Македонската војна против дрогите

07.12.2017 03:02
Македонската војна против дрогите

Под поимот војна против дрогите се подразбира ’спроведување полициски и воени интервенции за спречување на нелегалното производство, трговија и употреба на нелегални дроги‘. Под дроги се подразбираат ’сите психоактивни супстанции кои Обединетите нации и конкретните влади ги имаат прогласено за нелегални‘. Поимот војна против дрогите е популаризиран од медиумите по говорот на претседателот на Соединетите Американски Држави Ричард Никсон на 18 јуни 1971 година, со кој ги прогласува дрогите за народен непријател број 1 и со кој најавува цврсти мерки за искоренување на дрогите.

Апсурдна политика за дроги

Политиката на војна против дрогите потфрли. Неспорно е дека своевремено луѓето полагале големи надежи во оваа политика, но резултатите се поразителни, а трошоците и човечките жртви огромни. На пример, во САД, како зачетник и поборник на оваа политика, годишно се трошат повеќе од 50 милијарди долари за сузбивање на употребата на дроги, а се запленуваат помалку од 10 % од вкупната количина на дроги, додека трговците со дроги инкасираат повеќе од 300 % профит. Како демант на оние кои сè уште веруваат во ваквиот пристап, практиката покажува дека оваа политика повеќе е насочена против луѓето кои употребуваат дроги отколку против производителите на дроги и трговците со дроги, што се потврдува и со бројките. Во САД само во 2014 година поради дроги биле уапсени 1.561.231 луѓе, од кои 83 % биле уапсени само поради поседување дроги. До 2014 година во САД имало вкупно 360.834 луѓе инфицирани со ХИВ поради употреба на нестерилен прибор за инјектирање, што е 30 % од вкупниот број на луѓе со ХИВ во САД, а само во 2014 година од предозирање починале 47.055 луѓе. Се разбира, Никсон е „дежурен виновник“ само поради синтагмата „војна против дрогите“, а прохибиционистичката политика на САД датира уште од втората половина на ХIХ век.

Сепак, САД не се единствената држава со погрешна политика за дроги. Всушност, сѐ до почетокот на ХХI век, иако не беше така нарекувана, војна против дрогите се водеше речиси во целиот свет, а ваквите мерки сè уште формално се поддржуваат во поголемиот дел од светот и од Обединетите нации. Всушност, настојувањата за меѓународна контрола на дрогите почнуваат уште меѓу двете светски војни со усвојување на неколку спогодби на Лигата на народите. Единствената конвенција за наркотични дроги усвоена од Обединетите нации во 1961 година е првиот меѓународен документ на високо ниво усвоен по Втората светска војна. На оваа Конвенција се надоврзуваат подоцнежните: Конвенција за психотропни супстанции од 1971 година и Конвенција против недозволеното пренесување на наркотици и психотропни супстанции од 1988 година. Овие документи сè уште вршат силно влијание на националните политики на земјите членки на Обединетите нации, вклучувајќи ја и Македонија.

Во последниве неколку години се засилија напорите за менување на политиките за дроги кои преовладуваат во Обединетите нации, но без поголеми резултати. Огромно разочарување предизвика последната Специјална седница за дроги која се одржа од 19 до 21 април 2016 година на која Генералното собрание на Обединетите нации, на разочарување на активистите од целиот свет кои спроведуваа повеќемесечна кампања за хуманизација на политиките за дроги, без никаква дебата усвои безличен документ за меѓународните политики за дроги. Имајќи го предвид меѓународното влијание на Обединетите нации, активистите оправдано очекуваат дека хуманизирањето на политиката за дроги на Обединетите нации ќе придонесе за хуманизација на националните политики за дроги.

Македонија меѓу јавето и сонот

Иако поседувањето и употребата на дроги во Македонија формално не се третираат како кривични дела, сепак во практика се покажува дека полициските акции најчесто се насочени против луѓето кои употребуваат дроги. Според податоците изнесени во анализата „Прекршување на човековите права на луѓето кои употребуваат дрога при контакт со Полиција во Република Македонија“, објавена од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ во 2012 година, поради „поседување опојни дроги“ во Полиција биле приведени 460 лица од вкупно 3.434 лица приведени по разни основи. Во 2013 година оваа бројка била уште поголема бидејќи од вкупно 3.582 лица приведени по разни основи, 608 лица биле приведени поради поседување опојни дроги. Сите лица опфатени со оваа статистика биле приведени поради поседување и употреба на канабис. Во истата анализа се наведува дека Полицијата има практика доказите да ги обезбедува со принудно тестирање на урина, односно без да ги фати сторителите додека го извршуваат делото за кое се обвинети. Апсурдноста оди до таму што постојат случаи на досудување затворски казни поради поседување исклучително мали количини канабис како што е еден од наведените случаи на човек кој морал да отслужи една година во затвор поради поседување на 0,2 грама канабис. Во периодот од 2009 до 2013 година, за кривични дела поврзани со дрога само во Скопје се осудени повеќе од 500 лица.

А затворите во Македонија се далеку од остварување на својата мисија на казнено-поправни установи. Според досегашните извештаи на Европскиот комитет за спречување тортура и нехуман или понижувачки третман или казнување (КСТ) при Советот на Европа, условите во казнено-поправните установи и домови во Македонија се крајно дехуманизирачки. Поради пренаселеноста во затворите осудениците се принудени да делат кревет, да спијат на под или во ходник наместо во соба, а во спалните соби има влага и нечистотија. А не недостасуваат и дроги. Напротив. Дроги, особено опијати, има во изобилство, можеби со послаб квалитет, но затоа поевтини. Она што недостасува се програми за намалување на штети од употреба на дроги. Во затворите не е дозволено да се дистрибуира стерилен прибор за инјектирање и затоа ризикот од крвно преносливи инфекции е поголем. Да, вистина е дека во затворите постојат програми за лекување на зависности од дроги со примена на супституциска терапија со метадон, а во некои затвори и со бупренорфин, но голем дел од осудениците кои употребуваат дроги ги избегнуваат овие програми. Можности за ресоцијализација речиси и да нема. Според анализата „Пресуда за јавното здравје…“, спроведена од Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје во 2015 година, со вакви затворски услови се загрозуваат и здравјето на осудениците и здравјето на пошироката заедница.

Во Македонија постои организиран третман само за луѓе зависни од алкохол и од опијати. Не постои организиран третман, финансиран од јавни средства, за луѓе зависни од други видови психоактивни супстанции. Зависностите од опијати се лекуваат само со супституциска терапија со метадон или со бупренорфин. Програми за лекување со метадонска терапија има во десет градови во Македонија: Скопје, Куманово, Штип, Струмица, Гевгелија, Велес, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово, и во овие градови се лекуваат пациенти и од соседните општини. Супституциска терапија со бупренорфин е достапна само во Скопје, а пациентите од другите краишта на Македонија се принудени да патуваат до Скопје. Игнорантскиот однос на Министерството за здравство кон програмите за зависности значително ја нарушува довербата во нивниот квалитет и ги одбива луѓето зависни од опијати да бараат ваква поддршка. Лекувањето на зависности е непопуларна дејност за повеќето психијатри, а малкутемина мотивирани немаат поддршка за соодветно кадровско екипирање и професионално надградување. За споредба, проценето е дека само во Скопје, како град со повеќе од 500.000 жители, има меѓу 2.000 и 4.000 луѓе кои инјектираат дроги, а приближно 900 се лекуваат во јавни и приватни установи за зависности.

Во Македонија постојат и 17 програми за намалување на штети во 13 различни градови, кои навистина придонесуваат за заштита на луѓето кои инјектираат дроги од ХИВ, од хепатит и од други крвно и сексуално преносливи инфекции, што се потврдува и со статистиката. Според биобихејвиоралната студија на Министерството за здравство на Република Македонија од 2014 година е утврдено дека нема нови случаи на ХИВ меѓу луѓето кои инјектираат дроги, а бројот на инфицирани со хепатит Ц е намален за приближно 5 % во однос на 2009 година. Според Институтот за јавно здравје на Република Македонија, од вкупно 39 новодијагностицирани случаи на ХИВ во 2014 година, само еден случај е на лице кое инјектира/инјектирало дроги. Заклучно со 1 декември 2016 година, во Македонија имало вкупно 311 лица дијагностицирани со ХИВ/СИДА од кои 83 веќе биле починати.

И додека надлежните институции сонуваат за „Македонија без дроги“, јавето се заканува да нè поклопи како цунами. Искуствата од светот покажуваат дека репресијата не ги спречува луѓето да употребуваат дроги. Напротив, дрогите стануваат сѐ подостапни, а производителите и препродавачите сѐ поинвентивни. Криминализацијата на дрогите ја загрозува социјалната и здравствената состојба на луѓето кои употребуваат дроги, што ја наметнува потребата од дополнителни инвестиции во социјалниот и во здравствениот систем, за што и сега нема доволно средства. Поради политики засновани на идеологии наместо на искуства и на докази, социјалниот и здравствениот систем ќе се разоруваат, а поединци ќе се збогатуваат од нелегалното производство и трговијата со дроги.

 

Авторот работи како програмски асистент за истражување во ЦЕДИ – Центар за едукации, документирање и истражување при Здружението ХОПС – Опции за здрав живот. Има магистратура по етнологија и антропологија и долгогодишно истражувачко искуство меѓу различни општествено-маргинализирани групи/заедници, особено меѓу луѓето кои употребуваат дроги.

Извор: hops.org.mk
Слики: Bryan Lewis Sauders (автопортрети нацртани под дејство на различни дроги)

ОкоБоли главаВицФото