Скопје е село, а не бидува село без кучиња

13.12.2017 01:18
Скопје е село, а не бидува село без кучиња

Сум бил каснат од куче и нападнат од глутница кучиња во Центар (покрај МАНУ). Исто така, љубител сум на кучиња. Сум чувал и самојед (кој ми го украдоа) и „џукелчиња“. Сега редовно се грижиме за комшиското куче кое се преселува кај нас додека сме во Булачани. Кога и да шетам низ планина, постојано ме следи и ме чува од други кучиња.

Комшијата пред ова куче имаше друго кое без никаква причина ја нападна комшиката. Комшиката одвај се спаси, не знам со колку конци ја крпеа. И покрај сите претрпени трауми, пак сега си чуваат куче.

Сакам да кажам дека ги разбирам и љубителите на кучиња и тие што се плашат од улични кучиња. Не се сите улични кучиња опасни, ама некои ги фаќа „жута минута“.

Го разбирам и стравот кај луѓето, и траумите на искасаните деца, и траумите на љубителите на кучиња кои деновиве ги гледаат последиците на „трујачите“.

Единствено што не можам да раберам е како некој може да фрла отрови на јавни површини од кои може да настрада кој било. Нема никакво оправдување за „трујачите“ и тие најстрого треба да бидат казнети исто како и сопствениците на кучиња кои ќе извршат напад.

Одговорност за постојниот конфликт имаат и дел од активистите за правата на уличните кучиња кои постојано го ставаа(т) под тепих проблемот со безбедноста од уличните кучиња.

Пред неколку седмици објавив едно видео од анкета во Аеродром каде што многумина жители укажуваа на проблем со безбедноста од уличните кучиња. Бев обвинет од една активистка дека со таквото видео се стимулираат „трујачите“ на кучиња.

Баш напротив. Непреземањето ништо во врска со проблемот со безбедноста во Аеродром доведе до повеќекратни напади и катастрофални обиди за „улична правда“ од страна на „трујачите“ во цело Скопје.

Затоа мислам дека мора да има балансиран пристап во решавањето на проблемите. Од една страна сериозни мерки за зголемување на безбедноста на граѓаните (и заштитата на средината), а од друга страна решавање на проблемите со кои секојдневно се соочуваат љубителите на кучиња - првенствено обезбедување на соодветни простори за шетање, игра и безбедно уживање со кучињата.

Секако, потребна е и сеопшта едукација. И на љубителите и „сопственици“ на кучиња (за правата и одговорностите) и на граѓаните и децата за тоа како да се заштитат од евентуален напад на куче.

Инаку, што друго да кажам за Скопје.

Некои ќе кажат: Скопје е село, а не бидува село без кучиња.

Моите впечатоци се дека во село (каде што има јасни територијални граници) има поголем ред во врска со кучињата и безбедноста отколку во Скопје.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Слики: Brian Kershisnik