Де/натурализација на митот за ветената земја

05.12.2017 14:05
Де/натурализација на митот за ветената земја

Книжевните патописи (особено, оние, што се темелно поврзани или посветени на личното откривање и искуство во ветената земја - Америка), кога станува збор, за современата македонска литература, несомнено претставуваат ретка (инцидентна), или, недоволно застапена жанровска категорија на авторското писмо!

Во оваа прилика, на прва рака, ни паѓаат на ум, делата како Куќа цел свет (патеписи од Ирска и Америка, 1975) од Богомил Ѓузел, потем, Луѓе и мостови (патеписна проза, 1971), Кинеска пролет (патеписна проза, 1984), Пријатели (патеписи и есеи, 1986) – сите три книги, од ист автор, Луан Старова, како и Клучевите на Манхатан (1983) од Мето Јовановски. Доколку го изземеме Годините кога научив да летам (2017), штотуку објавениот, и според многу назнаки, патеписен роман, потпишан со псевдонимот на Евгениј Хоуп, тогаш, испаѓа, дека „најмладиот“ патопис од оваа низа бил објавен пред цели 34 год.

И не само заради тоа, со големо љубопитство, го очекував најавениот нов ракопис на Лидија Димковска, своевиден патописен дневник од неодамнешниот престој во САД, по повод објавувањето на нејзините нови преводи на англиски јазик во САД.

Како, по некое непишано правило - веќе по првите авторски реченици проследени со автентичен модус на перцепција - мојот интуитивен впечаток непогрешливо ми открива добар автор и текст, во кој со задоволство ќе останам „доброволно“ заробена! Така беше и овојпат, кога згуснатите зборови и впечатоци на Димковска – поентираа во драгоцена, луцидна, есенцијална проза, поттикната од едно скорешно нејзино патување, кое, впрочем, како и секое друго (патување), поради самата своја подвижна природа, бидува дополнително „набилдано“ - со повисок степен на „растројство на сетилата“ и посебно изострена визура на состојбите – и тоа, не само, по однос на земјата - домаќин, туку и по однос на патувачкиот - како себе-откривачки субјект (и предизвик).

Патем, да се потсетиме, жанровски гледано, патописот (според толкувањето дадено од страна нa францускиот компаративист Даниел Пажо) е, всушност, поттикнат од искуството и љубопитноста кон Другиот (искуство и љубопитност, што, би додале овде, во својата основа, е неразделно врзано за космополитски ориентираниот дух на модернизмот).

Можеби затоа, уште воведната реченица на овој патувачки дневник на Димковска, се отвора како голем и суштински прашалник, кој бездруго сака, но тешко дека ќе дојде до вистинскиот одговор за вечната дилема: кој е, всушност, вистински објект, а кој - субјект во естетската релација на набљудувањето? Оскар Вајлд, понесен од митот за Нарцис, младиот човек кој е фатално опчинет од својот одраз во езерото, уште на времето беше напишал дека „убавината е во окото на набљудувачот“. Така е, впрочем, и со Пол Сезан и неговото повеќекратно, секојпат различно, видување на планината Сент Виктоар (искуство кое го поттикнало и австрискиот писател Петер Хандке да ја создаде својата книга „Поуката на плнаината Сент Виктоар“).

Отаде, и патувачкиот субјект во „Отаде Л.“, со право се дума и се прашува – кој е фактичкиот субјект, а кој - автентичниот објект во конкретниот сооднос, односно, Поглед – дали самата таа или градот, дали таа или самиот Њујорк? И, уште поважно, за кој Њујорк, всушност, овде станува збор – дали за оној, што е урбана икона на поп културата и бизнис елитата, за оној што е имаголошки „исправен, правилен“ Њујорк, или за некој друг, приватен, интимен Њујорк, неопишан или што допрва ќе никне во нечија проза. Има многу Њујорк-ови, како и многу перцепции, записи и сведоштва за (сите) нив...

„Јас стојам пред Њујорк или Њујорк стои пред мене? Кој кого потпира?
Њујорк – не е или е како Њујорк?“

И, кога сме веќе тука, не можеме, а да не се повикаме на „парадоксот на емпириското знаење“ (синтагмата е моја), што произлегува од личната, сетилна средба на еден човек со градот, пределот, земјата – посебно, ако е тоа место, за кое многу мечтаел и знаел (тргнувајќи првенствено од книгите и филмовите). Тргнувајќи од сопственото искуство на несклад помеѓу имаголошкиот и емпирискиот „предел“, ингениозниот есеист (од руско потекло) Александар Генис, во една прилика, сведочи: „Колку повеќе знам за Кина, толку помалку таа ми се допаѓа“ (с. 311) и, нешто понатаму, признава „во новата Кина, не најдов ништо од прекрасниот предел што Марко Поло го викаше Китај“. („Часови по читање“, Геопоетика, Белград, 2015: 313).

Како што можеме да се увериме од нејзиниот нов текст, Лидија Димковска не е за првпат во Америка (првиот престој се одигрува петнаесет години пред тоа, додека вториот, во 2002 год, се поклопува со работилницата по креативно пишување во Ајова), ниту е таа таму замината поради приватни причини, или случајно. Таа е поканета таму поради промотивна турнеја на својот (наградуван) роман „Резервен живот“ и тоа воопшто не е секојдневна ситуација. Не се многу на број оние наши писатели, кои доживеале широка и неподелено позитивна рецепција на своето творештво во светот. Уште поретки на број се авторите кои се лично поканети на промотивна турнеја во странство. Сепак, и покрај својата, на прв поглед, ретка и повластена позиција или мотивација за патувањето во САД, останувајќи секојпат будна, критички изострена и претпазлива, авторката се обраќа со извесно снебивање:

„Што ќе ми дадеш, што ќе ми земеш?“

Ова ненадејно из’ртено сметководство на емоционалната загуба и добивка, се чини, е дотолку оправдано – со оглед на тоа, дека САД и воопшто Њујорк за авторката веќе и не е „премиерно“ искуство, а особено, со оглед на отуѓената „корпорациска димензија“ и „неолибералистичките симулакруми на љубовта“, што прецизното око на нараторката уште на прв поглед ги регистрира по улиците, во односот меѓу обоените дадилки и богаташките деца, што им се доделени на чување и шетање низ паркот.

Уште една од отрезнувачките шлаканици, упатени кон американскиот етаблиран светоглед на статуси и вредности, произлегува од кусиот престој во Холивуд и неговата медиумски извикана патека на славните, по која сите ѕвезди мечтаат да бидат впишани на плочникот. Целата фама околу оваа „патека“, Димковска ја согледува низ една сосем поинаква призма - „си газиш врз Џон Ленон“, не како воспевање, ами, всушност, како „газење врз ѕвездите“ – ние овде би додале, како метонимија за базично – иконокластичкиот светоглед – што владее во САД, каде секоја „селебрити“ личност крвожедно се слави, но и злорадо се демне, сè до првиот нејзин/негов гаф и неминовен пад во бездната. Оти, гладијаторскиот принцип на неолибералниот капитализам, како единствена светост ги признава само немилосрдниот натпревар, акумулацијата на профитот и „богот“ на промената.

Во текот на својот престој во Балтимор (и неговиот далеку помирен и поинтимен амбиент), во текот на посетата на квартот Мала Италија, Димковска ќе запише уште еден луциден идиом - „моето странство во странство“ - кој се состои во парадоксалната значенска трансформација и духовита деконструкција на самиот поим „странство“, од една страна, а, од друга – води во негово дополнување, со помош на матрјошка – моделот „странство во странство“ или, што би рекле, постмодернистите mise-en-abyme странство. Често духовита и подготвена на хуморен пресврт, нараторката и овојпат не ја заборава по пат својата стрела на смеата.

Но, во Балтимор, „а всушност токму Балтимор е Америка“, градот што авторката и експлицитно го смета за вистинска слика на Америка – пред неа искрснува едно прашање со онтолошка тежина. Среде разговорот со гостопримливата сопственичка на пансионот, чија мајка е по потекло од Перу и сега таму сака да се врати и умре – Димковска со очевидно голема (и, за читателот, ненадејна) доза на лична засегнатост во врска со ова прашање, одеднаш се втурнува во најдлабоките дилеми на сопствената егзистенција во странство, изрекувајќи го фаталното прашање, на кое ретко кој, можеби, го има, или би сакал (да мора) да го има одговорот: „А Алеш – зар не би ме закопал во Љубљана?Ама каде јас би сакала да умрам? „Пола гроб да ми биде тука, пола таму“. Токму таа и таква, екстремна (како и во многу претходни стихови и прозни искази), иконографски препознатлива - интелектуална и афективна – е личната позиција на Димковска и нејзината радикална подготвеност, да понира во, и да се чепка со, Абјектното.

„Америка е отаде мојот живот. Литература... Јас сум Л.“ – вака, на крајот, се заокружува овој патопис, кој, всушност, претставува наизменично имаголошко соочување (неретко, и разочарување), како и носталгично (себе)преоткривање на себеси новата – во-старата Л. (било да е тоа Л – како литература, или Л-како Лидија, Л-самата, во еднина, или Л-во множина, односно, Л-како семејна фигура.

Така, оваа неголема, но прегнантно срочена, патописна проза (со
интригантниот наслов, „Отаде Л.“), помеѓу другото, е ретко сведоштво и прв пример за родово обоена и самосвесна патеписна проза, во нашата современа литература. Онаа, која заедно со предизвикот на патувањето, паралелно го содржи и родово предизвиканото чувство на вина, поради „луксузот“ на патувањето сама, како и поради своето (иако, краткотрајно, ама кумулативно) отсуство од домот, чијшто столб, според владеачкиот вокабулар на патријархалниот систем, бездруго, се смета, дека е токму таа, Жената – мајка!

Родовата вина „никогаш нема да можам да надоместам“, за која, сосема искрено и патемно, сведочи Димковска - на свој начин, го проникнува и обележува ова патување во Америка и, исто така, влијае на конечниот впечаток и личното доживување на самата авторка. Таа, родовата вина, на мошне илустративен начин, од друга страна, потврдува, дека знаменитиот навод на Вирџинија Вулф, за неопходноста од „сопствена соба“ (време –простор), како кондицио сине ква нон за која било писателка воопшто, и по еден век од нејзиното изрекување, сè уште ја задржала својата точност и актуелност, оставајќи ги и натаму, родово сосема безгрижни и незасегнати, интимните искуства на сите други, родово повластени, колеги по перото, од машки род!

Мошне духовито, гореспоменатиот А. Генис, патот го споредува со еден гастрономски акцесоар – т.е. стапчето за ражнич, каде, потем, едноподруго се нижат и редат авантурите во текот на самото патување и престој другаде.

Тие „авантури“, како што покажува примерот со Димковска, можат и умеат да бидат пред сè внатрешни, духовни, себе-преиспитувачки – нешто како хеуристички предизвик за секојпат новото „откривање на Америка “ (а, интересно, во нашиот сленг, токму овој израз, „откривање на Америка“, понекогаш знае да биде и подбивно употребен). Нејсе!

Ако за битниците од типот на Џек Керуак, Вилијам Бароуз, Грегори Корсо – поимот на ветената земја, всушност, се поврзувал со, и се однесувал на Европа (поточно, Париз, според директното сведоштво на Керуак), дотогаш, за луѓето и авторите од Европа – правецот на имаголошкиот рај, по правило, бил вперен во обратната, реципрочна насока! Па сепак, истото не значи априорно и некритичко воспевање, односно, провинцијален однос кон големата и непрегледна, митска Америка. Како што може да се увериме и од новиот ракопис на Димковска, престојот во Америка, воедно, значел и „тренинг на сопствената самотија и препуштеност на себе“, уште еден увид во културната асиметрија, што владее во третманот кон гостите, кои доаѓаат од (глобалниот) Исток. Овој нов престој во САД, на Димковска, покрај другото, ѝ овозможил ефектно, длабинско „дружење“ и увид, во двете скорешно објавени, занимливи книги - антологии на нова американска проза и поезија, со низа нови гласови (та дури и крикови) од сродните души – самотници и бунтовници. На мошне суптилен и семантички мотивиран начин, Димковска во својот дневник повремено ги инкорпорира нивните стихови и реченици, небаре, на тој начин, ја остварува онаа духовна вечера in absentia, чии вкусови оддишуваат со блискост, сродство, речиси, семејна топлина (што сè на сè го де-конструира поимот и доживувањето на радикалното „странство“), на почвата на далечниот Друг континент. Таму, еден од тие поети - сродници, е и Гарет Хонго, со личното, прегнантно искажано и горко сведоштво, за својата американска (егзилијарна) осаменост: „мојот живот од хартии и егзил“.

Сепак, Димковска споделува и поинакви, одомаќени предели и доживувања на Америка. „Ајова е повеќе од гратче во Средна Америка: моја е како мој човек“. Или, описот на Сиетл „еден од најубавите градови на мојата книжевна турнеја ... кој има сопствени небеса како и сопствена почва“.

Интересен е, и необично пластичен, описот на култниот град на хипиците, Сан Франциско:

„Сан Франциско е и природа и култура. Симетрија на урбаното, десиметрија на етното“ – но и место, кадешто (впрочем, како на сите книжевни средби низ САД), „секој прашува сè што ќе посака“ – не снебивајќи се од општиот впечаток и ефект, што ќе го остави со своето обраќање. Сепак, токму кусиот престој на плажата на Тихиот Океан, наврапито ќе финишира со уште еден увид, од онтолошки тип. „Една постара госпоѓа во костим за капење, сама, како што на крајот секој останува сам. Песок и бранови, што се слеваат кон тебе, а ти им се измолкнуваш.“

И, ете, нова и конкретна потврда на нашата интуитивна хипотеза - за изострениот или зајакнатиот капацитет на индивидуалната перцепција при патувањето, кога - од навидум секојдневни и банални глетки на конкретниот призор (стара жена во костим на плажа) – одненадеж, текстот скршнува кон убиствено остри, и не помалку тажни сентенци, кои имаат универзален, метафизички карактер и тежина.

При крајот од својот патописен дневник, Димковска, со отворена (и оправдана) нелагода додава и согледба, врзана конкретно за третманот на книжевноста кај нас и во Америка, а поткрепена од нејзиното неодамнешно, не баш лагодно, локално искуство: „Како да не ги сакам моите Американци? Во Америка секогаш сум се чувствувала добро како писателка. Во Македонија само скандал може да те стави на насловна страница, а во САД тоа го може и литературата...“

Како, после ова, да се категоризира степенот (рамништето) на „странственост“, што го доживува или му е придодадено на еден писател, или, на интелектуалецот, сега и воопшто, денес или кога било низ историјата?

Наместо заклучок, на крајот, би сакала да ја споделам сопствената (предизвикувачка) запрашаност – токму во врска со „степенувањето“ на туѓинството – притоа, непосредно поттикната од неодамна објавениот прилог на Драгослав Дедовиќ, инаку, и самиот, во животна улога на (српски) поет во дијаспора. Поради моментален недостаток од сосема соодветни македонски термини, во оваа прилика, неговата размисла, ќе ја приложам во нејзиниот иницијален облик, на англиски јазик.

„The foreigner is a stranger who has achieved a certain level of closeness to the domicile population. By establishing a permanent contact with the environment, newcomer stops being an alien” (Dragoslav Dedovic: From Diaspora To Diversities, ed. R.Alagjozovski et alii, Esperanca, Skopje, 2017:90).

Навистина, кога / како се станува или се преминува од дојденец - во туѓинец – а, потем, и во странец? Кој е вистинскиот момент или што е она, кое луѓето ги квалификува во едната или другата категорија? Што е, според оваа типологија, (нашата повеќедомна) Лидија Димковска, во оваа (но, не само во оваа) книга и воопшто?

Но, исто така, што сум, која сум конечно и јас, ти, или тој ... кој било, на оваа планета од интертекстуално вплетени и нераскинливо Вмрежени - свои и туѓи погледи, претстави, мемории, јазици, записи, книги – микросветови?

 

Извадок од книгата на Лидија Димковска можете да прочитате овде.

Фотографии: Steffen Böttcher (Њујорк)

ОкоБоли главаВицФото