Ќе ја треснеш вратата зад себе, потоа се обидуваш да се вратиш внатре

13.12.2017 12:03

Едноставно излегуваш и ја траскаш вратата
без размислување. Кога се вртиш
да видиш што си направил
предоцна е. Ако ова звучи
како животна приказна, во ред.

Паѓаше дожд. Соседите што имаа
клуч не беа тука. Ги буткав и ги буткав
долните прозорци. Ѕверев
внатре во софата, билките, масата
и столовите, стерео линијата.
Мојата шолја со кафе и пепелникот ме чекаа
врз стаклената површина на масичето, и срцето
ми замина кај нив. Реков: Здраво, пријатели,
или така нешто. На крајот на краиштата,
тоа не беше толку страшно.
Се случуваат многу полоши работи. Ова
беше дури и малку смешно. Најдов
скала. Ја земав и ја потпрев врз куќата.
Тогаш по дожд се искачив до терасата,
се префрлив преку оградата
и се обидов да ја отворам вратата. Беше заклучена,
се разбира. Но сеедно гледав внатре
во мојата маса, некои хартии, и мојот стол.
Тоа беше прозорецот од онаа страна
на масата од каде што ја подигав главата
и гледав надвор кога седев крај таа маса.
Ова не е како она долу, помислив.
Ова е нешто друго.
И имаше нешто во тоа гледање од терасата,
а никој не те гледа. Да бидеш таму, внатре, и да не бидеш
таму. Не умеам дури ни да зборувам за тоа.
Го залепив лицето врз стаклото
и се замислив себеси внатре,
како седам крај масата. Повремено
ја подигнувам главата од моите хартии и гледам.
Мислам на некое друго место
и некое друго време.
На луѓето коишто тогаш сум ги сакал.

Стоев таму некое време на дожд.
И се сметав себеси за најсреќен човек.
Дури и кога бранот болка мина низ мене.
Дури и кога осетив ужасен срам
поради раните што тогаш ги нанесов.
Го скршив прекрасниот прозорец.
И се вратив внатре.

Превод: П. В.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото