Авторитаризмот и економскиот раст не одат рака под рака

12.08.2010 11:03
Авторитаризмот и економскиот раст не одат рака под рака

Неколку стотици продемократски активисти неодамна се собраа на плоштадот во Москва за да го изразат својот протест против владините ограничувања на слободата на собирање. Држеа транспаренти на кои пишуваше „31“, со што алудираа на членот 31 од рускиот Устав кој ја гарантира слободата на собирање. Набрзо стигна полицијата за да ги растера демострантите. Водечките критичари на Кремљ и неколкумина други набрзина беа пикнати во полициско возило и беа одведени.

Настаните од ваков тп речиси станаа секојдневие во Русија, каде премиерот Владимир Путин владее со цврста рака; се прогонувааат владините опоненти, се нарушуваат човековите права, а злоупотребите во областа на правдата станаа рутина. Во време кога демократијата и човековите права станаа глобална норма, ваквите повреди на законот не помагаат за зајакнување на рускиот глобален углед. Авторитарните водачи како Путин го сфаќаат ова, но тие очигледно го гледаат како цена која вреди да се плати за несопирливо да владеат дома.

Она што ваквите лидери не го сфаќаат е дека нивната политика претставува компромис меѓу економската иднина на земјата и глобалната економска положба.

Што е подобро за економскиот раст – цврста рака-водителка без притисокот на политичката конкуренција или мноштвото конкурентски интереси кои ја поттикнуваат отвореноста за новите идеи и новите политички играчи?

Источноазиските примери (Јужна Кореја, Тајван, Кина) изгледа дека укажуваат на првото. Но како тогаш некој може да го објасни фактот дека речиси сите богати земји – со исклучок на оние кои своето богатство им го должат само на природните сировини – се демократски? Треба ли да претходи политичката отвореност наместо да го следи економскиот раст?

Кога ќе ги погледнеме систематските историски докази, наместо поединечни случаи, наоѓаме дека авторитаризмот има многу мала врска со економскиот раст. На секоја авторитарна држава која успеала брзо да напредува постојат неколку кои не успеале. На секој Ли Куан Јев (основач и премиер на Република Сингапур од 1959 до 1990 г.) доаѓаат неколкомина како Мобуту Сесе Секо од ДР Конго.

Демократиите обезбедуваат многу поголема економска стабилност која се мери со подемите и падовите на деловниот круг. Тие подобро се прилагодуваат кон надворешните економски удари. Генерираат многу повеќе инвестиции во човечкиот капитал – здравјето и образованието. Тие произведуваат поправедни општества.

Наспроти тоа, авторитарните режими произведуваат економии кои се кревки како и нивните политички системи. Нивната економска способност почива на силата на поединецот или на моменталните поволни околности. Тие не можат да се стремат кон продолжување на економските иновации или кон глобалното економско раководство.

На прв поглед, се чини дека Кина претставува исклучок. Од крајот на 1970-те, по катастрофалниот експеримент на Мао, Кина заврши добра работа и несомнено искуси висока стапка на стопански раст. Иако тоа демократизираше одредени нејзини локални носители на одлуки, кинеската Комунистичка партија и понатаму цврсто ја држи националната политика во своите раце и сликата за човековите права обележана со зачестените злоупотреби.

Но Кина и понатаму е релативно сиромашна земја. Нејзиниот иден економски напредок во голема мера зависи од тоа дали таа ќе успее да го отвори својот политички сиистем да биде конкурентен на истиот начин како што ја отвори својата економија. Без оваа преобразба, непостоењето на институционални механизми преку кои може да се изрази несогласувањето ќе произведува конфликти кои ќе ги совладаат капацитетите на режимот да ги сузбие. Политичката стабилност и стопанскиот раст ќе страдаат.

И Русија и Кина се големи и моќни економии. Нивните примери можат да влијаат на водачите ширум светот да помислат дека и тие можат да се стремат кон економска надмоќ додека го засилуваат заплашувањето на домашните политички опозиции.

Турција, како единствена растечка економска сила на Блискиот исток, до неодамна се чинеше како единствената муслиманска демократија во регионот. За време на првиот мандат, премиерот Реџеп Таип Ердоган им ги намали некои од ограничувањата за курдските малцинства и спроведе реформи кои го изедначуваат правниот режим на земјата со европските норми. Меѓутоа, неодамна Ердоган и неговите сојузници започнаа прикриена кампања за заплашувања на противниците и цементирање на владината контрола врз медиумите и јавните иснтитуции. Беа уапсени стотина воени офицери, академици и новинари врз основа на лажни обвинувања дека поттикнувале тероризам и политички пуч.

Таквиот пресврт во правецот на авторитаризмот не и’ носи добро на турската економија, наспроти нејзините силни основи. Би требало да се осврнат на економските сили како Бразил, Индија и Јужна Африка, кои веќе ја завршија демократската транзиција и мала е веројатноста дека ќе назадуваат. Се разбира, ниедна од овие земји не е без проблеми. Бразил мора да стекне целосен економски динамизам и да најде пат кон брзото напредување. Индијската демократија би можела да биде осуетена во својот отпор кон економските промени. И Јужноафриканската Република страда од шокантно високата стапка на невработеност.

Но овие предизвици не се ништо во однос на важната задача за институционалната преобразба која ги чека авторитарните држави. Не треба да се изненадиме ако Бразил ја остави Турција далеку зад себе, ако Јужна Африка ја надмине Русија, а Индија ја престигне Кина.

Авторот е професор по политичка економија на универзитетот Харвард.

Извор: danas.rs

Цртежи: Cadavres Equis

ОкоБоли главаВицФото