку од тоа дека некому сакам да делам ум, само предвидувам, т.е. знам што ќе се случува!

Борјан Јовановски
Солидаризирањето со Владо само потсетува колку не се солидаризираа со Кили...сем ако некој не проценил дека факинг марихуаната е опасно кривично дело а напад на Собрание само израз на револт....ама ако е така уште полошо со 'солидаризацијава'.

Биљана Секуловска
Обврска е на уметниците да бидат политички ангажирани, особено кога е тоа за сите важно. Конечно, тоа е прашање на чест. Но, мора да знаат дека треба да се наоѓаат на вистинската страна на барикадите.

Лина Огненова
Повеќето наши уметници се чини дека сè повеќе и творат и се солидиризираат единствено за пари!!!

Данчо Ордев
СРАМНО... како актери да бранат криминал... приватно,како граѓани можат да одат да демонстрираат, но да откажат театарска престава... со овој чин се солидаризираат со лустрација на врвни глумци и режисери, гумени куршуми, ноќ на ножеви, смрт на ш...те итн.

Лина Ќостарова
Револт и љубов кон Македонија, само ние знаеме за љубов што ќе те убие ...

Бошко Нацевски
Во 1954 година, Стево Спасовски, тогаш осмоодделенец во култното ,,Гоце Делчев", беше член на Драмската секција. Во поставката на ’НЕМА ДРУГ ПАТ’ од Јован Бошковски, Стево, подоцна наречен Пинго, по улогата во филмот ’Солунски атентатори’ ја доби главната улога. Сега, неговиот син Драган Спасов - Дац, во улога на прв човек на Македонскиот народен театар, на осумнаесетте негови колеги, кои пред некој ден на отворена сцена го изведоа штрајкот на нивниот професионален срам, треба да им покаже дека или си човек, или си вистински артист, или надвор од глумиштето. НЕМА ДРУГ ПАТ!

Драган Спасов Дац
Пријатели и љубетели на театарот, денеска се случи нешто што не смееше да се случи. СЕ ОТКАЖА ПРЕТСТАВА ВО МНТ. Покрај мојата сугетија и наредба да се игра претстава, глумците своеволно одбија да ја играат претставата „Ничија земја”, како подршка за приведените глумци кои беа инволвирани во случувањата од 27-ми април во собранието. Сите до еден ќе бидат казнети за непослушноста и по разговорот со мене свесни се за проблемот кој го направија. Театарот постои за публиката и така ќе остане. Ова го почувствував како атак кон мене и кон нашата публика.

Роберт Алаѓозовски
Вчерашниот чин на актерите во МНТ кои не ја одиграа претставата „Ничија земја“, во знак на солидарност со актерот Владо Јовановски, е само уште еден доказ дека Македонија не е ослободена од долгогодишната партизација во културата.

Сметам дека секоја слична намера во иднина нема да биде добра ниту по развојот на културата ниту, пак, во однос на демократизацијата на културните институции. Со кого и со што точно се солидаризираа актерите вчера?!

Бранко Тричковски
Протестите против притворањето на луѓето што си ја сакаат татковината придонесоа за нагло ширење на љубовта кон Македонија. Директорот на " Шутка" ми вика: Тричко, затворот стана како Универзална сала за време на „Цветници", сите пејат патриотски песни, порано се шверцуваа марихуана и екстази, сега на цена се албумите на Војо Стојановски и на Сузе Спасовска, Македонија пак ќе биде цела, делете ја парчете, сецкајте ја, во Нутри булет ставете ја, таа пак ќе ги задржи сите корисни сокови во себе, ние сме сега една голема Академија на љубовта кон Македонија... не можам ниту да замислам какви ќе бидеме кога ќе ни се придружат Груевски и Иванов или можеби, и новиот лидер на Инкубаторот на вљубеници во Татковината, ќе мораме да организираме референдум против притворањето на сакачите!

Владимир Милчин
Вечерва ми паѓаат на ум две српски поговорки. Првата е: Није злато све што сија. Втората е: Уби ме туѓа срамота. Зошто? Одмолчаа кога требаше да кренат глас. Проговорија на погрешен шлагворт погрешен текст. Што би рекол еден одличен режисер кој некогаш режираше во МНТ: To druha opera!

 

Фчерашни Новости
УБАВИОТ, СРЕЌНИОТ И ТРЕТИОТ

 

 

Слични содржини

Општество / Култура
Општество / Фотографија / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото