Новата европска плишена завеса

09.12.2017 14:58
Новата европска плишена завеса

Дали повторно се крева завеса среде европскиот континент? Ова прашање сè почесто се слуша во Брисел и во другите европски престолнини. Се разбира, не станува збор за истата завеса што го делеше стариот континент во втората половина на 20. век и на која ѝ ја додаваме придавката „железна“. Сепак, од падот на Берлинскиот ѕид, поделбата на Запад и Исток не била толку евидентна како сега, така што завесата не е „железна“, туку „плишена“, каква што е и разлката помеѓу СССР и ЕУ.

Цементирањето на јазот помеѓу двете Европи не се гледа само во авторитарните популистички режими кои се зацврстија во земјите на Вишеградската група и другите источноевропски држави. Разликите стануваат сè повеќе непремостливи околу прашањата за мигрантската, одбранбената, фискалната политика, почитувањето на правната држава и основните човекови слободи и права. На сето тоа се накалемува и разликата во заработувачката помеѓу западните и источните европски држави, а цените и трошоците за живот, кои се сè повисоки, ги нивелираат разликите помеѓу двата табора. Притоа, петтина од населението на некогашните сателити на Москва и тоа на оној најпродуктивниот и најобразован дел, се пресели во западниот дел на континентот.

Поминаа 13 години од влезот во ЕУ на осум источноевропски држави и 10 години од членството на Романија и Бугарија. Оттогаш, атмосферата е во голема мера изменета како последица на серијата кризи: политички, економски, мигрантски. Се случи и Брегзит и Европа стана главна цел на терористичките напади на исламистичките екстремисти. Некогашните држави на комунистичкиот блок, кои со децении сонуваа за основните човекови права, толерантност, правна држава и кои, на почетокот на милениумот, со големи надежи влегоа во ЕУ, им го вртат грбот на некогашните идеали и соништа и сè повеќе го отвораат патот на неолибералната демократија. А граѓаните што не сакаат да се откажат од западните вредности, наместо во своите држави да се борат за нив, заминуваат на Запад, директно помагајќи им на своите противници.

Источна Европа е во егзистенцијална и демографска криза. Од прибалтичките републики, преку Полска, Словачка, Унгарија па сè до Романија и Бугарија. Во последните две децении, 20 милиони луѓе се преселија на западниот дел на континентот. Во некои источноевропски земји тивкиот и многу штетен одлив на мозоци и раце кон старите членки на ЕУ и покрај своите библиски размери е некој вид табу тема за која не се зборува и не постои волја да се види и признае.

Литванија остана без една четвртина од населението, Летонија без третина, Естонија без една шестина од своето население, по правило, луѓе помлади од 40 години. По влезот во ЕУ, повеќе од пет милиони Полјаци ја побарале среќата во Германија, Велика Британија или Франција. Секој трет Унгарец помлад од 35 години го напуштил рајот на Орбан. Од Романија и Бугарија си заминале помеѓу 20 и 25 отсто од жителите, а за разлика од нивните северни соседи, преференцијални дестинации им биле Италија и Шпанија. Излишно е да се подвлекува дека голем дел од источноевропските мигранти припаѓа или на најобразованиот или на најспособниот или на на најхрабриот дел од популацијата. А за да биде подраматично, во сите споменати држави, тие што останале се чувствуваат фрустрирано, како губитници или помалку вредни: некои се уплашени, а некои се лути и бесни.

Тоа прелевање на луѓе прозиведе редица колатерални, негативни ефекти врз развојот на демократијата, правната држава и стопанството во источноевропските држави. Од една страна, миграциите во голема мера го решија прашањето на невработеноста во новите членки на ЕУ, но, бидејќи изгубија третина од работната сила се наоѓаат пред „фискална бездна“ затоа што нема кој да работи, да заработи и да обезбеди пензии за постарата популација. Парадоксално, во ЕУ, од 500 милиони луѓе, неколку нации ризикуваат во догледно време да исчезнат или да банкротираат поради товарот на социјалните давачки што ќе нема кој да ги обезбеди. Затоа, меѓу другото, националистичкиот, расистичкиот и ксенофобичниот наратив лесно поминува помеѓу младите и старите.

Стравот од исчезнување и деградација кај луѓето, особено оние од најранливите категории како што се адолесцентите и старите, ги буди најниските чувства. Со други зборови, државите од источна Европа веќе имаат потреба од странска работна сила и во иднина ќе ја имаат сè повеќе за да го задржат или да го унапредат постоечкото ниво на стандард, а притоа одбиваат да примат макар и неколку стотини бегалци. „Тие (бегалците) и онака би побегнале од Полска во Германија, веднаш штом им се укаже прилика“, вака шефот на полската дипломатија, Витолд Вашчиковски го правда ригидниот став на Варшава.

Од „биг бенг“ проширувањето, разликата во животниот стандард и платите меѓу западноевропските и источноевропските земји се намали незначително, додека цените и животните трошоци се приближија. На пример, најниската плата во Франција, Германија, Велика Британија, Белгија и Холандија е четири пати поголема отколку онаа што за иста работа ја примаат работниците од државите на Вишеградската група, додека во однос на Романија и Бугарија тој распон е шест спрема еден. Истовремено, работниците во западната автомобилска индустрија или онаа за нова технологија, примаат четири до пет пати повисоки плати отколку нивните колеги од Истокот и нема да бидат четири или пет пати попродуктвини, за да се оправда таа разлика.

Парадоксално, многу погласни се премиерите и министрите на западноевропските членки на ЕУ, кои, под притисокот на синдикатите и на домашната јавност, се бунат против тнр. социјален дампинг, отколку нивните источноевропски колеги заради отсуството на намалување на јазот меѓу двете страни на ЕУ. Мултинационалните компании, за да ги максимизираат своите профити, за работа во богатите европски држави ангажираат работници од источноевропските земји, потпишувајќи договори со нив според правила и цени што важат во нивните домицилни држави. На тој начин ги одземаат работните места во побогатите европски држави и ги лишуваат од даночните придонеси.

Освен демографскиот бауч, над Европа кружи и миграциското страшило. Иван Крастев, најценетиот бугарски политиколог во Брисел, има право кога вели дека мигрантската криза имала ист ефект врз ЕУ, како оној што 11 септември го имаше врз САД. Најпознатиот терористички напад во историјата од темел ги измести Соединетите Американски Држави, не затоа што во симултаните напади настрадаа 3.000 луѓе, туку затоа што Американците открија дека се ранливи и на своја територија и дека и ним може да им се случи, она што, за жал, е секојдневие на другите меридијани на планетата.

Така, мигрантската криза од 2015 година имаше ефект врз ЕУ. Сами по себе не беа проблем милион или милион и половина бегалци кои се капка во морето во споредба со половината милијарда луѓе што живеат во ЕУ. Проблемот е што ЕУ го откри парализирачкиот страв пред наездата на луѓе што не знае како да ја сопре, а притоа да не се негира себеси, своите принципи и темелите врз кои почива.

Големиот миграциски бран во симбиоза со стравот од тероризмот го разгори чувството на несигурност меѓу граѓаните на ЕУ. Тоа, на популистичките манипулатори, но и на традиционалните партии што сакаа лесно да освојат гласови, им овозможи да ја искористат демократијата како инструмент за исклучување на непожелните, наместо политика која која би работела на решевање на причините, а не на спречување на последиците.

Себастијан Курц, Виктор Орбан, Роберт Фицо, Андреј Бабиш, Јарослав Качињски (иако не е ни премиер, ни претседател на државата, јавна тајна е дека во Варшава неговиот збор е последен) на бранот на исламофобијата, ксенофобијата, антимигрантската политика и заговарањето на Европа на нации, со помош на прибалтичките републики и балканските членки (Хрватска, Романија, Бугарија) имаат потенцијал да формираат некој вид нова верзија на Хабсбуршка монархија во рамките на ЕУ и така да ја засилат својата тежина во однос vis-à-vis со квартетот (Германија, Франција, Италија, Шпанија). Хајнц Кристијан Штрахе, лидерот на Слободарската партија на Австрија која е на пат да влезе во владата, зборува за потребата да се обнови силната и што е можно поголема „Mitteleuropa“. Освен популизмот и антимигрантската хистерија, споменатите водачи ги одликува и склоноста кон тнр. „неолиберални демократии“, како што ги дефинираше Фарид Закарија, како и склоноста кон идејата на директна демократија, односно донесување на клучни одлуки со користење на референдумот како инструмент за изразување на волјата на граѓаните.

Но, споменатите лидери не се согласуваат околу сите прашања. Односот кон Русија е дијаметрално спротивен помеѓу Унгарија, од една страна и Полска и прибалтичките републики од друга страна. Исто така, очигледен е степенот на поврзаност со Берлин, без оглед дали се работи за продлабочување на интеграцијата, економската соработка или новата одбранбена политика што сака да ја реализира Германија на Ангела Меркел. Парадокс во целата работа е што на прв поглед ЕУ и натаму ја има поддршката во споменатите земји. Искусните европски дипломати ја објаснуваат аномалијата дека ЕУ и натаму е повеќе популарна на исток, кадешто партиите победуваат на избори жестоко напаѓајќи ја токму ЕУ, преку фактот што тие се најголеми корисници на европската помош и кредити од тнр. европски кохезивни фондови. Во тековниот буџет на ЕУ, Полска на располагање има 85 милијарди евра, Унгарија повеќе од 25 милијарди итн.

Во западниот дел на ЕУ, популистичките сили не успеаја да ја освојат власта во Холандија, Франција, Германија, Австрија, но остварија толку уверливи резултати што ги присилија тнр. мејнстрим партии од десниот центар речиси да ги усогласат терминологијата и програмите со нивните програми. Кога станува збор за политиката кон мигрантите, речиси нема никава разлика помеѓу она што го зборува холандскиот премиер Марк Рут и неговиот популистички опонент Герт Вилдерс. Токму како што е невозможно да се утврди кој стои зад речениците за мигрантската политика: дали е тоа Народната партија на Австрија или Слободарската партија на Австрија. А многу повеќе отколку што би сакале да признаат и Макрон и Меркел ги приближија своите ставови околу прашањата за мигрантите кон позициите на Националниот фронт на Марин Ле Пен и Алтернативата за Германија на Алис Вајдел.

Од 1980 година до денес, екстремно десничарските партии забележале вртоглав раст на поддршката од избирачкото тело во државите членки на ЕУ. Пред три и пол децении, популистите од десницата имаа имаа поддршка од еден отсто од гласачите, за да стигнат денес до 12 отсто, а поддршката во некои земји или покраини преминува и 30 отсто. Големиот подем на екстремната десница почнува во 21. век. Од 2000 година до денес бројката на нивните гласачи е зголемена за шест пати, од 2 стигна на просечно 12 отсто поддршка. Дополнително, трендот е забрзан во последните девет години, односно од глобалната економска криза во 2008 година. Интересно е што истата година раст бележи и екстремната левица, која беше во постојан пад од почетокот на осумдесеттите години, кога беше на врвот од својата популарност.

Освен глобалната економска криза, на екстремистичките движења на левицата и десницата, во голема мера им помогна и вкоренувањето и ширењето на социјалните мрежи, како неизоставен дел на секојдневието на голем број луѓе. Мнозинството граѓани, особено помладите од 35 години, се информираат преку социјалните мрежи. Заради анонимноста на виртуелниот свет, недостатокот на објективност, хроничниот недостиг на желба да се проверат информациите и површноста на мнозинството корисници, социјалните мрежи стануваат многу плодно тло за создавање поддршка за екстремистичките движења и идеи.

Планот за лансирање на единство во ЕУ на претседателот на Советот на Европа, Доналд Туск, многумина го гледаат како некој вид „тројански коњ“ за креирање на ЕУ во две или повеќе брзини. Туск се прогласи за „чувар на единството на ЕУ“, алудирајќи на фактот дека Европската комисија, според словото на договорот врз кој се заснова Унијата, е „надзорник на почитувањето на договорот“. И пред сè за да стави до знаење дека не се согласува со предлогот на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, да се соединат функциите на претседателот на ЕК и на претседателот на Советот на Европа и на тој начин да се даде уште еден импулс за федерализација на Унијата.

На тој предлог негативно одговорија сите држави од источниот блок, инсистирајќи дека ЕУ не може да ја води еден пилот, туку повеќе пилоти, односно претседатели на држави и влади, давајќи безрезервна поддршка за меѓувладиниот механизам на одлучување. Во тој контекст, Туск и го состави документот чијашто идеја водилка е јакнење на меѓувладиниот механизам на управување со Унијата. „На тој начин ЕУ би се приближила до граѓаните, затоа што би знаеле дека одлуките ги носат претставниците што тие ги избрале, а не безлични еврократи“, Туск ја објасни својата идеја.

Но за да биде усвоен од старите членки, во документот на Туск е уфрлена и реченицата дека во случај да не биде постигнат консензус околу натамошните интеграции, земјите што сакаат, ќе можат тоа да го спроведат. На тој начин се отвораат вратите за остварување на идејата на Германија и Франција да се стави точка на приказната за ЕУ како економски џин и геополитичко џуџе.

Во тој контекст, Макрон и Меркел го поддржаа планот на претседателот на Советот на Европа, Доналд Туск, кој игра на картата на јакнење на улогата на државите членки на ЕУ, на сметка на заедничките европски институции. На прв поглед, таквата реформа е во корист на државите од Вишеградската група и на оние со силни европоскептични сили, но таа остава отворена врата за „подлабоки интеграции“ на оние држави кои тоа го сакаат.

За да ја зајакнат својата позиција, Меркел и Макрон во „собата со копче“ сакаат да ги воведат и своите колеги од Рим и Мадрид и така да создадат хегемонски „квартет“. Иако, како што откриваат дипломатски извори на „Недељник“, во Италија и во Шпанија имаат одредени резерви зашто во планот на двајцата М-М гледаат предност само за Франција и Германија и само по некоја за нив.

„Ми се чини дека тука ние доаѓаме како икебана, да го аминуваме тоа што тие ќе го одлучат и да покажуваме единство на семејните фотографии. Иако сè може да се промени идната година, во зависност од тоа кој ќе победи на изборите во Италија и како ќе заврши приказната со Каталонија во Шпанија и со Рахој“, вели нашиот соговорник.

Макрон и Меркел веќе и не ја кријат амбицијата да ги соединат своите државни апарати (полиција, војска, разузнувачки служби) и да направат некоја симбиоза на националните суверенитети кои се поклопуваат. Дел од истиот наратив е и фузијата на францускиот гигант „Алстом“ и германскиот „Сименс“ што ќе создаде колос во индустријата на шински возила со околу 60.000 вработени и капитал од милијарди евра.

„Французите и Германците направија пакт за речиси сите прашања и станува збор за договор кој оди многу подалеку од обичен договор меѓу Меркел и Макрон. Локомотивата Берлин-Париз не сака да остави a-priori ниедна членка на ЕУ која сака да учествува во работата на групата за реконструкција на ЕУ, но сите ќе мора да ги почитуваат новите правила што нема да предвидуваат вето, литургии и бавност, со кои се карактеризираше досегашната ЕУ. Но, имајќи предвид кои критериуми ќе бидат применети, уште од сега се профилира дека Керневропа нема да има повеќе од 10, максимум 12 членки“, објаснува еден од „шерпасите“ инволвиран во целиот процес.

Едно од спорните прашања кое уште не е разрешено помеѓу Берлин и Париз, е ресорот на заедничкиот министер за финансии, односно новата фигура што ќе биде креирана во градите на ЕУ. Според замислата на Германија, новиот министер на еврозоната би требало да има овластувања да ги контролира националните буџети и почитувањето на договорените параметри и регулативи. Всушност, некој што би бил надзорник на виртуозното однесување на земјите членки. Франција, со поддршка на Италија, би сакала новото заеничко министерство да има на располагање и голем буџет за инвестиции, со цел да се обезбеди економскиот раст и поголема вработеност во државите членки, како и за реформи што би придонеле за да се надмине големата асиметрија помеѓу членките. Идејата водилка е да се пронајде компромис на линија Германија да ја „отвори чешмата“ за инвестиции, а за возврат, Франција, Италија и останатите членки би се обврзале стриктно да ги почитуваат усвоените правила.

Слушајќи што зборува полскиот шеф на дипломатијата, Витолд Вашчиковски, земјите од Вишеградската група ќе се борат до последниот атом на силите за да го спречат создавањето на Керневропа.

Вашчиковски и неговите колеги од источноевропските земји веќе тргнаа во офанзива. Првата цел им е да го минираат создавањето на европска одбранбена политика и Европски вооружени сили. Декларативно, тие не се против европска одбранбена политика, но се прашуваат каква е потребата од неа, кога веќе постои НАТО. И така директно ставаат до знаење дека нивниот приоритет е Северноатлантската алијанса.

„Не разбирам од каде сега пари за европска одбранбена политика и Европски вооружени сили, а само пет земји на ЕУ, меѓу кои и Полска трошат 2 отсто од БДП за одбрана. НАТО веќе е наша одбрана, зошто да правиме нова? Германците и Французите прво нека ја испочитуваат обврската - за НАТО 2 отсто од БДП и договорот за соработка што неодамна го потпишаа ЕУ и НАТО“, порачува Вашчиковски. Очигледно во Полска повеќе му веруваат на Вашингтон, заедно со Доналд Трамп во Белата куќа, отколку на Меркел и Макрон. Контрадикторни се и повиците кои доаѓаат од лидерите на источните земји што повикуваат на единство во ЕУ, а притоа водат егоистични политики и се грижат исклучиво за своите интереси.

„Наспроти сите проблеми, препораки, стапици, кратковидите, теснонационални политики, ЕУ веќе е толку економски поврзана и интегрирана што нема ризик да се распадне. ЕУ е многу пожилава отколку што мислат нејзините противници и тоа најдобро се гледа на примерот на преговорите со Велика Британија за излезот од ЕУ. Сега на сите им е јасно дека Обединетото Кралство, од бракот со ЕУ, излегува пенализирано и дека хазардерскиот потег не се исплатеше. Може само да се замисли колку би платите другите членки ако тргнат по патот на Лондон“, заклучува наш извор во институциите на ЕУ.

Во целава оваа приказна има една добра вест за Србија: во Европа со повеќе брзини растат шансите, во догледно време, навистина да влеземе во ЕУ. Навистина, би влегле во онаа најбавната, но од некаде мора да се тргне, па до некаде ќе стигнеме.

Извор: Nedeljnik
Слики: Ахмет Ајканат

ОкоБоли главаВицФото