романија. fin dè siècle

09.12.2017 14:18

најпосле ја знам подлоста на кротките луѓе
ги познавам луѓето со мокри и округли раце,
готови секого да погалат

има денови во кои
секој од нас
може да биде недоследен и за жалење.
одлуката да не се умре
да се опстои
ја донесовме и ние
децата на бедата
виновни што сме се родиле
помеѓу два века
помеѓу редица за месо
и редица за јајца
за божик нам ни се прикажаа во живо
луѓе сторени парампарче
пораснав во утробата на песот
кој онаа ноќ
се прејаде со свеж мозок
денес дознаваме дека луѓето
во кои сме имале доверба
доброволно оделе
да си ги искодошат пријателите во секуритате
предавството сака да ни стане пример
ни дава лекции по добро однесување:
не сексајте се не дрогирајте се
не пишувајте срамни зборови
бидете метафизички
не самоубивајте се
не убивајте си ги родителите

послушно чекаме
нашиот живот
да се испише на хартија

твојата сегашност е како дунав
а иднината како рин
две испружени раце
две раце близначки
едната поцрнета од убоди
другата со изресена кожа

суша на почетокот на векот
кога ни тревата не е веќе тоа што беше
не расте повеќе
на дното од вирчињата со крв
или на местото кај што се распарчени
забите и коските и черепите
еве ја мојата романија:
нејзината иднина започна
заедно со последните
нејзини големи мртовци.
кој ќе умре денес?
поетот.
кого убија денес?
детето.

Превод: Лидија Димковска

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото