Феноменот на реалити програмите

07.12.2017 04:56
Феноменот на реалити програмите

Никогаш претходно во историјата на медиумите во Франција, една телевизиска емисија не предизвикала толку воодушевување, фасцинација, потреси, вознемирување, нервоза и иритација како „Loft Story“, реалити емисија емитувана на каналот М6 и која привлече над десетмилионска публика. Ова е без преседан. Ова се случува првпат, ситуацијата е премиерна. Иако знаеме дека сликите говорат повеќе за општеството што ги гледа, отколку за самото општество, сепак нивното значење во овој случај е далеку од јасно.

Големината на овој феномен е толкава што помамата по „Loft Story“ фрли сенка и врз Канскиот фестивал и врз финалето на Лигата на шампиони во фудбал. Тоа достигна толку екстравагантни пропорции што ни големите меѓународни весници, игнорирајќи ги политичките, економските и социјалните проблеми, не се колебаа да посветат бројни репортажи на „Франција зафатена од лудилото на реалити емисијата Loft Story“. Важни дневни весници (Ле Монд, Ле Фигаро, Либерасион, Ле Паризиен...) и неделниците со големи тиражи (Л’Експрес, Ле Поинт, ВСД, Телерама) понесени од медиумската мимикрија посветија бројни насловни страници на медиумско-социолошкиот феномен, придонесувајќи за понатамошниот успех на „Loft Story“ и придонесувајќи за неговата рекордна продажба.

Национална психодрама, тотален медиумски шок, полемики и дебати за или против емисијата: сè доби повеќекратни размери. „Loft Story“ веќе не е дел од програмата, туку вистинско државно прашање!“, рече Ерве Бурж, поранешен претседател на CSA. „Овој вид програми придонесуваат за пораст на фашизмот“, тврди Жером Клемон, директор на каналот Arte France. На конференцијата на француските бискупи тој проценува: „Loft Story е добра илустрација на застранувањата до кои може да доведе неконтролираната потрага по профит. Младите луѓе на сцената се третираат како заморчиња на лудиот научник кој држи неколку глувци и стаорци во кутија за чевли, не мислејќи што ќе им се случи“.

Крајно непријателски настроени кон емисијата се бројни здруженија на граѓани и колективи како Souriez vous etes filmes, Zalea TV, Apprentis agitateurs pour reseau de resistance globale, Solidarloft и други – кои меѓу останатите ги поддржуваат Нова антикапиталистичка партија, Млади комунисти, анархистичкиот синдикат CNT, Attac, Форум на зелената младина, тие одеа во Париз, Нант, Рен, Тулуз и Марсеј да протестираат пред локалните канцеларии на М6, оставајќи вреќи за ѓубре пред вратите и понекогаш соочувајќи се со насилството на силите на редот...

Но, за каква, всушност, шоу емисија се работи? Од каналот М6 претставена како „интерактивна реална фикција“, „Loft Story“ е некој вид колективна игра, чијашто динамика е заснована на постепена елиминација на учесниците по пат на гласање на гледачите. Десет недели затворени во куќа опкружена со градина и базен, отсечени од светот, без телевизија, телефон, весници, радио и интернет, практично 24 часа дневно пред камерите кои ги има насекаде освен во тоалетите, 12 самци, шест момчиња и шест девојки, помлади од 35 години (избрани од 38.000 кандидати) мора да се вклопат во групниот живот и меѓусебно да си ги откриваат карактерите, за да на крајот формираат идеален пар. Победничкиот пар добива куќа во вредност од три милиони франци, во која ќе мора заедно да живеат уште шест месеци – и натаму пред камерите! – за куќата да стане нивна сопственост.

Едноставна психологија на ликовите

Куќата ја надгледуваат најмалку 26 камери, од кои три се инфрацрвени, под контрола на повеќе од 100 техничари и режисери мобилизирани и дење и ноќе за да обезбедат континуирано телевизиско следење. Каналот М6 програмата ја емитува бесплатно (но, полна е со реклами) во форма на дневна синтеза од 52 минути, а доколку се плати претплата гледачите на интернет или во пакетот на TPS имаат можност да гледаат сè (сцените што се сметаат за шокантни се извадени).

Концептот на емисијата Големиот брат во 1999 година го развила компанијата Endemol (според имињата на основачите) во Холандија. Била емитувана на малиот приватен канал „Veronica“ и веднаш се здобила со огромна гледаност. Станува збор за типична „игра на криза“, што станала популарна по кризата во 1929 година: пример се маратоните во танцување што ги опишува Хорас Мекој во романот „И коњите ги убиваат, зарем не?“ (1935). Оттогаш овој модел на емисија (постојано снимање на волонтери во затворен простор) се извезува во помалку или повеќе одвратни варијанти во дваесетина држави – од Бразил до Полска, од САД до Шпанија, од Аргентина до Шведска или Австралија. Речиси секаде, како и во Франција, ужива неверојатен успех кај публиката (Survivor во САД привлече повеќе од 50 милиони гледачи!), до таа мерка што некои канали на аукција ја продаваа постелнината од креветите или други предмети што ги користеле учесниците и учесничките во реалити емисиите. Како да се работи за глобализација на она што Ани Ле Брун го нарекуваше „процес на општа кретенизација кој ги собира посветените од сите земји, но и од сите класи и возрасти“.

Снимана со помош на камери за надзор или преку еднонасочни огледала, емисијата репродуцира типичен диспозитив на контрола (полициски, затворски, воен), засилен со елиминација на мртвите агли, со употребата на крупни планови, инфрацрвени камери... кои на гледачот му даваат чувство на моќ, контрола, доминација (учесниците и учесничките обично се гледаат одгоре), истовремено зацврстен со заштитничко (патерналистичко) чувство кон доброволните затвореници.

Чувството на семоќност е нагласено и со фактот што ликовите имаат едноставна психологија, лесна за разбирање, особено што во случај на „исповед“ ги откриваат сите клучеви на своето однесување, очи во очи – ги наведува гледачите да се идентификуваат со своите херои од емисијата. И несомнено делумно ја објаснува колективната фасцинација со сцените што се едноставни, празни, банални и шупливи, во кои има толку многу празни дијалози и ситуации. Емисијата секаде покрена огромни контроверзи и дебати, често претерани (во Италија, папата Јован Павле Втори лично интервенирал за експлицитно да ги осуди овие програми).


 40 веб камери за студентите во Охајо

Кратката телевизиска археологија ни овозможува да ги разбереме збирот на знаци и симптоми кои рано го најавуваа неизбежното доаѓање на програмата во која се преплетуваат воајеризмот и егзибиционизмот, надзорот и потчинувањето. Најдалечни траги можат да се најдат во славниот филм на Алфред Хичкок „Прозорец во дворот“ (Rear Window) од 1954 година, во кој неподвижниот репортер фотограф (Џејмс Стјуарт) заради ногата во гипс, е врзан за станот и го троши времето гледајќи ги соседите отспротива. На „скопичкиот“ нагон што нè наведува да гледаме, набљудуваме, „кибицираме“, му одговара нешто сосема спротивно: бесрамниот порив да се покажуваме. А тој нагон, од процутот на интернетот, доживеа еден вид експлозија со помош на веб камерата.

На пример, пред неколку години, петмина студенти, момчиња и девојки од Оберлин во Охајо (САД) секој ден се појавувале онлајн, 24 часа дневно од својата куќа на два ката. Живееле под надзор на 40-тина камери (повеќе отколку во „Loft Story“) распоредени насекаде низ куќата. Тие се само еден пример од илјадници луѓе, самци, парови и семејства кои без никаква нелагодност својата интимност ја споделуваат со корисниците на интернет ширум светот и ги повикуваат луѓето да ги гледаат, практично без никакви забрани.

Во редовните телевизиски програми се умножуваат тнр. треш емисии кои претставуваат луѓе што без срам ги изложуваат своите најинтимни проблеми и најскриени страсти. Една од попознатите емисии е „Џери Спрингер Шоу“ во кои гостите на сцената пред публиката, во делириум ги исповедаат скандалите и неверојатните откритија од своите приватни животи и тоа во присуство на своите партнери или семејството на поучни теми како „Душо, јас се курвам“, „Трудна сум од вашиот маж“, „Мамо дали ќе се омажиш за мене?“, „Мојата мала сестра се проституира“. На крајот сè се завршува со навреди, кавги и тепачка.

И уште полошо, во јули 2000 година, омразата собрана во емисијата на Џери Спрингер, наречена „Лице в лице со ривалката“, го навела парот да ја убие поранешната сопруга на мажот. Оваа која ја гледаат повеќе од 8 милиони луѓе, секоја недела добива 4 илјади повици од Американки и Американци кои се подготвени да откријат сè заради 15 минути слава.

Во Франција, сличен е концептот со „вистински луѓе кои вистински говорат за вистинскиот живот“, адаптиран за емисијата „C’est mon choix“ на јавниот канал France 3. Емисијата кај публиката имаше огромен успех (седум милиони гледачи) и есента 2000 година покрена голема полемика. Темите не беа поинакви од оние во „Џери Спрингер Шоу“: „Сакам да го покажувам своето тело“, „Голтам цела аптека“, „Не поднесувам коса и влакна“, „Не сакам да носам облека“, „Ја изложувам својата приватност на интернет“...

Овие емисии постепено ги поместија границите на она што се претставува и ја засилија конфузијата помеѓу документарното и фиктивното, реалниот живот и фиктивната креација. Во таа смисла, најдиректен претходник на „Loft Story“, без сомнение, е „The Real World“ серија на американскиот канал MTV Music Television. Секоја сезона седуммина млади „од реалниот живот“, избрани од илјадници доброволци, повикани да живеат заедно во куќа или во поткровје кадешто постојано се снимани. Тие не се затворени и водат, ако може така да се каже, нормален живот. Одат на факултет, на работа итн. Секоја година тоа се случува во друг град: Њујорк, Мајами, Сиетл, Бостон... Но, типологијата на младите луѓе (мажи и жени) речиси секогаш е иста: кул момчиња, секси девојки, млади геј момчиња, млади провинцијалци опседнати со секс...

Секој ден, 26 недели во 1992 година MTV прикажуваше епизода со драматично измонтирани најдобри моменти од претходниот ден. Помеѓу публиката на возраст меѓу 12 до 34 години, таа е најгледана емисија од сите што се емитуваат на кабловските телевизии. „Едно од откритијата на оваа емисија за оние што ја гледаат е како различни луѓе успеваат меѓусебно да се разберат и да изградат емотивни врски“, вели Џонатан Мареј, продуцент на серијата.

Успехот инспирараше создавање на многу серии („Сексот и градот“, „Ally McBeal“), а особено култната серија на NBC, „Пријатели“, во која шестмина њујоршки пријатели (Џои, Рос, Рејчел, Фиби, Чендлер и Моника) директно произлегува од „The Real World“. Базирана на идејата дека за младите урбани луѓе, кои ги напуштиле своите семејства, а не основале свои, пријателството е нешто најсилно, серијата „Пријатели“ во просек достигна публика од 23 милиони гледачи. „Во кафето или во заедничкиот стан, на големата софа, кој е амблем на серијата, сентименталните надежи и разочарувања го организираат дијалогот“, пишува Марк-Оливие Падис, аналитичар на овие серии. Четирите пријателки од „Сексот и градот“ се помобилни: посетуваат „фенси“ места во Њујорк и разговараат во различни постановки, понекогаш и на отворено. Во серијата „Ally McBeal“, адвокатската канцеларија, судницата и музичкиот бар се главните места на акција, која и овде суштински се состои од дијалози меѓу пријателите и колегите на работа за приватниот живот, или за процесите (разводи, посвојувања, малтретирања...) што се однесуваат на интимност.

Труман шоу – цел живот пред камери

Два филма се занимаваат со темата на интимност што е изложена пред широка публика: „Шоуто на Труман“ (1998) на Питер Вајер и „ЕДтв“ (1999) на Рон Хауард. Првиот во кој игра Џим Кери ја следи приказната на момче чијшто цел живот од раѓањето, без негово знаење, се одвива во големо студио. Неговиот живот постојано го снимаат десетина камери и се емитува на телевизиски канал. Во вториот филм, документарниот канал True TV во Сан Франциско, заради намалената гледаност одлучува во живо, 24 часа да го следи животот на обичниот човек: Ед Пекурни (кој го игра Метју Меконахи) е продавач во видео клуб, делува како идеален кандидат...

Сето ова претходно, неизбежно мораше да доведе до емисија од типот на „Loft Story“. Умберто Еко ја дели историјата на телевизијата на две етапи: археотелевизија, пред осумдесеттите години, кога на екран можеле да се појават само оние кои имаат важни заслуги (шампион, голем писател, значаен човек...). Тогаш на телевизија се одело во недела, со вратоврска, за да се изразувате на многу точен начин. Тоа беше телевизискиот подиум: пристап имаа само најдобрите.

Потоа доаѓа неотелевизијата (во Франција воведена во осумдесеттите на каналот на Силвио Берлускони, Le Cinq), кога со бројните игри и студиски емисии, публиката директно, без никакви заслуги, им пристапува на екраните, каде што е доволно да бидете природни. Дури и кога сте лошо облечени и зборувате на сленг, имате шанса да станете моментален херој на популарна емисија. Станува збор за телевизија – огледало што треба да ги прикажува луѓето такви какви што се.

Со емисиите од типот „Големиот брат“, како што е и „Loft Story“, направивме чекор напред во нова етапа. Тоа е пост-телевизија. Овојпат публиката (која ја претставуваат доброволните затвореници) има директен пристап, не на регуларна емисија, туку на телевизиска серија, односно на нешто што има изглед на филмска фикција. Симболичката награда не е само нарцисоидното лично задоволство да се биде на телевизија или да се направи едно ефемерно појавување (во игра, натпревар, сведочење), туку се станува и лик во приказната. Она што ја возбудува публиката, а да не мора да е свесна за тоа, е метаморфозата што се случува пред нивните очи - обичните луѓе од реалниот живот, со директна и континуирана магија ги трансформира во ликови, глумци во дејствието, во приказната, сценариото што личи на серија, на фикција. Азиз, Жоана и другите се она што се тие самите, но не само тоа, станувајќи дел од спектаклот, тие стануваат протагонисти, ѕвезди на филмска фикција. А аурата на фикција го олеснува пристапот кон славата.

Во нашите сè помалку солидарни општества, кои стануваат републики на осаменоста, да се гледа како се станува ѕвезда пред наши очи и со таква леснотија, е работа што ја фасцинира (или скандализира) публиката, особено младите. Тие не мора нужно да забележат дека се маркентишки плен. Медиумскиот систем сред војната на конкуренција има френетична потреба за „селебрити“. Сака да ги произведе брзо, како на лента и да ги експлоатира додека се свежи. А потоа да ги отфрли, оставајќи простор за уште понови и посвежи ѕвезди, од кои, исто така, брзо ќе се ослободи.

Во оваа канибалска фаза на масовната култура, како што кажа Ги Дебор, прогресот на потчинување се одвива со неверојатна брзина и се фабрикуваат нови заменливи ѕвезди. Прекаријатни ѕвезди.

Извор: Le Mond diplomatique

Слични содржини

Општество / Живот
Општество / Култура
Општество / Култура / Настан
Општество / Свет / Култура
Општество / Фотографија / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото