1009 hPa
94 %
16 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 08:59
На 8 декември, Златко Трајковски (Хинки Мигдал) замина во вечноста. Уметник, музичар, познавач на современата музика, една од клучните личности на македонската авангарда во осумдесеттите години на 20-иот век, кој остави голема трага во новите форми на уметнички праткити во Mакедонија. Беше и еден од членовите на уметничката група ЗЕРО.
Роден во Скопје, 1960 година. Студирал графика на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (во класата на професорите Димитар Малиданов и Димче Николов).
Од 1986 година почнува да се занимава со колажи, со кои најпрво изведува анимации во видео проекти, а подоцна ја користи оваа техника самостојно, често внесувајќи ги овие дела во своите инсталации. Од 1987 година се занимава со видео: "Closeness", 1987 (со А. Станковски и Х. Поп-Дучев); "The Song of Love" (со А.Станковски), "Кокино" (со А.Станковски и Д. Абјаниќ), 1996, "Драма на Прогонот"...
Во 1991 година во Скопје реализира шест перформанси: март, Центар за култура и информации - "За пролетта што нема да дојде"; јуни, Дом на младите "25 мај"- "Во земјата Мордор"; јули, Куршумли ан - "Седиште на милосрдието"; октомври, Дом на младите "25 Мај" - "Ехолалија"; декември, настан во Даут-пашин амам.
Февруари 1995 година, МКЦ - "Ouch Puch".
Позначајни самостојни изложби и акции:
1988 - Дом на младите "25 Мај", Скопје 1989 - Дом на младите "25 Мај", Скопје, "Closeness" 1990 - Дом на младите "25 Мај", Скопје (со И.Тошевски) 1993 - Галерија "Мијачки зографи", Скопје, "Олтар" 1994 - Музеј на Град Скопје, Скопје 2003 - Мигдал - музичко издание 2006 - Национална галерија на Македонија, Мултимедијален центар Мала Станица, Скопје, Re4m, перформанс...
РЕАКЦИИ ПО ПОВОД СМРТТА НА ХИНКИ
Катица Трајковска Абјаниќ
Пред дваесетина дена ми го донесе “Голем“ на Густав Мејринк. Во очите ти видов радост што ете конечно ќе го прочитам ова твое омилено дело за кое ми зборуваше толку често и секогаш со толкаво воодушевување колку што ми зборуваше за „Господарот на прстените“, „Хобит“ и „Ангелот од западниот прозорец“.
Неколку дена потоа ми ја донесе и книгата „Кабала“ од Гершом Шолем со обележана 184 страница, каде што авторот тргнувајќи токму од романот на Мејринк истражува од каде доаѓа претставата за Голем, служејќи се при тоа со прастари јудејски извори.
Таков беше ти. Систематичен, продлабочен, аналитичен, креативен до коска. Интелектуално супериорен. Музиката беше твоето дишење, а погледот го остваруваше со боите и формите на имагинацијата.
Имавме различни вкусови и за музиката и за сликарството. А се разликувавме и во однос на темата – хедонизам. Сепак ти беше повеќе расположен да се согласиш со моите афинитети, отколку што јас бев подготвена да бидам толерантна кон твоите. Извонреден слушател, знаеше бравурозно да водиш дијалог, врамен во дискреција и ретка сочувствителност. И само со тебе можев долго да разговарам за „најоткачени“ теми, спонтано и без какво и да е оградување.
Родендените ни се еден до друг. Мене на 20 април, тебе на 21 април. Ги обожававме и им се радувавме на белите торти што мама ни ги правеше. Кога ти се роди, јас имав девет години. Бев сведок на твоето бурно созревање, присутна на многу пријатни и помалку пријатни епизоди од твоето постоење. Јас твојата сестра Кети.
Благословена сум што те имав и што се уште си мој брат. Го имавме најголемото богатство - нашата взаемна љубов.
Не е фер! Ќе ми фалиш на неделните ручеци од последните седум години. Ќе ми фалат и твоите пледоајеа за колоритот на храната и комбинацијата на вкусовите, вљубенику во зборот МИГДАЛ.
Ќе ми фали воодушевувањето и енциклопедиското знаење за музиката од нашето време, кое ни ги пренесуваше мене и на Ена.
Ќе ми фалат часовите во кои ги споделував сите детали што ми минуваа низ глава создавајќи интимна исповед за дијагнозата што ја живеам.
И да се вратам на книгата ГОЛЕМ. За неа ќе можам да ти зборувам кога најверојатно ќе се сретнеме во некоја друга димензија., низ чија светлина, верувам, сега со леснотија се движиш.
Зоран Ристевски
РИП за колегата од првата постава на Канал 103 од кого научивме дека со уметност се брани и доосвојува слободата. Хинки беше вистински легендарен лик на скопската уметничка авангарда!
Дејан Шкартов
Ахххх... ХИНКИ, големиот скопски и македонски УМЕТНИК што поставуваше нови маркери на нашиот уметнички израз!
Си почина денес - на Светиот празник Св. Климент Охридски!
Многу му било тешко, сам, беспомошен...
Мелентие Пандиловски
РИП Златко. Беше еден од уникатните ликови на Скопје. Тоа Скопје што веќе го нема.
Борјан Заревски
Хинки, брате роботе... тоа што вчера ти беше душа, сега се атоми и треперат на друга музика. Ич кур да не
те боли. Кип ин тач.
Ана Чушкова
Еднаш кај Хинки ја гледавме сликата Ерусалим на Вилијам Блејк барем еден час. Ја гледавме, ѝ се радувавме. Беневолентно ме остави по прв пат да ја видам.
Сецко Сеад Хаџиќ
Ех... Ваквите Rock& Roll фраери се укинати, ги нема веќе одамна... Јака серија беа!
СловоКулт
Тажни сме што Хинки си заминал. Голема почит и признание за неговиот удел во македонската музичка и културна сцена. Нема да се заборави.
Ова е една од најдобрите песни во целокупната македонска музичка продукција: