1033 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 11:59
Неконтролираниот политички развој, кој создаде пет парламентарни партии на етничките Албанци, ја прави нестабилна политичката ситуација не само кај aлбанскиот блок, туку и на ниво на државата. Како што е случајот со неколкумесечното парализирање на Министерството за здравство, кое негативно се одразува врз целиот здравствен систем.
Немањето нормален развој на политичките партии на етничките Албанци во Македонија придонесува кон постојано раѓање на нови политички инициjативи и изумирање на постарите. Со тоа, историјата на плурализмот кај овој политички кампус претставува целосно друга приказна од таа кај македонскиот политички блок, каде од осамостојувањето на земјата политичката битка се бие главно помеѓу двете најголеми партии – Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата за демократски просперитет (ПДП), која беше првиот владин партнер на СДСМ (1994-1998), фактички одамна припаѓа на политичката историја, додека истата судбина се чини дека ќе ја има и Демократската партија на Албанците (ДПА), партнерот на ВМРО–ДПМНЕ (1998-2002 и 2006-2008). Ваквиот животен циклус на партиите има тенденција да се повторува и кај актуелните политички фактори на Албанците. Новите политички иницијативи продолжуваат да се појавуваат пред скоро секои парламентарни или локални избори, додека тие кои веќе се етаблирани на политичката сцена постојано губат дел од политичкиот терен.
Додека кај политичкиот кампус на етничките Македонци се менуваат генерациите и раководствата во рамките на веќе профилираните две најголеми партии, кај етничките Албанци се менуваат политичките партии.
На што се должи ова? Дали партиите се затвораат во нивните тесни кругови или пак лесно се „трошат“ во владините коалиции?
Наместо реформи – нови партии
Кога беше основана на 15 април 1990, никој не можеше да замисли дека по 12 години ПДП ќе остане со само двајца пратеници. Со најголемиот политички противник ДПА ги одбележаа првите години на политички плурализам, борејќи се да добијат што поголем легитимитет за да ги претставуваат етничките Албанци во институциите на системот. Тоа беше еден период на жестока политичка борба, која наметнуваше и постојани внатрешни реформи со цел да се дојде до посакуваниот изборен резултат.
Така беше сè до парламентарните избори во 2002 година, кога првпат конкурираше тогаш новата партија – Демократската унија за интеграција (ДУИ) на Али Ахмети, која произлезе од расформираната ОНА. Од овие избори, ПДП повеќе не беше најголемата партија на Албанците, додека ДПА на Мендух Тачи доби нов и скоро непознат политички конкурент. ДУИ извојува очекувана победа, со што ја испрати во историја најстарата партија ПДП. Наместо да се пристапи кон преговори за внатрешна реформа во ПДП, кои би значеле инкорпорирање на политичкото крило на ОНА во партиската хоризонтала и вертикала, водството на оваа неформална политичка група одлучи да формира нов политички субјект, иако и двете групации гравитираа кон левата идеолошка матрица.
Истиот процес ѝ се случи и на ДПА во 2008 година, кога поголема фракција на чело со тогашниот потпретседател Имер Селмани одлучија да формираат нова партија – Нова демократија (НД), со цел да ја потиснат партијата на Тачи. По изборниот пораз на предвремените парламентарни избори во 2011, НД престана да постои, но не и намерата да се потисне ДПА. На предвремените парламентарни избори во 2014 година партијата на Тачи доживеа уште еден последователен изборен пораз од ДУИ, по што тогашниот градоначалник на Струга Зијадин Села одлучи да формира нова партија, која ја именува Движење за реформи во ДПА.
Но и ДУИ не беше имуна на нападите од новите партии. Од партијата на Ахмети произлегоа неколку помали партии, додека посериозна група е таа што ја формираше БЕСА. Билал Касами, претседателот на оваа партија, која беше основана во 2015 година, во периодот 2004-2006 беше државен секретар во Министерството за економија како кадар на ДУИ, која тогаш беше дел од владината коалиција со СДСМ. На предвремените парламентарни избори во 2008 година, Касами беше кандидат на ДУИ во изборната единица 6. Но, не успеа да стане пратеник заради тоа што беше 13-ти на листата на кандидати, чиј носител беше лидерот Али Ахмети.
На последните предвремени парламентарни избори во 2016 година, по период на тешка политичка криза, БЕСА успеа да ги преполови гласовите на ДУИ, додека Алијансата на Албанците (АА) предводена од Села ја потисна ДПА на Тачи.
Непринципиелни коалиции за поголеми компликации
Тоа што е карактеристично за политичкиот блок на етничките Албанци во Македонија е динамиката на формирање и на згаснување на политичките субјекти. Постојано имаме појава на нови партии, кои ги потиснуваат старите, и тоа се повторува од осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година па до денес.
Ваквата ситуација извира од две причини. Прво, политичките партии на етничките Албанци не успеваат да ја апсорбираат новата политичка енергија која се појавува во одредени временски периоди. Или, пак, ги затвораат вратите за нови политички фигури и ги маргинализираат сите партиски функционери кои одвнатре се залагаат за реформирање на субјектот. Второ, отсуството на мерит-системот ги демотивира сите оние партиски функционери да ја продолжат нивната политичка кариера во нивните партии, при што решение се наоѓа во формирање на целосно нови субјекти.
Целиот овој неконтролиран политички развој, кој на последните парламентарни избори создаде безмалку пет парламентарни партии на етничките Албанци – ДУИ (10), БЕСА(5), АА (2), ДПА (2) и НДП (1), ја прави нестабилна политичката ситуација не само кај албанскиот блок, туку и на ниво на државата. Ова од причина што денес кревкото ново парламентарно мнозинство, составено од СДСМ-ДУИ и АА (од каде се издвои НДП со пратеникот Весел Мемеди), барем досега зависеше од коалицијата предводена од Села.
Притоа, поголем хаос создаде одлуката на владината АА во вториот круг на локалните избори да коалицира со опозициската БЕСА. Оваа коалиција, која беше оценета како непринципиелна заради учеството на АА како партнер во владата, предизвика заострување на односите најпрвин со ДУИ, а потоа и со СДСМ. Коалицијата АА-БЕСА, пак, предизвика уште една неприродна коалиција ДУИ-ДПА.
Партијата на премиерот Зоран Заев, сепак, не успеа да остане неутрална во оваа условно кажано „внатре-албанска“ политичка битка, застануваќи зад ДУИ во вториот изборен круг. Оваа одлука беше донесена по информациите дека коалицијата АА-БЕСА била поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, при што се заострија односите и помеѓу Заев и Села. Поддршката на СДСМ дојде откако ДУИ успеа да ги мотивира нејзините гласачи да гласаат за кандидатите на СДСМ во Град Скопје и нејзините општини, Куманово и другите единици на локалната власт каде оваа партија има членови. И токму оваа поддршка од СДСМ им пресуди на Села во Струга, на Касами во Тетово и на Зекирија Ибраими во Чаир.
Овие тесно-партиски математики создадоа владина мини-криза, која остави празни неколку клучни позиции во владата, особено Министерството за здравство.
Иако премиерот Заев најави разрешница на кризата, сепак тешко е да се очекува „мир“ во владината коалиција во ситуација на немање доверба помеѓу партнерите. Парадоксот лежи во фактот што АА инсистира да остане дел од владата, но истовремено да ја засили коалицијата со опозициската БЕСА со цел конечно да ја победат ДУИ на следните парламентарни избори. Една необична ситуација, која најверојатно ќе биде најголемо политичко чудо ако успее да функционира. Во историјата на демократска Македонија не е забележана ваква ситуација, каде една партија која е коалиционен партнер во извршната власт истовремено е и во коалиција со друга партија, која е во опозиција. Затоа, пред АА се две опции: или да ја наметне БЕСА како нов владин партнер, или да ѝ се приклучи во опозиција.
Потребата од коалицирање и профилирање
Ваквиот хаос во албанскиот политички кампус, наместо решенија за клучните проблеми на етничките Албанци и граѓаните на државата генерално, ќе продолжи да генерира проблеми кои уште повеќе ќе ја продлабочат апатијата кај гласачите Албанци.
Ако поголемите партии не успеат да формираат две големи коалиции, тогаш деконцентрираната политичка моќ ќе продолжи да биде опасна и непресметлива за процесите низ кои треба да помине државата. За разлика од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои предводат коалиции составени од неколку помали партии, групи и независни интелектуалци, партиите на етничките Албанци често претпочитуваат да одат сами на избори.
Освен градење коалиции внатре во етничкиот кампус, како следен чекор би требало да биде склучување надетнички сојузништва, или идеолошки коалиции, кои би се официјализирале пред почетокот на изборната кампања. Иако срамежливо, еден ваков чекор веќе направија СДСМ и ДУИ со предизборната коалиција на последните локални избори. За да се случат овие идеолошки партнерства, сепак, ќе биде потребно појасно профилирање на партиите на леви и десни, особено оние на етничките Албанци.
Ако овој хаос на политичката сцена продолжи да биде присутен и да функционира, тогаш од проблем ќе се преобрази во начин на политичко дејствување. Ова можеби ќе им носи придобивки на политичките елити, но најголеми губитници ќе бидат граѓаните. Како што е случајот со неколкумесечното парализирање на Министерството за здравство, кое негативно се одразува врз целиот здравствен систем.
Извор: respublica.edu.mk
Слики: Јакопо Росати