По што го запаметив Хинки

14.12.2017 11:04
По што го запаметив Хинки

Отсекогаш пристaпот кон прашањето на смртта ми бил по малку попски, такво ми е и презимето, нели... го имало тоа во фамилијата, не дека го немало... елем, првата смрт на која се сеќавам беше на дедо ми и фино памтам дека кога ја прашав тетка ми што значи неговото име, таа ми шепна „бесмртен“... а околу одарот веќе беа испоседнати жените викнати за плачење. Не знам за Робин Шарма и неговото прашање „Кој ќе плаче кога ќе те нема?“, но сигурно немал поим за нашиве племенски уредени општества, каде што племето со брзина на молња организира сè – од професионални тагувачи, говори и плискања со вода, до жито со шлаг, што секако го има во секое време во Крин, без да мора некој да умре за тоа... и на Бора Чорба му запнале за око, ги споменува во една од своите песни ко такви, никакви ... не можев да ги поврзам двете работи – врескањето на професионалните тажалки и шепотот на тетка ми, што се спои со камбаните што биеја следното утро во негова чест...

Та дури и симпатична ми се виде целата церемонија на збогување, како некаква досетка на покојникот, да ме убеди дека е скриен и дека кога ќе речам БАРАМ! нарикачите ќе стивнат, а тој ќе се појави од зад некоја грмушка во паркот... откако ќе се изморам од барање, секако.

И потоа, извесно време, веќе и заборавив на оваа криенка-миженка на егзистенцијата со мало е...

Следната средба беше дури кога исчезна татко ми. Исчезна од неговата болничка соба на одделот за стомачна хирургија во државната болница во Скопје. Тогаш се заколнав на три работи:

1. Дека сериозно ќе се посветам на агностицизмот.

2. Дека ќе дознаам што е смртта.

3. Дека ќе ја тужам болницата поради тоа што не обрнала внимание на животот на татко ми.

Сто години потоа, го гледам списоков и не можам да штиклирам ниедна точка. Доаѓам на концертот на Бликса и другите, и додека чекаме да влеземе, Елена ми соопштува.

Вчера почина Хинки, знаеше?

Не знаев.

Не само што не знаев, туку не сум подготвена да дознаам. Се имам заветено на незнаење.

Исто како што и Бликса вечерва не знае дека пее за Хинки.

Го викавме Разбојникот. Во неговата соба немаше каде да ставиш нога од слики, книги, плочи, касети. Па моравме да лебдиме.

Ги имаше најубавите девојки во Скопје. Но мажите не му беа љубоморни, имаше многу другари меѓу нив. Ги спојуваше музика, филозофија, литература, безделничење. Бесконечни разговори на раб на бездна. И секогаш со доза хумор.

Еднаш, после еден концерт во некој амам во чаршија, фино видов дека од очите му излегуваа искри. Искрите потоа си живееја свој независен живот. Ме потсетуваше на Кастанеда. Имаше нешто шаманско во него. Индијанско. Некаква кобна убавина.

Последно се видовме некаде низ Дебар маало, лани во септември. Се шетаа со Цине. Се гушнавме, како да сме знаеле дека е за последен пат.

На улицата Златко Шнајдер.

ОкоБоли главаВицФото