1015 hPa
62 %

12 °C
Скопје - Пет, 14.02.2025 15:59
Скопје, 8 декември 2017
Со концерт на групата „Сложни калуѓери“ и свечено вртење прасе на ражен денес во Градскиот парк во Скопје започна кампањата „Со срце за ДИК“, чија што цел е да собере доволно финансиски средства за членовите на Државната изборна комисија.
Иницијаторите на оваа хуманитарна акција велат дека ја започнуваат истата со цел да соберат доволно пари за подмирување на основните човечки потреби на членовите на ДИК.
„Идејата се роди кога беа обелоденети ниските бонуси на ДИК кои не се доволни ни за еден пристоен оброк на службеници од ваков тип. Срцето ми се кинеше. Морав да преземам нешто, не можев просто да гледам и да седам со скрстени раце“, вели Добротвор Ангелов, еден од иницијаторите на кампањата.
Неговата колешка Ангела Добревска, пак, ги повика граѓаните освен финансиски средства, да донираат и разни други корисни предмети кои би можеле да им се најдат на членовите на оваа маргинализирана група.
„Златен часовник, сребрена лажичка, ваучери од разни продавници, резервации од хотели, апартмани, козметика, резервни делови за автомобили, кавијар, дрва за огрев, мобилни телефони, лаптопи, соларни панели... не се знае што сè може да им биде од корист на овие кутри луѓе“, вели Добревска.
Таа додава и дека суровата судбина на членовите на ДИК не ги остави рамнодушни ниту најмладите, кои заедно со своите родители веќе собираат средства за новогодишни пакетчиња за Државната изборна комисија.
„Се надевам дека уште следните избори членовите на Комисијата ќе ги дочекаат достоинствено. Апелираме и до власта да им додели повисоки надомести од државниот буџет, за во иднина акциите од овој тип да не бидат потребни“, поентира Добревска.
Од иницијативата „Со срце за ДИК“ велат дека има масовен одзив кај граѓаните, а се очекува деновиве хуманитарната акција да се прошири и во други македонски градови, како и да бидат отворени линии за донирање по телефон.
Слика: Свирачиња