Октомври ќе го надминеме со нова револуција

13.12.2017 03:22
Октомври ќе го надминеме со нова револуција

Стивен Смит

Неодамна во Пула, во организација на Центарот за културолошки и историски истражувања на социјализмот, се одржа третиот меѓународен собир „Социјализмот на клупа“. Темата на овогодинешниот интердисциплинарен собир беше „Комунистите и комунистичките партии: политики, акции, дебати“. Еден од тројцата гости кои одржаа пленарни предавања беше и нашиот соговорник, британскиот историчар Стивен А. Смит, чија работа е историјата на модерна Русија и Кина и компаративниот студиум по комунизам. Во моментов работи на книга за тоа како овие две држави, додека биле социјалистички, се обидувале да го променат секојдневниот живот на своите жители, па и преку кампањи против празноверието, религиските и магиските верувања и практики. Предавањето на Смит имаше пригоден наслов „Сто години од Октомвриската револуција“ и ја опфати историзацијата на три проблеми: империјалистичкото окружување на новите држави, односите на новите власти во однос на националните прашања и тематиката на еманципациските женски политики.

Да поразговараме за историјата на Октомвриската револуција, за што ја следите литературата, меѓу другото и на руски јазик. А, потоа за нејзиното наследство и различните ставови во однос на него. Како што нагласувавте повеќепати, тоа наследство за вас е претежно позитивно?

Јас сум професионален историчар, па моето сфаќање е посредувано и од она што го пишуваат другите историчари. Особено современите, кои пишуваат на руски јазик. Се обидувам да ги генерализирам нивните ставови за револуцијата, но на крајот секоја идеја за „наследството“ е мошне субјективна. Многумина ќе речат дека моето концентрирање на трите позитивни наследства е избегнување на опскурните и темните страни на историјата. Иако, лесно може да се сложам со тоа дека постои и темна страна, темно наследство на руската револуција. Но, мислам дека луѓето во Британија се мошне добро запознаени со сталинизмот, тоталитаризмот, неуспехот на социјализмот и како и да се нарекува сето тоа денес. Затоа, не сакам да се концентрирам на позитивните страни. Така можам да зборувам за фактите како оние дека СССР бил меѓу првите општества со достапно образование за сите, колективен начин на решавање на нештата, експерименти и авангарда во уметноста итн. Вистина е дека тие позитивни текови во дваесеттите биле компромитирани во сталинистичките триесетти. Но, во вековната ретроспектива мислам дека позитивните нешта ги надминуваат негативните. Со Октомвриската револуција биле ослободени многу позитивни енергии.

Секое општество ја задржува врската со својата последна револуција, додека не ја надмине со уште порадикална. Проблемот за самоопределувањето на народите, до правото на отцепување, Лениновата теза, а потоа, на поинаков начин, и на американскиот претседател Вудро Вилсон, е искористена во случајот на разорувањето на Југославија. Дали таа тука е злоупотребена?

Го немав тоа на ум кога зборував за самоопределувањето на народите, зашто секој национализам ми е одбивен. Во поинаков контекст, контекстот на колонијализмот, тоа можело да биде прогресивна политика. Во денешно време национализмот е агресивен и опскурен, но тоа не значи дека самоопределувањето на народите бил лош принцип. Тогаш се размислувало како кралството на јужните Словени ќе го овозможи самоопределувањето, со оглед на дотогашната ситуација во Австро-Унгарија. Истото важело за новосоздадената Чехословачка и балтичките земји. Така изгледала реализацијата на тоа право на европско тло. Моите примери беа антиколонијални, но ситуацијата е сосема поинаква ако зборуваме за настаните во деведесеттите кај вас. Југословенската револуција била самостојна, изворна, што во Европа не било правило. Тука револуциите биле увезувани, поставувани одозгора. Југославија ја презела суштината на советскиот модел, ако сакате. Водела војна, герилска војна против окупаторот, а потоа армиска војна. Сето тоа наликува на советскиот случај, на одбрана на татковината, но и борба за подобро утре.

Го поддржувам Корбин

Во моментов влијателната книга на Ерик Р. Вулф „Селанските војни од 20 век“ ги третира социјалистичките револуции од тој век како рурални според суштината, но не мисли пејоративно, додека оние од 21 век се урбани...

Тој мисли дека руската револуција и денес е релевантен модел за добар дел од светот. И јас мислам дека повторно треба да имаме револуција, но не во болшевички стил. На светот му треба голема политичка и економска промена. Но, не мислам дека сега е време за насилни револуции. Тие секогаш на некој начин се поврзани со војни. А, има и други модели кои би можеле да ги следиме.

Од една страна, владејачкиот политички дискурс ја негува заштитата на суптилните права на малцинствата, политичката коректност итн., а од друга, постои фетишизирана фасцинација од насилството. Сè е преполно со морализирање.

Мислам дека тие пристапи се сосема аисториски. На пример, распространетото поистоветување на идеите на комунизмот со гулагот и слично. Конформистички е и лесно – а, тоа го прават многу западни научници, новинари и академици – да се згрозуваме од револуционерните процеси како насилни, оние што завршуваат во нови облици на нееднаквост, кои се терористички и слично. Зарем не треба да видиме дека постои и друга страна на тие револуции и дека тие се изрази на длабоки општествени незадоволства, угнетувања и страдања на луѓето, нееднаков развој, сè она за што би требало да пишуваат историчарите? Пред педесетина години, во студената војна, десничарските историчари беа поспособни да пишуваат за тие нешта зашто мораа некако да си ја објаснат привлечната моќ на комунизмот. А, сега е доволно да се каже дека тој пропаднал, дека бил ќорсокак итн. Во својата книга за Октомвриската револуција пишувам и за страшните нешта кои се направени, но се обидувам да ги избалансирам со идеалите, надежите, волјата на масите луѓе да се жртвуваат за подобар живот, подобра иднина. Сочувствувам со идејата на социјализмот зашто сум социјалист.

Тогаш како да се учи од поразите? Во историјата ништо не се повторува буквално. Но, и капитализмот оди од криза во криза и досега секогаш некако се обновуваше. Зошто социјализмот би имал само една шанса, па потоа поранешните социјалистички земји не би можеле ни да замислат нов обид за изградба на социјализмот?

Не знаеме како ќе изгледа новиот социјализам, освен дека ќе биде мошне поразличен од оној во 1917 година, кој се појавил после војната. Денес левицата ширум светот е принудена критички да ги преиспитува своите убедувања и разбирањето на настаните, зашто страда од голем неуспех. Таа почна да колабира во декадите неолиберална хегемонија. Но, чувството на триумф кој го имаше капитализмот пред 25 години веќе не постои. И тој ги препознава своите неуспеси, слепите точки.

Прашањата на антиимперијализмот и антиколонијализмот биле присутни во сите фази од постоењето на СССР. Тука нема некои црно-бели слики?

Можеме да зборуваме за компромисната државна политика, политиката на моќта, но не може сè да се сведе на тоа. Главно зборував за првите десет години по 1917. Но, да се сетиме на шеесетите, кога луѓето во Азија, Африка – го заборавивме постоењето на силни комунистички партии на Блискиот исток, во Сирија, Ирак итн. – биле инспирирани од изградбата на социјализмот. И покрај сè, а пред бранот на исламизмот и етницизмот, СССР до крајот бил посматран и како модел за развој на помалку развиените земји. А, мислам дека и Советите го сфаќале тоа сериозно. Се обидувале да се ангажираат кога можеле. Се случило и натпреварувањето со Кинезите, економијата влегла во потешкотии. Се разедини она што го нарекувавме Трет свет.

Кога се случила Октомвриската револуција, Грамши реагирал со славниот текст „Револуцијата против Капиталот“. Односот на центарот и периферијата на капиталската моќ, да го употребиме изразот на теоријата на светскиот систем, останува на дневниот ред како проблем. Дали „американскиот век“ се ближи кон својот крај според вас и што предвидувате дека ќе се случи?

САД сè уште се најголемата сила во светот. Постои и онаа теорија дека револуцијата почнува на село, па потоа ги освојува градовите. Тоа би значело дека до одредена мера периферијата е отворена за експериментирање. Но, како што гледаат сите, живееме во свет на голема концентрација на економска и политичка моќ, што денес се нарекува глобализација. А, таа е посеприсутна отколку во времето кога болшевиците ја освоиле власта. Тие ја гледале Германија како позитивен пример од кој, односно од нејзината работничка класа, очекувале да направи нешто. За разлика од тоа време, капитализмот денес продре во најоддалечените места во светот. Инаку, го поддржувам Џереми Корбин од Лабуристичката партија, како моментално искрена социјалистичка програма. Ако тој ја преземе власта, мислам дека меѓународниот капитал ќе настојува да се повлече од Британија и така ќе причини економска криза. Такви нешта постојано се случуваат во Јужна Америка, во последно време во Боливија и Бразил. На некој начин, непријателот сè уште е многу, многу моќен и никако не смееме да го потценуваме. Иако, постои повеќе од еден центар на моќта. Од друга страна е глобализацијата, која не мора нужно да биде неолиберална, значи светот во кој живееме е шанса. Шанса да разменуваме идеи, мнозинството да ги надвладее неколкумината. А, таа шанса на мнозинството денес можеби е и многу поголема или барем поинаква отколку што била во 1917 година. Тоа е потенцијалност која е поголема од онаа која постоела пред сто години.

Положбата на жените во СССР

„Се заборава“ дека социјалистичките земји, како ДДР или Југославија, имале многу подобра организација на социјалната држава од онаа што ја имаат сега, во обединета Германија или самостојна Хрватска. Новиот конзервативизам не е само нешто што доаѓа одоздола, туку структурно се наметнува од денешените држави, па и во случајот на родовите политики?

Важно е да се нагласува тоа. Кога денес се зборува за женското движење, се покажува дека тоа е нешто што е зачнато во САД во шеесеттите. Или, во најдобар случај, ќе се сетат на британските суфражетки пред Првата светска војна и слично. А, се заборава на она што се случувало во советска Русија, често со големи позитивни последици. Да се сетиме само што значеле промената на семејното законодавство и правото на развод. Многу жени, селски жени од провинција, значи во мошне патријархални средини, не само што го стекнале тоа право туку и реално се развеле од своите насилнички мажи. А, сето тоа не било можно претходно, заради влијанието на црквата, заради непостоењето соодветни законски решенија. Во револуцијата тоа се случило мошне брзо. Секако, сето тоа исчезнало или било укинато во владеењето на Сталин или завршило во гнил компромис. Но, кога како историчар сериозно компаративно ја гледам положбата на жените до Сталин во СССР – и во таа ера во САД и Велика Британија, ги гледам разликите. Истото важи и за расното прашање, за положбата на Афроамериканците во САД. Погледите на тоа во СССР биле значително подобри.

Како го гледате одбележувањето на стогодишнината од Октомври во светот? Впечатокот е дека во современа Русија постојат движења во сите насоки, од оние кои би сакале да престанеме „да се занимаваме со минатото и да се насочиме кон иднината“, до големите апологети за „подобро минато“ и денес уште поголемите и побројни критиканти, а не критичари на тие настани. Путин, пак, се обидува лукаво да се дистанцира, а повторно и скромно да се вклучи во одбележувањето на настанот кој никако не му одговара?

Мислам дека ќе се изненадите колку низок е интересот за годишнината на Октомври во Русија. На режимот и на владата на Путин никако не би им било мило да се видат во континуитет со 1917., зашто тоа било време на вистинска револуција, а тоа има многу заедничко со она што би ѝ било потребно на Русија денес. Меѓу самите историчари најмноќна е националистичката групација. Нивниот омилен период за изучување е оној за Русија во 19 век, доцната империја, кој го гледаат како можност за создавање една европска Русија. Не им се допаѓа периодот на револуциите. Од друга страна, тие често позитивно пишуваат за Втората светска војна и СССР под Сталин. Тенок слој историчари, главно леви либерали, се обидуваат пообјективно да гледаат на периодот на револуциите. Од трета страна постои и нешто како што е старата гарда историчари. Но, ниту тие веќе не се на комунистички позиции, повеќе се работи за обична носталгија за сигурноста на изминатите времиња.

Извор: https://www.portalnovosti.com/

Слични содржини

Европа / Свет / Историја
Европа / Свет
Европа / Балкан / Историја
Свет / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото