Мачки-песни

15.12.2017 10:59

Ве преместував
од едно место на друго
штотуку родени слепи песни мои
како мачка мачиња.
ве фаќав за вратот
додека пиштевте од болка
и барав дувло за вас
ни храна ни вода
не ми требаше
ве имав вас
и како секоја мачка
го заборавив ликот на последната љубов
само ве носев со себе си
од мило во недраго
за да не ве начека
онаа улавата
што ги става комшиските
слепи мачиња
во најлон кеса
па ја полни со вода
(им ги кратам маките
со брза мокра смрт
и така не знаат кои се)
ве хранев јас леунка со првото млеко
и со отровното млеко на глуварчиња
ве лижев со овој ренде јазик
до златен тигрест сјај
што се не се појавуваше во заднина
ред зајдисонце
ред црна трева од сонот
ред бели расцутени јаболкници
ве влечкав по возови и патишта
ме издававте
штом уста ќе отворев
испаѓавте насекаде цивкајќи
ми се појавувавте во сопствените белки
па ќе засјаев среде ноќ
со мачје око
додека едни ве учев да одите
други се раѓавте слепи
и сè така од почеток
ви покажував како се лови
и јази по стебла
и како се живее и без мене
па се преобразувавте, песни мои
од мали крзнени топчиња
во големи елегантни мачки
со силни шепи и бела челуст
вашата глад стана опасна по мене
пуштени на слобода
во дивина
сега сте бескрајно самостојни
диви ѕверки

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото