Заврши јубилејното прославување на Скопје постер фестивалот

05.12.2017 10:34
Заврши јубилејното прославување на Скопје постер фестивалот

Затворањето на последните изложби од Скопје постер фестивалот во Музејот на град Скопје го заокружи 10-то јубилејно издание.

Фестивалот, кој се одржа од 14 ноември до 4 декември, понуди изложби, мастер-работилници, дизајн конференција, панел дискусија, дружење со менторите, забавна вечерна програма.

Жирито составено од графички дизајнери од пет земји имаше тешка задача да направи селекција од илјадници пристигнати плакати од 68 земји ширум светот на 10 скопје постер конкурс на тема „Вештачка реалност“. Стотина финалисти, меѓу кои и четворица автори од Македонија, се пласираа во почесната селекција за избор на најдобрите. Главните награди заминаа во рацете на дизајнери од Полска и Русија, наградите од жирито беа доделени за плакати од Македонија и Унгарија, а останатите шест почесни ги добија млади дизајнери од Канада, Кина, Полска, Унгарија.

Јубилејниот Скопје постер фестивал го посетија Лекс Древински, Лех Мајевски, Реза Абедини, Свен Сориќ и Хрвоје Спудиќ, придружени од македонските дизајнери Лазе Трипков и Иван Дургутовски, гости и членови на жирито кои создадоа одлично фестивалско уживање за креативците.

Во рамки на фестивалот, на 17 ноември, се одржа панел дискусија на тема „Дизајнот и социјалната инклузија“ и дизајн конференција насловена „5 искуства за успешен дизајн“. Панел-дискусијата со учество на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, заменик шефот на UNDP Нарине Сахакјан и заменик амбасадорот на Амбасадата на Швајцарија, Стефан Томаџиан, надополнета со презентација на Лазе Трипков за влијанието кое го има дизајнот врз општествените промени и за поголема вклученост на маргинализираните групи понуди корисни искуства и послужи за создавање основи за понатамошна соработка на владиниот сектор и меѓународните организации од една страна и креативните работници од друга страна. Детали за иницираните проекти ќе бидат објавени наскоро.

Освен јубилејната конкурсна поставка, проследена со изложби од работилниците ширум светот, на фестивалот беа прикажани и изложби на Современ македонски плакат со учество на плакатисти од земјава, на дела од работилниците со Реза Абедини и Лекс Древински, како и изложба на „аналогни“ плакати на дуото Свен и Хрвоје – „This Town Needs Posters“ од Хрватска. Издвоената специјална изложба на 50 дела од жири членовите се одржа во Four Restaurant.

Фестивалот, поддржан од Министерството за култура, се одвиваше на пет локации, Музејот на град Скопје, Брик Бар, Твинс, Four Restaurant, Park Hotel & Spa.

Во наредните месеци изложбата на тема „Вештачка реалност“ ќе биде прикажана во неколку градови ширум Македонија. Полска и Турција се само првите од серијата планирани пофестивалски дестинации надвор од земјава.

ОкоБоли главаВицФото