1032 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 12:59
Ниту едно куче не успеа да се спаси од отровната супстанција расфрлана на јавни површини
Институтот за Судска медицина без колебање прифати да направи токсиколошка анализа. Претходно, ги погледнаа и снимките од многуте кучиња кои во изминатиов период умираа низ речиси сите градови од земјава. Кај сите ги имаше истите симптоми – гушење, нервни контракции налик на епилептични напади, пена од устата и смрт за помалку од еден час. Речиси ниту едно куче не успеа да се спаси од отровната супстанција која беше расфрлана на јавни површини – по паркови, во детски игралишта, па дури и во близина на детски градинки.
Беше најден метомил, супстанција која ја има во добро познатиот отров „ланате“. За првпат, со оваа анализа и официјално се утврди од што умираат дел домашни миленици и улични животни во земјава, но во опасност го доведуваат и човечкиот живот со оглед на тоа што станува збор за еден од најјаките отрови, забранет за продажба во земјоделските аптеки.
„Тој карбаматен инсектицид е нервен отров и го оневозможува пренесувањето на нервните импулси. Тоа е изразено во вид на грчеви во мускулатурата, огромно лачење на плунка, оток во белите дробови, секреција во бронхиите што се манифестира како пена во устата и на крај доаѓа до депресија на центарот за дишење, кома и смрт“.
Владимир Штериовски
Ова е недопустливо!
Отруени, кротки возрасни бездомни кучиња, маалски миленици, вечерва во Карпош 4.
Ова е недопустливо! Расфрлање отров е кривично дело опасно по живот за секое суштество, кобно по животната средина.
Од утре, со група граѓани (бидејќи полицијата тоа не го прави), почнуваме редовни патроли низ градот, секој ден, колку треба, кога треба, кај треба. Ќе бидеме буквално насекаде.
Ќе документираме сомнителни работи, ќе пријавуваме во полиција, ќе ги алармираме сите надлежни со милион повици ако треба, ќе се соочуваме на терен со крволочните престапници и нивните деликти.
Ве молам, проширете ја оваа иницијатива и во вашата општина, да покажеме дека Скопје мора да биде цивилизирано место за живот, а не налудничава дупка во која кој сака може да расфрла отровни материи кои инстантно убиваат. #СтопЗаОтровите #ПријавиТрујач
Ива Апостолска
Отровот може да го набави секоја будала
Колку за информација метомилот (ланате) е високо токсичен инхибитор на холинестеразата (есенцијален ензим на централен нервен систем). Отровот ланате не е само токсичен доколку се земе орално. Тоа е и испарувачки отров што може да предизвика широк спектар на реакции кај луѓето од главоболки до гадење, повраќање, болки во стомакот, чувство на слабост и мускулни спазми...
Денес е понеделник, вие одите на работа, а вашите деца во училиште/градинка, овој отров може под ракав да го набави секаква будала, а во моментов е расфрлен на повеќе фреквентни места низ главниот град на ова што го нарекувате држава. Добро утро и вам!
Мина Ефремовска
Ова е уште еден доказ дека живееме изолирано од секој цивилизиран свет
Насекаде отров по Скопје и луѓе во агонија од тага. Хорор! Ова е уште еден доказ дека живееме изолирано од секој цивилизиран свет. Целосно отсуство на наука и користење на туѓи доктрини за однесување со кучињата скитници. Вака страдаат домашни миленици и недолжни кучиња скитници. За агонијата на сопствениците на кучињава освен сочуство друго не би додал. Вака страдаме и ние како граѓани бидејки ова е тежок блам за тоа кои сме и во каков урнисан систем живееме. Вџашенн сум од тоа колку со години под секое дно знаеме да се протнеме и потонеме уште подлабоко. Сторителите на овој масакр денес по Скопје да бидат фатени и кривично санкционирани. Одма утре!
Зоран Ристевски
Истите психопати
Истите психопати нè трујат подеднакво ладнокрвно со воздух, фалс лекови, храна... не па кучињава.
Срѓан Јаниќиевиќ
Радост за трујачи
Скопје радост ти ќе бидеш. За трујачи.
Владимир Лукаш
Нека разберат клетите кучиња
„Нека разберат
клетите кучиња
македонско име
нема да загине.“
Александар Ковачевски
Тровачка нација
Тровачка нација е таа во која не е регулирано ништо, нема закони, нема институции, нема одговорност, па и најмал инцидент, или човекова несанкционирана неодговорност, повлекува серија на други човечки неодговорности и нечовечности.
Во овој случај за нашите и институционалните неодговорности со живот плаќаат животните, а отровот се шири низ државата и како говор на омраза и нетрпение. Но, суштината е дека буквално се труеме и во нашето слепило убиваме, нанесуваме болка, се оддалечуваме едни од други, на веќе испокарани и далечни.
Тровачка нација.
Ивор Мицковски
Толку ли е проблематично да се направи квалитетен азил за напуштени кучиња?
Толку ли е проблематично (скапо) да се направи квалитетен азил за напуштени кучиња, каде што ќе живеат пристојно? Стварно, тоа никако не можам да го разберам. Проблемот трае со години, во меѓувреме се направија еден куп глупи згради, фасади, бели дворци, споменици и сешто друго за десетици милиони евра, си исподелија бонуси и хонорари од кои боли глава, а ова останува ВСЕЛЕНСКИ ПРОБЛЕМ. Дефинитивно, не можам да разберам.
Миодраг Мишолиќ
Примитивци, бидете СУПЕРИОРНИ и преземете ОДГОВОРНОСТ!
Сè дури не сфатите и прифатите дека ЧОВЕЧКИОТ ФАКТОР е единствен и пресуден кога станува збор за каков било проблем со кучиња, домашни или улични, и повикувате на масовно истребување на тие мили створења, жртви на нечија умислена супериорност, сè дотогаш сте примитивци кои немаат што да бараат во моја близина, макар и на фб.
- невино створење од мало одгледувано за борби од примитивец, за да се радуваат уште поголеми примитивци од високите структури во власта (примитивци од МВР, ДУИ и сл.)
- невино створење купено од примитивец со идеја дека е фигура за на витрина, подоцна без одговорност пуштено по улици...
- неговото потомство, пак, за некое време станува агресивно за да се заштити, зашто е малтретирано од примитивци по улици...
Значи, ЧОВЕЧКИ ФАКТОР, ПРИМИТИВЦИ.
Конечно, примитивци, бидете СУПЕРИОРНИ и преземете ОДГОВОРНОСТ!
Дали Љупчо Златев ќе биде санкциониран?
Да прашам, дали Љупчо Златев ќе биде санкциониран?
Уште еднаш!
Дали Љупчо Златев ќе биде санкциониран?!
Посакувам сите кои фрлиле отров, сите кои макар и тајно ликуваат на ова монструозно, бездушно и безмозочно решение на проблемот со уличните кучиња, сите кои го поддржуваат, да ја почувствуваат на своја кожа агонијата која ја носи последниот оброк, зашто сметам дека тоа е единствениот начин да разберат што точно прават.Македонијо, примитивна и отровна...
Ирена Ристиќ
Начекаа шанса да удрат по другарот
Кучето е другар, дури и примитивните луѓе го знаеле тоа, во денешно време нешто што изумира, врз што се врши постојан геноцид, другарството.
Труењето на улични кучиња/мачиња е ништо друго но убивање на другарството овојпат фокусирано на она стрит, андерграунд другарство, необременето со позерство.
Да драги мои, сакаат да ни го убијат другарството, затоа се опасни и треба да им ја одземеме можноста да вршат терор врз живиот свет.
Иницирам, давам иницијатива сите службени лица од МВР и ОЈО кои имаат другари кучиња/мачиња по дома, да направат кризна група и да го решат овој проблем. Во име на другарството. Во име на нивните другари. И да се влезе по селата кај што се одржуваат нелегални борби и да се евидентираат сопственици на такви средни и големи раси на кучиња. Ваљда нема да им текне борба со пинчови да прават!?
Зоран Велковски
Неопходна е сериозна шинтерска служба. Ама не толку за кучињата.
Оние што целосно неодговорно фрлаат отров по урбаните делови од градот се истите луѓе што ќе прават „сапуни од Шиптари“, што ќе „колат мигранти“, конечно што убиваа и колеа по најразлични Сребреници и други стратишта на овдешните војни. Да, секако, неопходна е сериозна шинтерска служба. Ама, не толку за кучињата.
Ѕвездан Георгиевски
Зошто ги поврзувате националистите и убијците?
Зашо бе сите мислите дека само ВМРО фолоуерс и националисти се анти-кучињава? Ко шо сум баксуз, мене ко кучкар ретките ама врло досадни антикучкарски инциденти ми вклучуеле комшии загорени анти-ВМРОВЦИ! А па најзагорениот и најнапорен и тапикав ВМРОВЕЦ у зграда чува две кучиња и тоа Померанци бе. Во понатамошни социолошки анализи кои се мрзачи на домашни животни нема да навлегувам.
Татјана Чичаковска
Има ли пропишани казни за напуштање животно, за борби, за труење, за поттикнување...?
Нејасна ми е оваа згрозеност од злобата и психичката состојба на трујачите и нивните поддржувачи. „Ѓубре“, „психопат“, “лудак“, „идиот“... се нижат епитети. Е такви се де, да не биле такви не ќе го правеле тоа. Зошто овие луѓенца пливаат низ јавните сфери на општеството, наместо на неговите маргини, под еден, и зошто луѓенцата од ист ков низ институциите ги поддржуваат, оти очигледна е таа поддршка, макар и со нечинење, тоа се прашањата. Ама не е мал тригер, отров се фрла луѓе!!! Отров! Сериозно, толку е комплицирано да се изградат прифатилишта? Колку тоа чини? Кажете ми во плати на Диковци на пример...или во патни трошоци? Или во бонуси? Толку е комплицирано една стратегија да се усвои, да се направи еден регистар на сопственици, еден ред ем поредок да се воведе, чипови итн, итн, сигурно си има мал милион решенија, видете како нормална држава тоа го направила на пример. Невладините дрпале пари, биле неспособни.. Е добро де, тоа се невладини, некои способни, некои помалку, некои ич, што ми е гајле за нив и парите што ги “дрпаат“. Зошто со нашите пари не се решил проблем на едно општо задоволство - ем тие што ги нервираат или се плашат од кучиња да им е напраен ќефот, ем животните згрижени. Има ли закони? Има ли пропишани казни за напуштање животно, за борби, за труење, за поттикнување, за сè? Има. Значи кој е крив?
Катерина Синадиновска
Не затворајте очи. Лудилото е во сите нас.
факт: Нападнати се деца.
факт: Ненормални фрлаат отров.
И нема тука место за приказни колку сакаме животни. И кој не е виновен. Ситуацијава е резултат на состојба на умот или безумието од „не ме интересира политика“. Денес има повеќе кучиња и мачки од што е нормално [обични луѓе ги фрлаат на улица, нема казни, нема контрола, недоволно ухранети талкаат по асфалтон, иде кочан зимо].
факт: Уличните кучиња не се безопасни затоа што имате маалско улично куче.
факт: Децата мора да можат слободно да си играат пред зграда.
факт: Меѓу уличните кучиња има НАПУШТЕНИ здивени големи кучиња.
факт: Луѓето не се лоши. Некои луѓе се лоши.
Не затворајте очи. Лудилото е во сите нас.
Видана Бошкова Мицевска
Градот Скопје во јануари ќе го реши проблемот
Градот Скопје во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство веќе работи на изнаоѓање на системско решение за превенции и спречување на инциденти поврзани со напади на граѓани од кучиња без разлика дали е улично или куче што има сопственик. Проблемот ќе го решаваме преку обезбедување и контрола на бројот на уличните кучиња по пат на хумано и одговорно времено стационирање на животните.
Градот во минатиот месец во соработка со три здруженија за заштита на животните формираше работна група за следење на состојбата на работата на стационарот Вардариште и хуманиот третман на уличните кучиња. Ова група веќе изработи извештај со препораки за трајно решавање на проблемот.
Препораките на овој извештај заедно со препораките на АХВ ќе влезат во програмата и буџетот на градот. Овие решенија ќе ја зголемат безбедноста на граѓаните и на кучињата.
Според информации на Град Скопје, само две пријави се доставени до МВР за отруени кучиња во Карпош и за двајца осмничени што фрлале отров.
До крајот на јануари се очекува финално решение за проблемите, а пак чипирањето на кучињата ќе ни помага во понатамошното расправање со проблемот.
Петре Шилегов, градоначалник на Скопје
Слики: Brian Kershisnik