Крзното е повторно во мода

13.12.2017 01:57
Крзното е повторно во мода

Средина e на зимата и многу е студено, како што е обично во северните краишта на САД во ова време од годината. Небото е без ниту еден облак и снегот сјае на сонцето. Газиме по замрзнатото езерце со кора од мраз дебела 23 сантиметри. Како да сме се вратиле во некое далечно минато време, кога почнуваше трговијата со крзно.

Бил Маковски кој веќе 60 години со стапици лови животни, главно во северен Мејн, ми обрнува внимание на неколку гранчиња евла што стрчат од мразот. Дабарите почнуваат да собираат гранки од топола веднаш откако ќе падне првиот мраз, ми објаснува Бил. Преку нив ги редат гранките од евлата што не ги јадат, но нивната тежина ја држи тополата под мразот, каде што ја грицкаат цела зима. Маковски го пробива мразот со метална шипка и потоа ми дава едно парче да го пробам. „Гледаш ли колку е тврдо дното?“, дабарите го измазниле, ми вели. Тој повторно го пробива мразот, но на друго место. „Ги гледаш ли меурчињата?“, ме прашува, ја проширува дупката и почнува да влече сè додека на матната површина не извлече една необична челична направа. Тоа е стапицата што цврсто го држи вратот на огромен дабар. Оние меурчиња беа неговиот последен здив, заробен е на мразот.

„Е ова е капиталец“, вели Маковски. „Многу убав дабар“. За неговото крзно сигурно ќе добие 25 долари, пресметува и на патот кон дома исполнет е со задоволство, како и многу генерации ловџии пред него. Уживајќи во убавиот ден и во добро познатиот терен, тој се потсетува што му кажал некогаш еден зимски посетител: „Кога луѓето не би се гаделе од убивање дабари, би плаќале да дојдат овде и да уживаат во сето ова.“

Но, изгледа дека гадењето веќе не претставува голем проблем кога станува збор за убивањето животни. Врвните манекенки кои некогаш позираа со натписи: „Подобро да одиме голи, отколку да носиме крзно“, сега преминаа на модели од крзно. Модните дизајнери кои пред 15 или 20 години „се плашеа и да допрат крзно“, исто така, го „надминаа ова табу“, вели Џон Мален, одгледувач на крзнени животни од Нова Шкотска. Многумина што се занимаваат со трговија со крзно сега признаваат дека активистите кои толку бучно протестираа, имале право зашто одгледувачите не се грижеле адекватно за своите животни. Но, сега тоа е променето, вели тој, иако активистите не им веруваат. Како и да е, денес многу луѓе на носењето крзно гледаат како на личен избор. Во некои градови, повеќе ќе ве презираат ако одејќи пишувате порака на телефон, отколку ако носите крзно.

Во трговијата доминираат фармите за одгледување на крзнени животни кои од 1990-тите години двојно го зголемија производството. Во 2015 година биле произведени 100 милиони кожи, главно од лисица и од други крзнени животни. Ловџиите вообичаено додаваат уште неколку милиони кожи од диви дабари, којоти, ракуни, бизамски стаорци и други животни. Да не спомнуваме милиони говеда, јагниња, зајаци, ноеви, крокодили, алигатори и кајмани кои се ловат за месо и за кожа.

Но, воопшто не ви се потребни бројките. Доволно е да погледнете околу себе. Некогаш, крзното во Америка било исклучиво дел од конвенционалната зимска мода на постарите дами од Парк авенија и на посетителите на монденските клубови, додека денес го носат хип-хоп пејачите и младите. Сега се носи целата година и од него се прават перничиња, паричници, штикли, приврзоци за клучеви, маици, шалови, мебел и абажури. Постојат бунди со камуфлажни шари, обоени бунди и бунди со квадратен дезен што создава оптичка илузија. Постои дури и крзнена трепка со ликот на Карл Лагерфелд, наречена карлито.

Но како се врати крзното во мода по толку жестоката социјална осуда во деведесеттите години? Или уште полошо, по озлогласените 1960-ти години кога ликот од цртаниот филм Круела де Вил копнееше по бунда од мали кутриња далматинци, и кога манијата по крзното се закануваше да го загрози опстанокот на леопардите, оцелотите и другите животни од дивината. Со рестрикциите од 1970-тите години беше забранета употребата на крзно во модни цели. Но трговијата со крзно повторно оживеа, бидејќи се прилагоди на критиките кои често успеваше да ги надмудри и заобиколи. На сето тоа треба да се додаде и зголемената побарувачка од страна на новопечените богаташи од Кина, Јужна Кореја и Русија.

Мора да признаам дека на целава приказна гледам од една многу комплицирана перспектива. Мојот дедо беше ловџија и мислам дека знаењето и искуството стекнато со ловот, риболовот и контактот со живите суштества има вредност што е веќе изгубена во нашите урбанизирани животи. А од друга страна, мојата жена и јас своевремено наследивме бунда од оцелот, сошиена од 15 кожи, која толку нè прогонуваше и мачеше, што на крај ја подаривме на еден национален резерват за животни како наставно средство. Ете, гледате колку е заплеткано. И затоа сакав лично да се уверам.

Се упатив на север, по снежна веавица во Нова Шкотска, центарот на трговијата со крзно. Мален ме покани да видам како живеат неговите крзнени животни и, се разбира, како завршуваат. „Сосема сме свесни дека мора да имаме дозвола од јавното мислење за она што го работиме“, вели тој.

Мален пораснал во времето на стариот начин на одгледување, со долги тесни дрвени шупи, без ѕидови и редица мали кафези од двете страни. Кога почнал со сопствен бизнис, се одлучил за поголеми кафези од Европа, поредени во шест редови под проѕирен пластичен покрив во амбари долги околу 110 метри. „За вас тоа ќе биде смрдеа“, ме предупредува, ама „за мене тоа е мирисот на моето детство“.

Еден работник вози вагонетка долж редиците кафези, неколку пати во денот, и во секој од нив истура храна која изгледа како живо мелено месо, следувањето е компјутерски пресметано. Цевката што не смрзнува 24 часа во денот обезбедува вода за пиење, а коритото под кафезот автоматски ги носи отпадоците што потоа се преработуваат во ѓубриво или, преку посебна машина, во електрична енергија.

Овие промени се случија како одговор на притисокот на заштитниците на животните. Но, тие истовремено им носат корист и на самите одгледувачи. Кафезите кај Мален, на пример, имаат издигната полица за женката доилка, каде што може да побегне од своите младенчиња, а се покажало дека помалку оптоварените мајки раѓаат поздрави младенчиња. Играчките во кафезот, едноставни пластични цевки, го намалуваат стресот и изгледа дека придонесуваат за подобар квалитет на крзното. Така се дошло до парадоксалниот резултат, денес одгледувачите честопати да профитираат од промените што им ги наметнаа нивните стари противници. Френк Зилберквајт, лондонски трговец со крзно, оптрвин ги отфрлал методите на активистите, но сега вели: „Нè натераа да бидеме свесни за тоа што го работиме. Им благодарам за тоа. Зошто да не?“

Крзнените животни на Мален се необично крупни и здрави, двапати се потешки од оние што пораснале во дивина, со широки љубопитни муцки. Се разбира, се знае нивната судбина. Стигнав токму на време за да видам како ги убиваат. Работниците на фармата, со дебели кожeни ракавици како заштита од гризнување, одат од кафез до кафез и го креваат секое животно, држејќи го за коренот од опашката. Некои животни цивкаат во знак на протест, но повеќето молчат зашто се навикнати да ги држат во раце. Потоа, како пакети во поштенско сандаче ги уфрлаат во сандак со јаглерод моноксид, каде за помалку од една минута губат свест, а неколку минути подоцна - умираат.


„Споредете го ова со другите методи на убивање на стоката“, вели Мален. „Обично ги носат стотици километри во камиони до кланиците, а целата постапка е крвава и морничава. Ова е најмилосрдниот облик на убивање на домашни животни што постои“.

Следниот ден го посетивме погонот во кој кожата се лупи од убиените животни и им се соблекува во едно парче, како маица.

На најголемата светска аукција на крзна во „Копенхаген Фур“ во Данска, цел еден погон составен од роботи, рендгенски машини, визуелна технологија и луѓе сортира 6,8 милиони крзна со баркодови за да се идентификува одгледувачот, ги сортираат во 52 различни типови кожа и потоа ги праќаат на лицитирање. Во салата за аукции, купувачите го прегледуваат каталогот, разговараат и лицитираат.

Во „Кик“, модното ателје на „Копенхаген Фур“, Ран Фан, модна креаторка од Пекинг, крои едно крзно од бизон, обоено во боја на лаванда. „Сакам крзно“, вели таа, а го сакаат и нејзините купувачи, често во силни бои и необични дезени. Денес, Кинезите ги купуваат речиси половината производи направени од крзно во светот, па затоа и дошла во „Кик“, да ги научи новите техники.

Крзното се врати во мода, делумно и заради ангажирањето на млади креатори, како што е Ран Фан, чиишто модели привлекуваат млада публика. Водечките аукциски куќи почнаа да носат млади креатори и студенти, уште во екот на кампањата против крзното. Сите модни креатори на почетокот на својата кариера „сакаат да играат со различни материјали“, вели Јулија Марија Иверсен од „Копенхаген Фур“. Целта е да се избегнат продавниците за крзно и посебните оддели во стоковните куќи и крзното да се продава како и секој друг фин материјал, заедно со другите парчиња гардероба.

Вака грижливо негуваната соработка се исплатела зашто креаторите научиле да го користат крзното на начини кои конвенционалните крзнари не би можеле да ги замислат. А благодарение на иновациите во технологијата на боење, сега можат да произведуваат крзно во која било боја што е хит на сезоната, од сина до дречливо зелена. Многу придонесоа и новите техники на шиење, со кои од помали крзна се добиваат повеќе парчиња облека. Достапноста, збор кој никогаш порано не бил поврзуван со крзното, е главната причина за „враќањето на крзното“, вели Иверсен.

„Почнуваме со млада клиентка, која прво ќе си купи приврзок за клучеви од крзно, а подоцна, кога ќе дојде до повеќе пари, можеби ќе купи и чанта од крзно. На крајот ќе купи цела бунда“, вели таа. Сето тоа е дел од политиката да се привлече новата, идна генерација жени.

Па, како треба да ја сфатиме оваа ренесанса на крзното? Треба ли тоа да ги привлекува идните генерации жени? Или тие треба да се згрозуваат, како што бараат активистите? Треба ли да аплаудираме што крзнарската индустрија ги подобри условите за одгледување на животните? Или тоа ни помага само „полесно да се чувствуваме што ги искористуваме животните“, како што вели Гари Франсионе, професор по право од Универзитетот Ратгерс. Тој се залага луѓето, еднаш засекогаш, да престанат да ги искористуваат животните.

Како и одгледувањето свињи или живина, така и одгледувањето крзнени животни се сведува на истото – да се држат заробени за да бидат убиени на крај. Се применуваат методи кои се незамисливи за многу луѓе. На пример, некои одгледувачи на лисици ги убиваат своите животни со анална електрокуција.

Индустрализацијата на нашиот однос кон животните создава дополнителни проблеми. Многу одгледувачи на крзнени животни успеваат да обезбедат подобар третман на животните, но други не можат, или едноставно не сакаат. Во процесот на сортирање, во аукциската куќа, во заедничка понуда се наоѓаат крзна од најмалку 300 одгледувачи и од оние што се хумани, но и од нехуманите. Тоа е проблем за реномираните креатори, кои сакаат своите купувачи да ги уверат во хумано постапување со животните од кои потекнува крзното. Европската крзнарска индустрија вели дека работи на решавање на тој проблем, а нивната нова Велфур програма предвидува да се направи инспекција и оценка на повеќе илјади одгледувачи.

При една посета на фарма во Данска заедно со Стен Хенрик, агроном од Универзитетот Архус, кој помага при составување на протоколот, инспекцијата беше исклучително долга и детална. Според програмата Велфур, потребни се шест часа за да се испита една фарма со 120 кафези и да се оцени според 22 точки. „Се надевам дека нема да најдеме ниту една од најлошата категорија“, му излета на фармерот, а Мелон на тоа му одговори: „А јас се надевам дека ќе најдеме, зашто ако системот не е во состојба да прави разлика меѓу одгледувачите, тогаш не функционира.“

Како и да е, дали на луѓето што купуваат крзно навистина ќе им биде грижа за ова? „На ова прашање поинаков одговор ќе добиете во Шангај, а сосема друг во Цирих“, вели Таге Педерсон, директор на „Копенхаген Фур“. Сепак, мислм дека во иднина сè повеќе луѓе ќе обрнуваат внимание на ова. Не само на крзното, туку на целиот производ, на сè што купуваат. Во продавницата ќе прашаат дали се води грижа за животните, ако продавачот потврди, ќе прашаат: Од каде знаете? Педерсон вели дека трговците со крзно не ќе можат ја финансираат инспекцијата доколку купувачите не бидат подготвени да платат дополнителна цена за Велфур етикетата. Но, тој верува дека ќе сакаат.

Излегувам со сосема контрадикторни мисли. Целта на движењето за заштита на животните отсекогаш беше да се забрани одгледувањето животни заради крзно. Во Велика Британија, Австрија и Хрватска таа забрана е веќе воведена, а во Холандија се работи на тоа. Но, оваа забрана не ги спречува луѓето да носат крзно. Единствено, производството се преместува во подрачја каде нема вакви прописи. На аукцијата, прашав еден брокер кој има фарма за крзнени животни во Кина, дали во таа земја се поправил третманот на животните. Се нарогуши и штуро ми одговори: „Не многу“.

Ако го забраниме одгледувањето на крзнени животни, сепак останува другата стока чие одгледување го земаме здраво за готово. Таков гест од нас бара морална осуда, но не и лична жртва, затоа што голем број луѓе никогаш не купиле производ направен од крзно и веројатно нема да купат, но повеќето од нас јадат месо, пијат млеко, носи кожени обувки и на разни други начини ги експлоатираат животните, што луѓето отсекогаш го правеле и тоа во размери спрема кои индустријата со крзна е занемарлива.

Луѓето од продавницата за крзно често зборуваат за лицемерието што владее во општеството. „Штотуку прочитав дека Американците за време на првенството на Националната фудбласка лига изеле 1,3 милијарди пилешки крилца“, вели Зилберквајт, трговец со крзно. „Кога ќе пресметаме, тоа значи дека се убиени 650 милиони пилиња за само еден ден забава“. Речиси секој што се занимава со трговија со крзно, порано или подоцна ќе нагласи дека другите одгледувачи на стока ни приближно не морале да ги подобрат своите методи како што системски морале тие. „Знаевме дека би можеле да нè забранат ако не го направиме тоа. Другите одгледувачи на стока не мораа да се плашат од такво нешто“, вели Педерсон.

На крајот, еве што мислам: наместо да го забраниме производството на крзно, треба да се продолжи со притисокот да се истиснат најлошите фармери. Потоа треба да се земат најпрогресивните фармери и нивните методи, коишто не само што се изводливи, туку се често и профитабилни – безбедното отстранување на отпадот, мерки за намалување на стресот, подобро сместување, рутински инспекции на здравјето на животните – и од нив да се создаде еден модел за сите облици на експлоатација на животните и производите без кои, вака разгалени, одамна веќе не можеме да живееме.


Извор: National Geographic
Фотографии: Паоло Маркети

ОкоБоли главаВицФото