Второ издание на КРИК - фестивал за критичка култура

11.12.2017 12:25
Второ издание на КРИК - фестивал за критичка култура

Второто издание на КРИК Меѓународен фестивал за критичка култура ќе биде отворен на 14 декември (четврток) во Музеј на современа уметност – Скопје, со почеток во 19 часот.

Пред официјалното отворање, во среда (13 декември, од 11- 17 часот) и четврток (14 декември, од 10 – 17 часот) ќе се одржат семинарска подготовка на колаборативниот перформанс „За настанувањето“ предводена од Дмитри Виленски, Олга Егорова, Оксана Тимофеева и Нина Гастева (колектив Что делат, Русија) и Семинар за пишување критика „Светот околу нас – критичките ставови во регионот“.

По свеченото отворање на кое ќе се обрати Роберт Алаѓозовски, министер за култура на РМ, ќе се одржи презентација на работата на колективот Что делат и воведно предавање „Вештерство и солидарност” на Оксана Тимофеева, а потоа и проекција на филмот „Palace Square 100 Years After. Four Seasons of Zombie“ (2017).

Учесници на овогодинешниот фестивал се: Колективот „Что делат“ (Дмитри Виленски (РУ), Оксана Тимофеева (РУ), Олга Егорова (РУ), Нина Гастева (РУ), Сузана Милевска (МК), Миљенка Буљевиќ (ХР), Небојша Вилиќ (МК), Антонија Летиниќ (ХР), Лука Остојиќ (ХР), Владимир Јанковски (МК), Лујо Парежанин (ХР), Весна Милосављевиќ (СРБ), Лара Плавчак (СЛО), Миха Келемина (СЛО).

Програма на фестивалот:

13.12.2017, среда

11:00 – 17:00 Семинарска подготовка на колаборативниот перформанс „За настанувањето“ предводена од Дмитри Виленски, Олга Егорова, Оксана Тимофеева и Нина Гастева (колектив Что делат, Русија)

14.12.2017, четврток

10:00 – 17:00 Семинар за пишување критика „Светот околу нас – критичките ставови во регионот“ – Антонија Летиниќ, Лука Остојиќ, Миха Келемина и Лара Плавчак
11:00 – 17:00 Семинарска подготовка на колаборативниот перформанс „За настанувањето“ предводена од Дмитри Виленски, Олга Егорова, Оксана Тимофеева и Нина Гастева (колектив Что делат, Русија)
19:00 Отворање на фестивалот: Министер за култура на Република Македонија Роберт Алаѓозовски
19:30 – 20:30 Презентација на работата на колективот Что делат
20:30 – 21:15 „Вештерство и солидарност” – воведно предавање на Оксана Тимофеева
21:15 – 21:50 Проекција на филмот „Palace Square 100 Years After. Four Seasons of Zombie“ (2017)

15.12.2017, петок

10:00 – 17:00 Семинар за пишување критика „Светот околу нас – критичките ставови во регионот“ – Антонија Летиниќ, Лука Остојиќ, Миха Келемина и Лара Плавчак
11:00 – 17:00 Семинарска подготовка на колаборативниот перформанс „За настанувањето“ предводена од Дмитри Виленски, Олга Егорова, Оксана Тимофеева и Нина Гастева (колектив Что делат, Русија)
20:00 – 21:30 „Светот околу нас – критичките ставови во регионот“ – разговор со локални и регионални куратори и критичари
Учесници: Миљенка Буљевиќ, Антонија Летиниќ, Лука Остојиќ, Лујо Парежанин, Весна Милосављевиќ, Лара Плавчак, Миха Келемина и Небојша Вилиќ.
Модератор: Владимир Јанковски

16.12.2017, сабота

10:00 – 17:00 Семинар за пишување критика „Светот околу нас – критичките ставови во регионот“ – Антонија Летиниќ, Лука Остојиќ, Миха Келемина и Лара Плавчак
11:00 – 17:00 Семинарска подготовка на колаборативниот перформанс „За настанувањето“ предводена од Дмитри Виленски, Олга Егорова, Оксана Тимофеева и Нина Гастева (колектив Что делат, Русија)
20:00 – 21:30 „Ефект на пеперутката: од ветувањето на институционалната критика до потенцијалите на активистичката уметност” – воведно предавање на Сузана Милевска
20:45 – 21:30 Модериран разговор со Елена Вељановска

17.12.2017, недела

11:00 – 17:00 Семинарска подготовка на колаборативниот перформанс „За настанувањето“ предводена од Дмитри Виленски, Олга Егорова, Оксана Тимофеева и Нина Гастева (колектив Что делат, Русија)
19:00 Јавен перформанс на Что делат и локалните учесници
21:00 Затворање на фестивалот

Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала

„Алиса: Ќе ми кажеш ли, те молам, по кој пат треба да тргнам од овде?
Мачорот: Тоа зависи, во голема мера, од тоа каде сакаш да стигнеш.
Алиса: Не ми е гајле каде.
Мачорот: Тогаш не е ни важно по кој пат ќе тргнеш.
Алиса: ...сѐ додека да стигнам некаде.
Мачорот: Ах, сигурно ќе стигнеш доколку одиш доволно долго.“

Луис Керол, Алиса во земјата на чудата

КРИК – фестивал за критичка култура[1] има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.

КРИК ќе застане во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор. КРИК е платформа низ која ќе се истражуваат и изучуваат можностите за проникнување меѓу естетското и политичкото, меѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, меѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба.
Второто издание на КРИК – фестивал за критичка култура, продолжува да ги истражува односите и проникнувањата на културата – уметноста – политичкото – политиката, преку критичка рефлексија, експеримент и лабораторија преку кои ќе се преиспитуваат парадигмите на моќта, еманципаторските крстопати на политичкото и на естетското во патеката што комуницира со сите репресивни облици врз граѓанството поврзани со образовните, социјалните, културните, политичките, медиумските права и слободи.

Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала е генералната тематска поставеност на овогодинешниот КРИК, кој се реализира со партнерска соработка со Курзив и Kulturtreger од Хрватски, SCCA – Љубљана од Словенија и SEECult.org. Во рамки на фестивалот отвораме и уште една тематска линија Светот околу нас – критичките ставови во регионот, која се застапува за развој и релевантност на критичката валоризација на уметничката продукција, укажувајќи на нужноста за едукација на автори кои критички ќе рефлектираат во полето на современите уметнички и културни продукции во сите медиуми.
Читајќи го општествениот текст на заедничкото и поединечното, се најдовме исправени пред конфузијата што ја создава неврамената, некозистентната темпоралност врз која почива концептот на историската, но и на социо-културната транзиција.

Од формите на еманципација на работниците до режимите на идентификација со уметноста, од принципите на демократија до транзицијата во нејзините первертирани контексти, од теоријата на интелектуалната еднаквост до формите на задолжителен консензус изградени врз доминантниот апаратус, се чини дека живееме заробени во нашиот одраз на раскршените огледала на политичкото кое го илуминира и дизајнира уметничкото. Консензусот во секој транзициски историски, социо-културен контекст ја проголтува слободата која може да ја произведе само дисензусот, само разликувањето.
Оттука го поставуваме прашањето, што е транзиција? Која беше нејзината цела? Како да процениме дали таа беше успешна или не? Дали транзицијата можеше да успее и дали таа некогаш завршува? На крај, какви идентитети произведува?

Додека го подготвуваме овогодинешното издание на фестивалот, со оглед на моменталните политички промени во Македонија, но и пошироко во Европа, се запрашавме: кои се нашите очекувања од надоаѓачките социо-политички промени и како ние гледаме на моменталните промени што го ре.оформуваат нашето општество?

Сакајќи да ги истакнеме формите на отпор кон тиранијата на транзицискиот, проектен начин на создавање и мислење на слободата, на идентитетите, на „новото“, на современоста низ овогодинешното издание на КРИК се обидуваме да ги истражиме различните практики и знаења кои имплицираат одредена картографија на заедничката културна, уметничка и политичка меморија на копнежот за промена, имајќи ги на ум пресвртните мигови како Октомвриската револуција, Француската буржоаска револуција, па сѐ до нашите социјалистичко-капиталистички транзициони модуси во кои се родија новите травестирани популизми, политички и уметнички процедурални бирократизми и центрирани „демократско-граѓански“ авторитаризми.

Она што нѐ засега во нашата долгорочно истражувачка, но и применлива практика на „лабораториите на параестетското“, низ која се застапуваме за критичката релација на уметничкото и политичкото, овој пат го артикулираме низ темата Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала. Низ оваа тема ќе се проблематизираат разните наличја на побуната во уметноста, која често наликува на стратегиите кои ги нудат цитатот, колажот, монтажата. Затоа, неретко, сведочиме на нејзината миговност, привременост, неконзистентност „проектност“. И токму затоа, таа ја губи својата вредност на концентрација која може да предизвика промена и добива „билборд“ популистичка семантика, наметната од доминантните наративи на моќта.

Едно од прашањата низ кои сме заталкани во уметничкиот и во политичкиот контекст е отсуството на онтолошката рамка во која јасно ќе се покаже дека се поставува наспроти секој облик на власт кој не дозволува артикулација на слободата, и го отвора прашањето за „изневерените револуции“.
Влеговме во несогледлив транзициски синдром во кој нема место за концентрација на „гневот“ и отпорот на начин на кој тој би имал перспектива за темелни промени поврзани со слободата, правдата, солидарноста и благосостојбата.

Отпорот во „добата на транзициите“ добива амблемска, симболичка перформативност која нема капацитет за вредносна промена. А опортуните бранови на огорченост се претвораат во дебатни клубови. Овде и онде се појавуваат и по некои солидни и амбициозни политички проекти или мрежи од локално и регионално значење, но никаде не гледаме артикулирана визија и стратегија која би пружила радикално преиначување на крикот и незадоволството од социјалната и културната ретроградност. Имајќи ја на ум постојаната транзиција, нео-либералната реалност што полека надоаѓа и социјалистичко минато на нашата земја, си го поставивме прашањето каде се наоѓаме и кон што се стремиме? Овие прашања ги поставуваме од точката која е во нашиот домен на интерес: интерсекцијата на Уметноста и Општеството, и сакаме да ги посматраме овие проблеми преку неколку различни кураторски и уметнички позиции.

Свесни за овие различни темпоралности на егзистирање на социјално и политичко ниво, ние би сакале да придонесеме во социо-политичкиот пејзаж, како и да го изостриме нашето разбирање за улогата на Уметноста и Културата во општеството.

Потенцијалното количество страдања, беда и неправда би требало да предизвика отпор и гнев што би воделе до промена со десет пати посилен интензитет од оној во 1917 година, особено доколку ги имаме предвид многу подобрите можности на информирање од тогаш до денес. Сепак, огорченоста не покажува веќе артикулирана утопија која ќе нѐ извади од замката на втолпеноста. Радикалноста се сведе на ниво на проектно-естетски став, можеби филозофски хабитус, а го изгуби значењето на политичка стратегија. Критичкиот нагон му го остава приматот на билбордот, на масовно препознаениот популистички јазик, како место на кое се рекламира промената на светот.
На крај, со поставувањето nа темата Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала, ние исто така сакаме од одредена аналитичка дистанца да ја искористиме можноста за нови промени во локалниот контекст, како можност за одново обмислување на општеството и одговорноста на уметниците и културните работници за критичко промислување.

Истовремено, не сакаме да ја изгубиме и глобалната слика, онаа на растечки популизам и регресивни политики, лажни вести и дискутабилни новинарски репортажи, како и растечката нееднаквост во нео-либералната реалност; како дел од директните предизвици за одржување на демократските вредности и принципи.

Ова издание на КРИК, во духот на прашањата што ги отвора веќе поставената тема, конкретно ќе се застапува и за еден сегмент кој директно ја засега уметничката продукција – станува збор за критиката и критичката рефлексија. Без критика не може да има вистински исчекор, вистинска промена. Клучното прашање кое ќе се отвори со регионалната партнерска платформа Светот околу нас – критичките ставови во регионот е што претставува критиката денес, со акцент на критиката на уметничките практики и нејзината фрагментираност со процесите што ја условуваат нејзината трансформација.

________________________________________
[1] КРИК преку своите програми ќе придонесува кон поттикнување на критичка рефлексија во однос на современите културни и уметнички практики, како и во однос на социо-културните движења. КРИК ќе ги користи критичките алатки и методологии на уметноста и културата со цел да укаже на одговорноста на културните работници, уметниците како и пошироката заедница во однос на општествените и политичките развојни процеси и промени. КРИК ги промовира и истражува односите, меѓусебните влијанија и поврзаности на релацијата уметност – политика – општество. Во рамки на КРИК ќе се промовираат социо-културните и уметничките практики како важна алатка со која може да се влијае врз општествените промени и преку која може да се укаже на важноста на граѓанското учество во подигање на свеста за улогата на културата и уметноста во развојните процеси на општествената демократизација.

 

 

ОкоБоли главаВицФото