Живеев поубаво и побогато од вас

14.12.2017 12:10
Живеев поубаво и побогато од вас

Живеев поубаво и побогато од вас, благодарение на страдањето и лудилото, па сакам и во смртта да отидам достоинствено, како што му личи на тој голем момент по кој престанува секое достоинство и сета величенственост. Мојот труп ќе биде мојот ковчег, а мојата смрт долго пловење по брановите на вечноста. Ништо во ништавилото.

И што можев да му спротивставам на ништавилото, освен тој свој ковчег во кој сакав да соберам сè што ми беше блиско, луѓе, птици, ѕверки и растенија, сè што носам во своето око и во своето срце, во трикатната лаѓа на моето тело и мојата душа.

Во смртта, сето ова посакував да го имам крај себе, како фараоните во величенствениот мир на нивните гробници, посакував да биде онака како што беше и пред тоа; во вечноста да ми пеат птици. Сакав бродот на Харон да го заменам со друг, помалку безнадежен и помалку пуст, незамисливата празнина на вечноста да ја облагородам со горчливите земски билки, оние што никнуваат од срцето на човекот, глувата празнина на вечноста да ја облагородам со кукањето на кукавицата и пеењето на чучурлигата.

Јас ја развив таа поетска горчлива метафора, ја развив страсно и доследно, до крај, до консеквенци кои од сон прераснуваат во јаве (и обратно), од луцидноста и лудилото (и обратно), кои преминуваат од живот во смрт, како да нема граници, и обратно, од смрт во вечност, како тоа да не е едно исто. Така мојата себичност, само себичноста на човечкото битие, себичноста на животот, е противтежа на себичноста на смртта, и мојата свест, наспроти привидот, му се противи на ништавилото со себичност на која ѝ нема рамна, се спротивставува на скандалот на смртта низ оваа страсна метафора што сака да ги собере на куп оние малку луѓе и љубов што го чинеа тој живот.

Сакав, значи, и уште сакам да си отидам од животот со специмени на луѓе, флора и фауна, сето тоа да го сместам во моето срце како во ковчег, да ги затворам под моите капаци кога ќе се спуштат за последен пат. Сакав во ништавилото да ја прошверцувам таа чиста апстракција, која ќе биде во состојба во тајност да се пренесе низ вратата на една друга апстракција, ништовна во својата неизмерност: низ вратата на ништавилото. Значи требаше да се направи обид да се згусне таа апстракција, таа да се згусне со сила на волјата, верата, интелигенцијата, лудилото и љубовта (самољубието), да се згусне во толкава мера и под таков притисок за да добие специфична тежина која ќе ја подигне нагоре, како балон, и ќе ја изнесе надвор од дофат на мракот и заборавот.

Ако не нешто друго, ќе остане мојот материјален хербариум или моите белешки, или моите писма, а што е тоа освен згусната идеја што се материјализирала: материјализиран живот, малку тажна, ништовна човечка победа над големото, вечно, божествено ништавило.

Или ќе остане макар – ако во голем потоп потоне и сето тоа – ќе остане моето лудило и мојот сон, како бореална светлина и далечно ехо. Можеби некој ќе ја види таа светлина, можеби некој ќе го слушне тоа далечно ехо, сенка на некогашниот звук, ќе го сфати значењето на таа светлина, на тоа светкање. Можеби тоа ќе биде мојот син, кој еден ден ќе ги издаде моите белешки и моите хербариуми со панонски билки (и тоа недовршено и несовршено, како и сè што e човечко).

А сè што ќе ја надживее смртта е една мала ништовна победа над вечноста на ништавилото – доказ на човековата величина и милоста на Јахве.

Non omnis moriar.

Превод: Александра Бубевска
Фотографија: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото