Среќа

12.12.2017 02:08
Среќа

Среќа

Толку е рано што надвор е едвај разденето.
Стојам крај прозорецот со кафето,
и сите обични раноутрински мисли.
Тогаш го гледам она момче и другар му
како тераат по патот, ќе разнесуваат весници.
Носат капчиња и џемпери,
а едниот од нив си го нарамил ранецот.
Толку се среќни што не зборуваат ништо, овие момчиња.
Да можат, си мислам, би се фатиле рака под рака.
Рано утро е, и тие заедно го прават ова.
Се приближуваат, полека.
Небото се облекува во светлина
иако месечината сѐ уште бледо виси над водата.
Толку е убаво што за миг смртта и стремежот,
па дури и љубовта, стојат настрана од ова.
Среќа. Доаѓа од никаде. И го надминува, навистина,
секој утрински разговор за неа.

 


Страв

Страв да не видам како полициска кола ми застанува пред куќи.
Страв да заспијам ноќе.
Страв да не не заспијам.
Страв да не го разбудам минатото.
Страв да не ми побегне сегашноста.
Страв да не заѕвони телефонот во ниедно време.
Страв од електрична бура.
Страв од чистачката со дамка на образот!
Страв од кучињата кои демек не касаат.
Страв од немир!
Страв да не треба да идентификувам тело на мртов пријател.
Страв да не останам шворц.
Страв да не имам премногу иако никој не би поверувал во ова,
Страв од психолошки профили.
Страв од доцнење и страв од прерано пристигнување.
Страв од пликоата со ракописот на моите деца.
Страв да не умрат тие пред мене и да не се чувствувам виновен.
Страв да не морам да живеам со мајка ми кога ќе остари и кога јас ќе остарам.
Страв од нејасност.
Страв дека денов неславно ќе заврши.
Страв да не се разбудам и сфатам дека те нема.
Страв дека нема да љубам и дека нема да љубам доволно.
Страв дека она што го сакам ќе биде погубно за оние кои ги љубам.
Страв од смртта.
Страв од предолг живот.
Страв од смртта.

Го реков тоа.


Превод: Магда Ориѓанска
Слика: Ферел Кордл

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото