Корективи

12.12.2017 02:34
Корективи

Ех, кога сето ова, односно таканаречениот современ македонски хуманизам би можел да се сведе само на куриозитетно малоумните инциденти од типот на „актерине“ од МНТ, дикоглавите (Героски), на фалсификаторине на лекови и останата „хумана“ багра, односно кога тоа би биле само муабети со кафе во некое саботно пладне. Не се сомневам – веќе нѐ има секакви – дека некој можеби така и ќе (сака да) ги види: како изолирани мини скандалчиња, како детска игра, непромислено однесување на безобразни актерчиња, правничиња, фармацевтчиња, иако сето ова и не е така „мини“, ниту е пак изолирано. Иако, според реакциите, тие се сепак малцинство. И секогаш биле, освен на изборите фалсификувани од бандитине! Но, мислам дека таквите „хумани инцидентчиња“ нема да застанат тука, ќе ги има уште, допрва. Зошто? Па затоа што пипците на заробената држава се долги, сеприсутни, сѐ уште активни. Ако тоа не го гледаме тогаш сме слепи. Или барем ќорави. А видливо е од километри! А богами добиваат и достојни следбеници. Оние кои Милчин (со право) ги посочува како „рецидивисти“ но и како „братство по оружје“. А Кристијан Ристевски, во еден негов парадигматичен текст на „Окно“ („Парапетче околу нормалноста“), меѓу рецидивите кај нас ја сместува и целата култура и уметност. И не греши, никако!

И сега јас можам да почнам со (по којзнае кој пат повторените) тези за системските инсталации на бившиот режим во културата но и во целото општество, односно со нивните рецидиви оставени во (нај)важните институции, со нивните „инвестиции“ распоредени на стратешки места, со тромавото справување со таквото „наследство“, дури и со евидентно прикривање на одделни ороводци. Што добиваме со тоа? И државата, односно системот глуми некаков хуманизам во новата македонска ренесанса? Хуманизмот и ренесансата не одат задолжително во пар, како што вели историјата. Тие можат и да се раздвојат, особено денес, зашто поминале многу векови од историскиот поим. Поточно, постои и хуманизам без ренесанса, како што постои и ренесанса без хуманизам. (Особено во услови кога барем еден поим – оној за хуманизмот – е лажен, ништовен, фалшивен!). Како така? Па така што треба да се направи разлика кон кого сакаме да бидеме хумани: кон бившите и/или кон сегашните клиенти, или пак кон остатокот од граѓанството? Кон оние/овие кои упорно климаат со главите или кон оние кои нештата сепак ги гледаат и критички а не само повладувачки?! Не верувам дека постоело, или дека постои, општество што може да ги задоволи обете страни. И впрочем, барем јас не сум подготвен да ги гледам како две страни, зашто едната – онаа бившосегашна клиентелистичка – никако не може, не смее да биде рамноправна страна. Иако се обидува, со сите сили, влегува „под кожа“ таму каде што треба и каде што може. Но таа, повторно, е страната на мракобесието, страната што влече назад во безумието на коруптивната држава. Зошто тогаш таква благонаклонетост кон нејзините протагонисти, таква лажна хуманост кон клиентите од сите бои, а особено кон оние од минатиот режим но и новоиспилениве? Каква полза воопшто може да има новиот систем од „рецидивите и рецидивистите“ освен на црв во кошница зрели јаболка? А тој црв работи, сериозно … И колку такви сѐ уште ги има во самото срце на системот? И кои се тие работи што можат квалитетно да ги сработат токму оние кои така послушно ги следеа наредбите на бившиот режим, без поговор и/или приговор?

Македонското општество, сигурен сум, веќе никогаш не може да се врати во предшарената состојба односно во оние темни времиња на плашлива молчаливост, свиена кичма, уплав и депресивност. Впрочем – каков парадокс! – за тоа сведочат и оние стотина будали кои секојдневно се собираат божем во протест против притворот на пучистите. Шарената гласност дури и ним им ги осоколи гласните жици, па врескаат ли врескаат. Главно глупости, нормално, ама и ним очигледно им се допадна новостекнатата слобода на говорот. Веќе утре тие (ќе) можат да викаат и против своите.

Оттука, јавната и критичката мисла не е непријателот на оваа власт и оваа држава. Таа беше тоа за минатата ненародна, профашистичка власт. За оваа може да биде само добронамерен коректив, каков што всушност и треба да биде кон една демократска јавност. Тоа што (навидум) сериозни поединци, како оние дикоглавине, тоа не можат или не сакаат да го разберат, тоа е сепак само нивни проблем. И таа јавност ќе функционира, во медиумите, но и на социјалните мрежи и секаде каде што ќе најде за потребно. Тоа е неповратен процес! Иако секогаш ќе има ловци во матно, затскриени зад нивната божемна стручност, но многу повеќе зад партијноста, зад врските, зад клиентелизмот. Но, не е баш дека Македонија е навикната на корупција, како што некои сакаат да ни подметнат. Или, ако сакате, како што има навика – има и одвика. И тоа оди малку потешко, ама функционира. А во тој процес токму јавноста – новата јавност! – во сите нејзини облици и манифестации, е главниот нејзин коректив. А во таа нова јавност го гледам и присуството на луѓе од „власта“ на протестите против Казандол. И тоа е, можеби, нашата идна верба, некоја наша нова стварност, за утре, и понатаму!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: ШкАрт

ОкоБоли главаВицФото