Хируршки лепак што може да го замени шиењето по операцијата

12.12.2017 03:55
Хируршки лепак што може да го замени шиењето по операцијата

Американски и австралиски научници произведоа растеглив хируршки лепак кој би можел да го забрза зараснувањето на раната по оперативниот зафат.

Лепакот кој се вика МеТро е толку ефикасен, што може да ја залепи раната дури за 60 секунди. Се нанесува со помош на инјекција директно на раната и е направен е од природниот протеин тропеластин. По нанесувањето, се активира со помош на УВ светло, при што сосема ја затвора раната дури и на мокро ткиво, што го прави шиењето непотребно. Овој производ има голема еластичност, што значи дека може многу добро да делува на органите кои го менуваат својот облик, како што се белите дробови и срцето.

Во студија објавена во списанието Science Translational Medicine се вели дека лепакот брзо и успешно ги затворил резовите на артериите и белите дробови кај стаорците и свињите.

Професорот Насим Анаби од Универзитетот Northeastern вели: „Посебноста на лепакот МеТро е во тоа што кога доаѓа во контакт со површината на ткивото, се претвора во одреден вид гел и не истекува“.

Во изработката на МеТро е користен природен еластичен протеин во комбинација со молекули кои се чувствителни на светлина. Оваа технологија ја развил биохемичарот Ентони Вајс, професор на Универзитетот во Сиднеј, во соработка со професорот Али Хадемхосеини од Медицинската школа на Харвард.

Професорот Вајс го споредува овој лепак со силиконот кој се употребува за лепење плочки во бањата и во кујната.

„Кога го гледате МеТро можете да забележите дека се однесува како течност која ги полни пукнатините и се прилагодува на обликот на раната“, вели Вајс.

Секако, сега е потребно да се извршат бројни клинички тестирања кога станува збор за идната важна примена на нивниот хируршки лепак.

Извор: geek.hr