Шокантното расипништво на ДИК-овците

05.12.2017 12:28
Шокантното расипништво на ДИК-овците

Во октомври ги прашавме ДИК-овците за видот и вредноста на јавните набавки, поврзани со набавка на комуникациска опрема (телефони, мобилни телефони и друго) од нашите пари, за висината на месечните примања и за висината на бонусите, за патните трошоци, репрезентација и прекувремено работење на деветте членови.

Да потсетам, еве што одговорија: „Побараните информации во барањето не се од јавен карактер и од тие причини истите не можеме да Ви ги доставиме во начин и форма во кои ги побарувате“.

Со овој одговор, ДИК го прекрши законот за пристап до јавни информации, затоа што не наведе член или став од законот, во кој објаснува зошто таа информација не е од јавен карактер. Законот е јасен.

Значи, тајна е информацијата дека во рок од само за десет месеци два пати се почестија со супер скапи мобилни телефони за деветте величествени Комесари на ДИК, од кои само вториот пат чинеле околу 8.000 евра. Или, како што напишав и минатиот пат, отприлика колку што ДИК „дарежливо“ им префрли на цели десет општини, за да им се деблокираат сметките и така да можат да спроведат локални избори. Девет телефони вредат колку десет општини! Се разбира, овие информации се неофицијални, доаѓаат од свиркачи внатре во ДИК.

Членовите на ДИК постојано работат, но најмногу прекувремено. И тоа си го наплаќаат од нас прилично дебело. Многу често се гости на луксузниот хотел Радика, каде најевтиното ноќевање е 50 евра, а најскапото 220 евра, со џакузи и други удобности. Така, 48 часа пред изборите во 2016 година, кога се обидовме да им доставиме неколку стотини случаи на луѓе кои беа избришани од Избирачкиот список на само неколку дена пред изборите, во ДИК немаше никој. Погодувате каде беа? Во Радика. Нивните „прекувремени“ посети на Радика и други луксузни локации со пршута и убав избор на сирења продолжија и беа редовни.

А за таквото прекумерно и прекувремено изложување на интензивен луксуз, тие мораа и богато да се наградат со дебели бонуси.

Неофицијално, бонусот за локалните избори за претседателот на ДИК бил околу 6.000 евра! На останатите осум членови, бонусот им бил некаде на пола пат или нешто повеќе. Уште пошокантно е тоа што ДИК-овците си ги исплатиле тие пари пред изборите.

Значи, за незавршена работа се почестиле со бонус. Истото се случило и во 2016 година – бонусче пред избори. За избори на кои стотици граѓанки и граѓани не можеа да го остварат своето гласачко право и едно чудо други (не)намерни грешки – за такво нешто следува дебел бонус, зарем не?

За патните трошоци и да не говориме. Синоним за злоупотребите со патните трошоци во земјава стана Бонева. Ама, очигледно, не била сама во своето секојдневно патешествие до Месечината и назад.

ДИК-овците мораат да дадат одговор и за скандалозната разлика во примањата на другите вработени во институцијата. Мораат да дадат одговор и за мобингот кој се спроведува врз дел од вработените. Мораат да дадат одговор за ужасно нарушените меѓучовечки односи, за караниците и меѓусебните подметнувања.

Мобилните телефони се само еден дел од јавните набавки. Од тоа малку што го знаеме, шокантните бонуси, мобилните телефони и другите луксузирања ќе изгледаат како семки.

Значи, требаше да дојде американскиот амбасадор да го „открие“ скандалот со Државната изборна комисија, па да се шокира јавноста. Скандал за кој сите знаеја, но упорно молчеа. Не помагаа прес конференциите пред седиштето на ДИК, не помогнаа соопштенијата, анализите, колумните... Не помогна ни нашето барање за пристап до јавни информации, ништо. Немаше одговор ни за нашето барање за оставка од ДИК во декември минатата година. Значи, никаков одговор. Тогаш баравме оставка за скандалозно лошиот квалитет на нивната работа и сериозни повреди, но одговор немаше. ДИК блиндиран, молчеше. И се наградуваше со бонуси и прекувремен луксуз.

И да не заборавиме... Шокантното расипништво на ДИК беше придружено со шокантен молк на јавноста.

Додека ДИК-овците живеат раскошно, народот гладува и гласа онака како што ќе му сервира ДИК. Живеат боговски на наша сметка. Но, тоа е тајна информација!

Извор: Плусинфо
Слики: Гистав Доре