1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 21:59
„Луѓето никогаш не живеат… Сè се надеваат дека ќе живеат“, прочитав на корицата на една книга, пред многу години. И ми остана врежано, иако поим немам кој тоа го рекол/напишал…
Цела деценија живуркавме, децата ни избегаа од Македонија, ама јас, ете, сè уште се надевам дека барем нашите внуци ќе живеат во ѓене-ѓене нормална држава… Таму. Или, дури и во Македонија. Нормално, ако се вратат, откако ќе заживее, тоа… животот. За сите. Конечно…
Една година по парламентарните избори, поразениот, некогашниот властодржец, паникосан од лесно предвидливата сопствена иднина зад решетки, се трансформира во сопствена карикатура, со дегутантните инаетења и напињања – да жртвува уште нечија судбина за сопствен спас… Оној кој нè делеше на „антички“ и „Славјани“, „патриоти“ и „комуњари“, „градители“ и „странски служби“, сега повикува на партиска кохезија и на национално помирување?! И со проѕирно-коркачката „сапуница“ околу (не)прифатената, ем (не)отповиклива оставка и обидот да најде нова, расклатена кукла, на која од сенка ќе ѝ ги влече конците, само за да се сочува претрупаното азно, напластувано 11 години од украдените иднини на стотиците илјади поумни, поедуцирани, повешти, подоблесни…, главно млади луѓе кои избегаа од теророт, уџум, преку океаните.
И, иако ги жалам заслепените, неколку стотици, главно повозрасни луѓе, кои мрзнејќи се, со блокади и засипнато врескање (ѓоа-патриотски слогани за вечната, ем библиска Татковина, чие име, нормално, никогаш нема да го сменат клетите непријатели од соседството, домашните предавници и кројачите на белосветските заговори) всушност, го бранат Пастирот, немам ни ронка разбирање за нив.
И особено не за арамиите-душевадници, кои бескрупулозно пљачкосуваа и ја девастираа Македонија, паралелно насладувајќи се, преку прислушување и монтирање пресуди низ „Сваровски“ – судството, и изживувајќи се врз сите инакумислечки… Врз оние простосмртните, обичните минувачи низ сопствените животи, кои за жал на злосторничкото здружение, со време, протестирајќи дотолку се осилија, што од нив „ни едно убиство не може да се сокрие“… Немам разбирање за сите оние кои од анонимуси, неграмотни губитници и давајгазовци, станаа дел од „елитата“… Сеедно дали онаа селската пред „колонијалот“, седната врз гајби, онаа маалската, пред гранапчето, простум, или онаа кичерајската, на баловите, на која ѝ недостасуваа зурли ем тапани, ама не се даваше и ѕенѕаше, како знае и умее. Немам и не можам да имам разбирање за сите кои се омрсија со затворени очи, оние кои устата ја отвораа само за гагаџиски да гнетат што повеќе од софрата која други ја плаќаа… Пред гранапче или на бал, сеедно!
Секако, особено немам разбирање за злосторниците кои беа подготвени и да се пресметуваат (убиваат?) за да го сочуваат туѓото – откраднато, ама и за сите кои се правеа улави и со години ги вртеа главите, додека „патриотите“ нè делеа, нè раскаруваа и грабаа без исаф. За сите оние кои беа стручњаци кои „не се мешаат во политика“, додека деца умираа оти не беше доволна СМС-хуманоста и додека злосторниците нè труеја на сите нивоа, од загадениот воздух, до гнасната медиумска пропаганда… Не е доволно сечикесите само да ги вратат народните пари! Мора и да одговараат. За сè што ѝ направија на Македонија. И, за замижаните немтури да се окуражат и никогаш повеќе да не ја изберат позицијата на молчалива мивка…
Една година по парламентарните избори, во која се случија уште едни избори кои повеќекратно го надминуваа значењето на формирање на нова, локална власт (заради неопходноста од дробење на соблазнителниот систем на владеење и сечење на криминалните пипала на Фамилијата), по едно чудо преговори, панаѓурски, меѓупартиски трговии и збрлавени кадровски карусели, некогашниот опозициски лидер, кого го запознав како градоначалник и ми беше многу симпатичен со ентузијазмот и со неговата нескриената желба за промени, веќе нема право да бара нов тајм-аут, да биде оставен раат за да работи, да добива неподелена поддршка… Стоте дена поминаа, одамна. И уште два пати по толку.
Иако сум наполно свесен што сè преживеа, колкав ризик актуелниот премиер прифати со задачата што ја презема и колку храброст и решителност му требаше и допрва ќе му треба за да се сопре срчосувањето на правната држава, економијата, здравството, образованието… (за ограбената Македонија, лека-полека да почне да се враќа кон цивилизираниот свет), и иако знам колку знаење, упорност и посветеност ќе му бидат неопходни (и нему и на неговиот тим, без оглед дали членовите самиот ги бирал или морал да ги прифати) да се залечат раните од 11-годишниот разурнувачки поход на мафтосувачите и лажговците, времето за вистински чекори – истекува. Како и трпението на сите оние за кои Македонија е навистина шарена и кои не демонстрираа за да се дограбат до фотелји…
Можам само да замислам колку ѝ е тешко на власта. Да се обиде да го поправи сè она што претходниците (ни) го направија. Да менува сè во од, од корен, да го репарира наметнатиот ментален склоп, лупејќи го од главите на послушниците и климоглавците во сите сфери на општествената живеачка, како стиропорните кулиси на „градителите“ (додека сета мизерија на поплавеното „Скопје 2014“, сосе удавените кораби/галии, врби и пливачки, испливува на површина, еве, може како знак на добра волја за решавање на наметнатиот спор со името, да им го подариме на јужните ни соседи „Воинот на коњ“ – да го постават во Пела, на пример, па тие катадневно да си го слушаат Вагнер), да го реставрира нагрденото, одново да го гради – урнатото… И навистина, ја почитувам нивната желба да се смени нешто, да работат поинаку. Зашто, навистина сакам да биде: Беше, да не се повтори! Никогаш!
Ама, веќе нема ни време ни место за чекор назад. За забавување или тапкање во место… Аман со бонусите на ДИК и со развивањето на селски туризам со лет со бизнис класа до Јужна Америка! Аман со АГИТПРОП од сто луѓе! Аман со седуммилионска жичарница – идиотизам, барабар со „Панорамското тркало“ или со зградата на задолжениот „Водовод“! Најлесно е да се преместат спомениците, особено оној на типот со ножот, или оние непрепознатливи статуи на мостовите и покривите… Но, има поважни работи. Мора да се укине синдромот „наше дете“, и роднокрајните, кумовско/сватовски/комшиски врски и протежирања на баби/тешти, како и именувања на партиски дилајли и лепачи на плакати…
Едноставно, власта мора веднаш да се врати во чевлите со кои ги мереше улиците на македонските градови додека беше опозиција и да препрочита што ветувала… За „бомбите“, на пример. Оние кои не ги чувме, а треба, особено во светлото на новото судење за „Монструм“. Или, за „рудниците на смртта“, за ретките, море и за честите болести и особено, за фалсификуваните лекови со кои се трујат граѓаните, за радиоактивниот отпад на депониите, за експлоатацијата на работниците, пред сè, текстилците, за корупцијата, за криминалот кој царува во општеството во кое срамот и моралот се категории од далечното минато.
Ич не прашувам кога оние кои тоа дебело го заслужија – конечно, „че си лежат“. Оти најискрено се надевам дека во најблиска иднина, судската власт, веќе нема да биде подлизурковско – кукавичка, дури ни специјална, туку, нормална и навистина независна…
Извор: civilmedia.mk
Скулптури на сликите: Mechelle Bounpraseuth