Јазикот на Ерато како акустично огледало

06.12.2017 17:05
Јазикот на Ерато како акустично огледало

„Живееме во епоха на празни ангели: сите сакаат да бидат гласници, а ретко кој прави напор да ја прими пораката“, вели Петар Слотердијк.

Книгава што ја промовираме, „Гуш и бац“, токму го прави тој напор, да ја прими пораката. И тоа го прави на најкомплексниот и најблагородниот начин: како некакво акустично огледало ја прима пораката и ја пренесува понатаму, така што истовремено е примател и испраќач - какво што секое врвно креативно дело и треба да биде.

Фаќањето на тој глас, тоа акустично огледало, самава книга, во суштина е љубовен гест. Заправо, љубовен гест е и обидот истовремено да се биде и примател и испраќач. Во случајов, велам, станува збор за исклучително комплексен љубовен гест, кој се простира на најмалку три рамништа. 

ПЕТ (Пенкало; илустрација: Зоран Кардула)

Првото рамниште е приватно, семејно, меѓучовечко. Аутистичното девојче Ерато Кардула соопштува свој посебен јазик и гласови. Но нејзиниот глас има кој да го слушне, да го регистрира и да се обиде да го „преведе“, да го доведе во релација со нашиот конвенционален јазик. Тоа го прават пред сè родителите на Ерато, Зоран и Домника Кардула. Се разбира, сето тоа е толку елементарно; на некој начин тоа (треба да) се случува во секое семејство, во секоја меѓучовечка релација: слушање и примање на туѓиот говор, дури и кога е нејасен, чуден, бунтовен, неприлагоден... За жал, тоа баш и не се случува во секое семејство. За среќа, во семејството Кардула непрекинато трае напорот да се прими пораката. И тој гест, велам, е суштински љубовен.

Но, љубовен е дури и кога го напушта интимниот простор на домот и семејството и станува културен и уметнички чин, како во случајот со Јазикот на Ерато. Впрочем, и самиот наслов на книгава ја истакнува важноста на љубовниот гест. Овде треба да нагласиме: и самата уметност (сеедно дали е слика, збор, звук...) е специфичен љубовен гест, т.е. произведувач на нови гласови и нови јазици. Бидејќи има нешто љубовно во разбирањето на туѓиот глас, дури и кога тој глас е опасен или превратнички.  Уметноста всушност е најдобра кога создава нови, необични, нестандардни гласови и јазици; но и кога внимателно ги слуша старите и другите гласови и јазици. Уметноста е упад во конвенционалниот поредок, тогаш кога е добра. И затоа ја сакам уметноста: заради разбирањето или соживувањето со туѓиот глас - кој е мој, заправо; а целиот процес е можеби и препознавање.*

БАХА (Брашно; илустрација: Никола Радуловиќ)

Тие препознавања ги трансцендираат работите, ги прават повеќе од само семејни или само уметнички или активистички... Тие препознавања нè обединуваат, дотолку нè хомогенизираат, и покрај - или токму поради тоа! - големото шаренило меѓу нас. Бидејќи солидарноста со поинаквите или послабите, освен што нè обединува, нè учи да разбираме повеќе, пошироко од себе, и нè учи да сочувствуваме и постојано да се обидуваме да разбереме.

Тоа нè доведува до третото рамниште, општественото, таму каде што се случуваат политиката и активизмот. Тој љубовен гест има исклучително голема важност токму на општественото поле. Да се слушнат и инкорпораат тивките или затскриените гласови во едно општество не е само квантитативно ширење на заедничкото множество, туку е суштински квалитативен чин: градејќи ги принципите на општеството се градиме себеси и целиот космос околу нас. „Мислењето е потрага по глас во јазикот“, вели Агамбен.

 Слушајќи ги другите, значи, ние се обидуваме да ги усогласиме „мислењето и стварноста, како што велеше Хана Арент , обидувајќи се да даде алтернативи за модерното доба во кое „мислењето и стварноста се одвоени“, така што мислењето останало празно, а управувањето плиткоумно. Како лек против неспособноста да се ставиме на местото на некој друг, Арент предложи вежбање на имагинацијата „да оди во посета“. Тоа не значи идентификување со чувствата на другите луѓе, ниту усвојување на нивното моментно мислење, туку размислување „како јас би се чувствувала и размислувала да сум на нивно место“.

ШИ (Врзи / Одврзи; илустрација: Иван Дургутовски)

Хорхе Луис Борхес секогаш инсистирал дека е поважно да се чита отколку да се пишува, и себеси попрво се сметал за важен читач, а не толку пишувач. Можеби токму заради тое е еден од најголемите писатели на 20 век. Рецептот на Борхес како да го презема Зоран Кардула, идејниот творец, уредник и продуцент на книгата „Гуш и бац“. Кардула со книгата успеал да создаде сјаен амалгам, преплет меѓу оние што кажуваат и оние што слушаат. Во книгата Кардула успеал да вклучи 33 уметници кои имаа задача да пронајдат ликовна релација со јазикот на Ерато Кардула. И таа задача повеќе-помалку добро си ја завршиле.

На крај, сакам да спомнам една необична реченица на Плутарх, која се наоѓа меѓу неговите „Спартански изреки“: „Еден човек си штрпкал од зготвениот славеј и, не наоѓајќи многу месо, рекол: ’Ти си само глас и ништо повеќе’.“

Книгава пред нас е само глас, да, но и многу повеќе.

В’АЈ *(Нула; илустрација: Дијана Димитриевска)

 

*„Акустично огледало“ е наслов на одличната книга на Каја Силверман од 1988 година.

Можеби е важно овде, макар и во фуснота, да ја спомнеме психоанализата. „Секој говор повикува на одговор, дури и кога од другата страна имате само молчење“, вели Жак Лакан.

Младен Долар, пак, во својата книга „Глас и ништо повеќе“ вели: „Гласот е заеднички за телото и јазикот, но гласот не е дел ни од јазикот ни од телото. Тој се наоѓа на пресекот меѓу јазикот и телото“.

Насловна илустрација: КИШИ (Кине; Бисера Крцковска)

Сликите се преземени од книгата „Гуш и бац“; Темплум, 2017.

Сродни прилози

Јазикот на Ерато

Дупнати (д)уши

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото