Монголски фашисти

11.08.2010 13:07
Монголски фашисти

Облечени во црна облека ја креваат десната рака во знак на поздрав на својата нација: Sieg heil! Тие ја величаат Хитлеровата посветеност на етничката нација. Меѓутоа, нивните високи јагодични коски, темните очи и кафеавкастата кожа тешко дека претставувале идеалот на Третиот Рајх. Мутираната верзија на нацизмот најде свој нов дом – Монголија.

Уште еднаш ултранационализмот исползе од пукнатините на осиромашената економија и се сврте против странците. Овојпат главните мети доаѓаат од Кина, силата во подем која се наоѓа на југ. Групите како Tsagaan Khass (Бела свастика) се опишуваат себе си како патриоти кои застанале во одбрана на обичните граѓани соочени со криминалот на странците, сè поголемите граѓански и политички нееднаквости и корупцијата. Меѓутоа, критичарите велат дека тие ги напаѓаат невините. Американскиот Стејт департмент ги предупреди сите што патуваат во Монголија на сè поголемиот број напади на меѓурасните парови кои се случија изминатите години.

Групата Dayar Mongol се заканува дека ќе им ги избричи главите на сите жени кои спиеле со Кинези. Пред три години, лидерот на Сини Монголци беше осуден на смрт поради смртта на момчето на неговата ќерка само затоа што тој млад човек студирал во Кина. Иако водачите на групата Бела свастика велат дека не го поддржуваат насилството, тие не негираат дека се сметаат себе си за нацисти.

„Ние го почитуваме Адолф Хитлер. Тој нè научи како да го зачуваме националниот карактер“, вели 41-годишниот основач на групата, кој себе си се претставува како Големиот брат. „Не се согласуваме со неговиот екстремизам и предизвикувањето на Втората светска војна. Ние сме против убивањето, но ја поддржуваме неговата идеологија. Ние, пред сè, сме националисти, а не фашисти.“

Тоа, од сите гледни точки, претставува прилично неверојатен избор. Посебно ако се земе предвид дека советските воени заробеници кои личеле на Монголци веднаш биле стрелани од страна на нацистите. Пример за таа омраза искажуваат и десничарските групи во Европа преку нападите на монголските имигранти. Групата Tsagaan Khass ја брани својата иконографија со зборовите дека свастиката претставува древен азиски симбол, што е точно, но не го објаснуваат користењето фашитистички бои, нацистичкиот орел и поздравот, како и големата фотографија на нацистичкиот Фирер на кутијата за цигари на Големиот брат.

Посебно бизарно звучи нивното залагање за Хитлеровите расни ставови.

„Мораме да бидеме сигурни дека крвта на нашата нација е чиста. Тоа е прашање на нашата независност“, вели Батур, истакнувајќи дека се работи за население од околу три милиони. „Доколку почнеме да се мешаме со Кинезите, тие ќе нè проголтаат. Монголското општество не е богато. Странците доаѓаат со многу пари и почнуваат да флертуваат со нашите жени.“

Големиот брат признава дека овие идеи ги открил преку националистичките групи кои се појавија во Русија по распадот на СССР, каде Монголија беше држава-сателит. Меѓутоа, антикинеското расположение е посебно и сè повеќе популарно.

„Додека некои мислат дека десничарскиот дискурс е премногу екстремен, изгледа дека постои консензус за тоа дека Кина претставува ’империјалистичко зло’ и дека сака да ја преземе Монголија“, вели Френк Биле од универзитетот Кембриџ, кој го истражуваше прикажувањето на Кинезите во Монголија. Погрдната хип хоп песна за Кинезите со рефрен „застрелај ги сите, застрелај ги сите“ е една од најпопуларните песни во клубовите и баровите низ цела Монголија. Присутен е и урбаниот мит дека Пекинг има тајна политика на охрабрување на Кинезите да имаат секс со Монголките.

Сепак, Бела свастика тврди дека ги поздравува посетителите од сите раси кои се придржуваат до законите на Монголија, а Големиот брат лично знае да биде гостопримлив. Воодушевено се ракува и вели: „Иако си Британка, ти си Азијат, и тоа те прави одлична личност“. Вели дека помладите членови од него учат да бидат помалку екстремни, а групата во последно време се преобликувала со исфрлување на „криминогените елементи“ и инсистирањето на доброто образование како предуслов за членство. Еден од водачите е дизајнер на ентериери.

Меѓутоа, критичарите се плашат дека ултранационалистите само станале пософистицирани и уште помоќни. Бела свастика вели дека „блиско соработува“ со другите организации и дека сега разгледува големо обединување со нив.

„Некои луѓе ја вртат главата на друга страна, но ние повеќе не можеме да негираме дека се работи за голем проблем“, вели Анара Њамдорј од Монголскиот лезбејски, геј, бисексуален и транссексуален центар.

Американскиот Стејт департмент забележа зголемување на ксенофобичните напади од почетокот на годинава во Монголија. Во извештајот на ОН се цитира неодамнешниот брутален напад врз три млади транссексуални жени. Кога една од жртвите обвинила една ултранационалистичка група за нападот, следеле закани по нејзиниот живот.

„Тие добиваат сè поголема поддршка од јавноста“, вели Енкџаргал Давасурен, директорка на Нацоналниот центар за борба против насилството, која се плаши дека ултранационалистите сè повеќе се самоуверени и дека жртвите се премногу исплашени за да излезат во јавноста. Таа укажува на едно видео поставено на ЈуТјуб минатата година, во кое се гледа како еден човек грубо и’ ја бричи косата на непозната жена.

„Слушнавме за тие случаи. Не се сите добри или лоши“, вели Јавклан, еден од водачите на Tsagaan Khass. Според него, групата претставува тело за „спроведување на законите“. „Ние вршиме проверки, одиме по хотелите и рестораните за да се увериме дека Монголките не се занимаваат со проституција и дека странците не ги кршат законите. Ние не одиме за да претепуваме луѓе, туку ги проверуваме нашите информации за да се увериме дали се вистински.“

„Се обидуваме да ја избегнеме употребата на сила“, додава тој. „Таа претставува нашето последно средство.“

Извор: the Guardian

ОкоБоли главаВицФото