За генералите или ужасот на празнината

05.12.2017 10:18
За генералите или ужасот на празнината

 

Лажете, мајката наркоманска да ви ја ебам!

Ратко Младиќ

Слободан Прaљак не е воен злосторник! Со презир ја отфрлам вашата пресуда!

Слободан Прaљак

 

 

Борислав Пекиќ има една драма „Генерали или сродство по оружје“, која беше често и радо изведувана; во неа за милитаризмот (без оглед на идеолошките и национални различности) се зборува како за еден вид болест, или можеби повеќе како за извесно пореметување во развојот, коешто оној што страда од него го прави по малку инфантилен, а и гротескна фигура, но не помалку опасна – под услов од псевдомомчешкото играње со мапите и пластичните војничиња да се премине на вистинско оружје.

Крвавото растур-оро од почетокот на деведесеттите и нам „на овие простори“ ни донесе куп такви генерали како кај Пекиќ, патетични, кловновски креатури регрутирани од понискиот офицерски кадар (особено на српската страна, која заради некоја причини со задовлство наследи голем дел од кадровскиот отпад на ЈНА), потоа регрутирани од живописните цивили (особено на хрватската и бошњачката страна, подоцна и на албанската страна), што беше одлична прилика за разноразни келнери, шофери, ситни и средни измамници, пропаднати уметници и други од безделничката екипа, буквално преку лешеви да се искачат до висина на социјалната промоција која би можеле само да ја сонуваат во нормални околности.

И оттогаш ги гледаме како шефуваат и шерифуваат со нашите животи: гласни, силни, арогантни, неретко моќни и богати, столбови на новото општество, идеали за углед на новиот национален човек, идоли на малолетниот уличен олош кој гордо низ светот го разнесува својот насилен кретенизам, најдобрите синови на татковината олицетворена во разлигавените баби кои би им ги дале своите ќерки и хистеричните стрини кои лично би им дале.

Деведесеттите ги создадоа и деведесеттите ќе ги – добро: само некои од нив - најпосле и ќе ги уништат; но проклето предоцна, т.е. не пред да стигнат на другите, недолжните, да им нанесат повеќе зло отколку што во некогашната мирновременска наивност луѓето мислеа дека може да се собере и просее во целиот Балкан. И тие деведесетти ги навикнаа дека се и судии и обвинители и бранители и извршители, дека кај нив е и ножот и погачата, дека само од нивната добра или лоша волја зависат човечките животи, накратко, дека тие се тука за да судат, без право на жалба, а не ним да им се суди. Кој може да им суди? Со кое право да им се суди, зашто кое право е поголемо и поважно од нивната родољубива и домољубива ревност? И не е за чудење бидејќи сето тоа надмено издигање над обичната човечка правда всушност и не го измислија самите тие, туку во тоа ги убедија првобитните креатори на злосторствата и срамот во кои, еве, заедно се валкаме, ни криви ни должни: државниците-разбојници и поетите-бедници, сиот оној „државотворен“ салонски талог кој најпрвин го осмисли сето она што новокомпонираните генерали и тие под нив потоа ќе го спроведат на својот ѕверски и хушкачки начин, и никако поинаку не може да се војува освен против брат и комшија, по можност врзан, невооружен, против дете, жена, старец.

И да се разбереме, паѓањето во ништавилото на предавството на сè што е подобро во човекот, не е некаква несреќна грешка или девијација настаната како последица на жалосната но разбирлива несолидност на човечкиот материјал туку, напротив, тоа е злосторство против секоја човечност и хуманост запишани во самата основа, во природата на политичките проекти од деведесеттите: само така, значи, со колење (не се коле само со нож!) може да се војува за „етнички чисти“ државички и парадржавички. Нискоста и бедата на целта ги раѓа нискоста и бедата на начините на доаѓање до таа цел. Ако целта ви е фашистичка, не можат средствата да ви бидат витешки и чесни. И обратно: средствата ви се фашистички зашто таква ви е и целта. Сè е кристално јасно, од самиот почеток, освен на оние кои многу се потрудија ништо да не им биде јасно.

И да не се лажеме: тие, како класа и каста, а ништо помалку и као реализатори на една идеологија, од колежите во кои ја имаа главната улога на церемонијал-мајстори, излегоа како победници. Нивните цели, помалку или повеќе, се остварени, нивното наследство е она што пресудно ги обликува денешните животи на оние што се спасија од нивниот нож, пушка, граната, но не се спасија од зрачењата со кои трајно го контаминираа ова парче земја, единственото што ни беше дом. Повеќето од нив, цивили или униформирани, добро се подмачкаа и уживаа(т) во материјалните и идејните плодови на своите злосторства и никогаш никаква човечка правда нема да се занимава со нив: да сакала, досега веќе би се позанимавала.

Сепак, океаните крв што ги бараше победата, тоа барем некој мора да го плати, за останатите уште побезбедно да си уживаат. И затоа некои од нив сепак имаа лоша среќа, или симболички беа премногу истакнати и видливи за да не мора да се принесат како жртва на белосветските богови, и така завршија на суд, несовршен како што секогаш е човечкиот суд, но сепак доволно сериозен за да ним, такви какви што се, може правично да им суди, зашто на крајот тоа за кое им се суди и не е некоја тешка и комплицирана метафизика за која ви требаат седум мудреци да мислат и дење и ноќе и на крајот пак да не знаеш што е право а што не е, туку повеќе е баналност на едно простачко ѕверство, многу добро видливо и со голо око.

Ене еден од нив, одамна полулуд, однатре сосема тапациран со напразно тропање на ништожноста на своето Себство, пцуе и дели клетви, сите му се криви и должни, само тој е чесен, а тоа што зад него останаа илјадници мртви роднини и комшии е некоја чудна (и туѓа) грешка, или обична лага, а и ако е вистина, сигурно тоа со нешто го заслужиле, макар и само со тоа што погрешно се родиле. Ене, еден друг со надрисократовски гест испива отров, претходно зборувајќи за себе во трето лице, како што прават припростите митомани, ментално сместените во сопствената непостоечка грандиозност, склони да си персираат самите себеси полни респект, зашто, што се однесува до нив, никогаш не сретнале некој што толку би им импонирал како оној Никој од огледалото.

Ете, тоа се тие и такви се, и тука нема место за чудење. Вистинското прашање е кои сме ние ако таквите како нив ни се што било друго освен Никој и Ништо.

Извор: Autonomija

Слични содржини

Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан
Општество / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото