Трогателните и инспиративни одговори за лектира на едно аутистично девојче

05.12.2017 11:51
Трогателните и инспиративни одговори за лектира на едно аутистично девојче

Фотографијата од работната тетратка по лектира на девојчето Хана, ученичка од петто одделение во едно загрепско училиште, која нејзината мајка го објави на Фејсбук, одушеви многумина со својата духовитост и искреност. Но, зад шеговитата фотографија се крие трогателна приказна за децата со потешкотии од спектарот на аутизмот кои нè учат како да бидеме подобри.

Хана одговарала на прашањa поврзани со приказната „На светот не може да му се угоди“ која се наоѓа во книгата „Шеговити народни приказни“. Девојчето на четирите поставени прашања одговорило многу искрено и малку неочекувано.

1. Која е поуката од оваа приказна? Објасни.

-Поглуп од ова магаре е човекот кој сака да им угоди на сите.

2. Наведи некоја слична ситуација од животот (На пример, роденден, кога во одделението се одлучува за нешто...)

-Јас понекогаш танцувам на улица. Тато вели „немој“, а мама вели „дај, смири се“. Но јас и понатаму продолжувам да играм и не ги слушам другите.

3. Го прифаќаш ли секогаш туѓото мислење?

-Не, секогаш си терам по свое.

4. Треба ли некогаш да се прифати туѓиот совет?

-Само ако туѓото мислење се сложува со моето.

Фотографијата од работната тетратка на Хана на својот Фејсбук профил го споделила нејзината мајка Ана-Марија Мужевиќ и до неа напишала „Мојата тврдоглавка!“, а откако фотографијата ја сподели страницата Книги кои децата ги сакаат, многу брзо стана вирална.

Се надевам дека ова девојче никој никогаш нема да го стави во некаква рамка или калап, гласи еден од коментарите.

Ова ќе биде дама со став, коментира друг.

А дека Хана сигурно никој нема да ја стави во калап, потврдува и нејзината мајка.

СО ДЕЦАТА КАКО ШТО Е ХАНА СТАНУВАМЕ ПОДОБРИ ЛУЃЕ

Хана е дете со потешкотии од спектарот на аутизмот. Тоа значи дека таа со своите речиси 12 години интелектуално е на ниво со другите деца, но емотивно е далеку под својата возраст. Затоа Хана секогаш сока, танцува и пее на цел глас, некогаш и целиот пат до училиште, вели Ана Марија, горда на тоа што нејзиното девојче го менува светот и погледот на децата со потешкотии во развојот.

Имено, Хана дури успеала да го промени школскиот систем во Хрватска и е првото дете кое во петто одделение има асистент.

Хана владее со многу факти со кои ни возрасните не владеат. Во прво одделение со асистентот читала книга за инсекти и асистентката ја прашала: „Хана, знаеш дека мравките немаат рбет“, а Хана ѝ одговорила: „Знам, имаат егзоскелет“.

Хана знае многу нешта, само што таа не е заинтересирана да порасне и да прави отстапки кои возрасните ги прават, вели Ана-Марија и додава дека одликата на Хана секогаш да го кажува она што го мисли е вистинска реткост.

Храброста на Хана да бара право на свое мислење, да мисли со своја глава надвор од рамката, а не онака како што другите очекуваат од неа, е нешто од кое секој од нас може да учи.

Извор: N1

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Живот
Општество / Балкан / Став / Живот
Психологија / Живот / Уметност
Општество / Активизам / Живот / Филм
Општество / Активизам / Живот / Теорија
Општество / Графички Дизајн / Живот

ОкоБоли главаВицФото