Поставени се отрови за кучиња на високо-фреквентни локации

11.12.2017 03:25
Поставени се отрови за кучиња на високо-фреквентни локации

По инцидентот и каснување на повеќе граѓани од напуштено расно куче кое со сигурност имало сопственик, во медиумите се пласираа непроверени информации за повторни напади од куче скитник на ул. „Перо Наков“ и со тоа се придонесе за создавање паника, страв и дезинформирање на севкупната јавност.

Посочуваме дека станува збор за напади од истото куче, а не од куче-скитник како што се вели, и повикуваме сите медиумски представници да го контактираат МВР за да се потврди нашето тврдење. Повикуваме во специфични и изолирани случаи како овој со кој се соочивме да се известува само за проверени податоци, да се дејствува совесно и трезвено, затоа што во спротивно се создава целосно лажна слика и граѓаните се доведуваат во опасност. Лажните податоци не носат добро никому туку создаваат хистерија, а граѓаните и животните ги изложуваат на многу поголема опасност, опасност од отрови кои во моментов масовно се злоупотребуваат и од кои и човечки жртви се само прашање на време!

Во текот на денешниот ден, како резултат на непроверената вест за повторни напади од кучиња, отрови се поставени на високофреквентни локации во Центар , Карпош и Аеродром, а се отстранети од одговорни граѓани и активисти кои на овој начин исто така се изложени на опасност затоа што одредени нервни отрови го загрозуваат животот и со самото вдишување.

Ги повикуваме институциите да преземат конкретни мерки, да ги евидентираат/казнат сите лица кои во храна поставуваат нервни отрови, фатални како за животните така и за луѓето, и кои дејствуваат во потполна разорна моќ во само 10 минути, дури и пократко.

Животните не се закана во Скопје, ниту во нашата држава. Издвоените слуаи како овој не смеат да бидат третирани со сензационализам. За природата на животните не смее да говори исклучокот, кучето било и ќе биде најверен човеков пријател. Животните не се виновни што завршиле на улица и нема да ги снема со убивање, туку само и исклучиво со масовна стерилизација на бездомните и воспоставување на контрола врз причинителот бр. 1 за нивното постоење – неодговорното чување, неконтролираното размножување, фрлањето на милениците на улица.

Крајно време е за суштинско редефинирање на законската рамка која го одредува одговорното чување миленик, со што прецизно ќе се постават одговорностите, обврските, ќе се одредат казни за напуштање и неконтролиран расплод. Во услови какви што се во Македонија, Анима Мунди уште стои и на предлогот за задолжителна стерилизација на миленик , освен во случаи на регистрирана одгледувачница за што се плаќа данок.

Извор: А1он