Болното здравство

14.12.2017 12:09
Болното здравство

На целата мака што ја тргавме единаесет години со криминалната ВМРО-ДПМНЕ, кон крајот на ноември дознаваме дека долги години во нашава земја се увезуваат, дистрибуираат по здравствените установи и делат на пациенти фалсификувани лекови.

Страшно. Дознаваме дека не биле поштедени ниту оние најневините, оние кои секоја терапија ја гледале како пат кон целосното излекување, а тоа се децата. Хорор.

Не дека не знаевме или претпоставувавме дека има нешто чудно со лековиве кои ги користиме. Одиме на лекар, ни препишува соодветна терапија, пиеме и резултат нема. Ај, викаат, уште една доза. Па уште една. Подобрување нема. По неколку терапии некој друг лекар ни вели дека не само џабе што сме пиеле, туку сме ги уништиле и оние добри бактерии кои се одбранбен механизам. Значи, ширум сме ги отвориле портите за болестите.

Но, сепак, ова што го дознавме или поточно што ни дојде само како потврда за сите сомневања околу здравството кое го практикуваше ВМРО криминалната, e нешто што слободно може да се нарече геноцид. Начин за систематско уништување сонародници, сожители, роднини и пријатели. Никој не бил заштитен.

Е сега, околу дознавањето и периодот потоа.

На 23 ноември новиот директор на ФЗОМ, Ден Дончев, обзнанува дека „…турската полиција уште пред две години предупредила за подземни капацитети во Турција што произведуваат лекови за македонскиот пазар. Овие лекови, произведени од сомнителен извор, а спакувани во амбалажи од оригинаторите, доаѓаат во Македонија преку т.н. паралелен увоз. Уште пострашно, доаѓаат без каков било сертификат за квалитет затоа што законската одредба е укината во 2013 година…“

Јавноста со право се крена на нозе. Најзасегнатите со право се револтирани, но ги поставуваат и најбитните прашања. Кои се тие лекови? Дали уште ги има, како што вели заменикот министер, во депоата? Дали се веднаш тргнати од рафтовите на аптеките? Кој ги увезол, кој дистрибуирал и кои лекари дозволиле да се даваат на пациенти?

Молк. Ниту ФЗОМ ниту Министерството во наредните седум дена не излегуваат со соопштение. Исчекување со стрепење за своите најмили, дали ќе имаат последици од ваквите хемикалии. Не само што немале корист, туку што друга беља истите направиле?

На први декември излегува со изјава заменикот министер за здравство, бидејќи веќе три месеци немаме министер.

„Повлечени се лековите од паралелниот увоз од трети земји“, изјавува тој.

Но, повторно изостануваат информациите за кои лекови се работи. Повторно стрепење на оштетените и нивните блиски. На прашањето зошто уште нема конкретни резултати, Чакаровски одговара: „Додека не добиеме официјална информација од институциите кои го водат случајот, за кои лекови се работи, колку се на број, кој ги увезува и кој ги произведува, не можам ништо да тврдам. Ако мислите дека има институција во светот што за 24 часа може да ги информира граѓаните во која било држава кои лекови се безбедни, а кои не се, во моментот кога се откриваат одреден број на фалсификувани лекови, покажете ми ја таа држава за ние таму да пуштиме експерти да научат и да нѐ научат и нас“.

Малку зачудува, но ајде да почекаме уште некој ден. Нека биде сѐ како што треба.

На 11 декември заменикот министер (бидејќи сè уште немаме министер, нели?) гостува на Телма на тема ретките болести и недостигот на терапија за истите. Гледајќи ја емисијата можам да дојдам до неколку заклучоци.

Прво, околу чувството како „англиска кралица“. Добро бе г-дине замениче, ако сте се чувствувале само како нем посматрач зошто не се побунивте некаде? Зошто не кажавте јавно дека немате ингеренции за кои рековте дека само пред една недела ви биле дадени целосно? Зошто не ги искритикувавте сите за неможноста да го дадете својот максимум? Или пак ако не бива – дајте си оставка и нека му ја мислат други.

Ама не, немоќен сум, врзани ми се рацете, немам овластувања ама и не се бунам, си молчам.

„Имаме проблем во комуникација“, е единствениот одговор.

Второ, околу недостатокот на лековите. Трите соговорнички ви укажуваат дека неколку месеци има недостаток на лекови кои им се секојдневно неопходни. Ги нема никаде. Од институциите ги шетаат лево-десно, односно си ја префрлаат топката кај другите. А мајките на болните, пациентите, здруженијата и сите засегнати се чувствуваат како пинг-понг топчиња со кои секој си игра. Ви кажуваат дека продале куќи и станови, земале кредити и се снаоѓаат на секаков можен начин да ги снабдат лековите кои министерството со години ги лаже дека ќе ги донесе. Ви укажуваат дека лекови НЕМА. А, Вие? Вие им тврдите дека лекови има, дека се во депоата, дека се во веледрогериите и не се донесени, ама дека ги има. А, ги нема. Има останато пари, ама лекови нема. Нешто не штима.

„Имаме проблем во комуникација“, е единствениот одговор.

Трето, околу фалсификуваните лекови. Реков, ама не реков така. Кои се, е тоа не можам јавно. Епа ако не јавно, тогаш како? Скришно? Чекаме резултати. Ок. Кога? И не за мене, туку најмногу за овие што беа спроти Вас и сите кои тие ги претставуваат.

„Имаме проблем во комуникација“, е единствениот одговор.

Четврто, мислам дека треба да се прекине со тоа - не е за јавност. Ни се смачи 11 години ништо да не дознаваме. Нека се знае каде е точно проблемот. Веледрогериите ги кријат лековите? Депоата ги кријат? Министерството не работи како што треба од икс причини? Треба да знаат оние кои треба да знаат за да може, како што велите Вие, заеднички да работите на подобрување на состојбата со лековите.

„Имаме проблем во комуникација“, е единствениот одговор.

И петто, за крај. Гледајќи ја емисијата имав чувство дека трите гостинки беа заменици министерки, затоа што на моменти изгледаше како тие да се многу подобро запознаени со состојбите и начинот на функционирање отколку Вие. За жал, такво чувство добив. И затоа секојдневно прашувам зошто немаме Министер? А, сега ќе прашам и зошто имаме ваков заменик. И ќе прашувам.

„Имаме проблем во комуникација“, е единствениот одговор.

Времево лета, животот ќе прелета.

Верувам дека никогаш не е доцна.

„Имаме проблем во комуникација“, е единствениот одговор.

П.С. Дајте друго дете

Извор: civilmedia.mk