10 принципи на добриот графички дизајн

15.12.2017 12:02
10 принципи на добриот графички дизајн

1. Добриот дизајн има добра идеја

Сѐ почнува од идејата. Идејата води кон понатамошно размислување за потенцијалните можности. Размислувањето понатаму води кон осмислување на целокупниот концепт. Концептот, на крај, доведува до единственото креативно решение. Тоа е патот кој го поминува секој добар дизајн. Не постои скратен пат.

2. Добриот дизајн е привлечен

Ќе ви падне во око, ќе го привлече вашето внимание. Добриот дизајн има свој шарм и плени со ноншалантноста и елеганцијата. Кога ќе погледнете малку подобро, забележувате дека на него сѐ е совршено вклопено. Боите се внимателно одбрани и меѓусебно ускладени, просторот е паметно искористен и не е преплавен со различни фонтови, туку е употребен еден или евентуално два, со подгрупи. Сфаќате дека дизајнот е урамнотежен и дека тоа го прави естетски исклучително привлечен.

3. Добриот дизајн е интелигентен

Добриот дизајн го впишува значењето меѓу редови. Притоа не се користи само со видливи средства, туку и со оние скриените, можеби не толку очигледни на прв поглед. Користејќи го негативниот простор, тој постигнува позитивен резултат. Кога ќе се најдете пред таков дизајн, во истиот миг ја забележувате неговата генијалност.

4. Добриот дизајн има смисла за хумор

Не е сѐ само црно и бело, секако, има нешто и во нијансите. Добриот дизајн вешто ракува со боите, креативен е и не се колеба да проба нешто ново. Па и да погреши, не е страшно, ќе научи од своите грешки, и што е најважно, добриот дизајн може да се пошегува и да измами насмевка на вашето лице.

5. Добриот дизајн е логичен

Доколку се прави лого за една винарија, да речеме, не би било добро логото на прв поглед да личи на автомобил или на тениски рекет, зарем не? Добриот дизајн е целисходен, и всушност, многу едноставен и логичен.

6. Добриот дизајн е повеќекратно талентиран

Кога од првобитната замисла ќе се создаде единствен графички приказ, може понатаму да се развива и прилагодува за повеќекратна намена. Во тоа е и основата на создавањето визуелен идентитет. Не е важно дали станува збор за мултинационална компанија или една личност која на основа на личен вебсајт и своето портфолио соработува со клиентите, потребно е логото, визит-картите и придружните елементи да ја следат истата идеја и да се надоврзуваат на истата концептуална нишка.

7. Добриот дизајн не бара дополнителни објаснувања

Макар дизајнерското решение да го прави една линија, доколку линијата со вештината и умешноста на дизајнерот е претставена на вистински начин, сѐ ќе биде јасно.

8. Добриот дизајн е оригинален

Не се обидува да ги имитира другите, свесен е за своите предности и сигурен е во себе. Добриот дизајн е уникат. Еден, единствен и неповторлив. Создаден со одредена цел и секогаш функционален.

9. Добриот дизајн е храбар

Не се плаши на сите да им даде на знаење што мисли. Умее да го изнесе она што го наумил и со гордост го истакнува она што го претставува. Не се плаши понекогаш да ризикува, зашто е свесен дека на тој начин може да дојде до најдобри резултати.

10. Добриот дизајн, едноставно, е совршен

Добриот дизајн, а со самото тоа и успешниот дизајнер, умее да биде перфекционист. Се согласуваме околу тоа. Сепак, перфекционизмот во случај на изработка на графички решенија е пожелна карактеристика, зашто секогаш треба да се води сметка за најситните детали. Не би било добро по завршувањето на изработката на комплетниот корпоративен идентитет, на пример, да се открие дека една цртичка, па дури и една точка, останала да „виси“ во просторот, а никој не ја забележал и така е отпечатена. На добриот дизајн тоа не може да му се случи, зашто се грижи за секоја ситница, па и за отстранување на непотребните елементи. Со други зборови, на добриот дизајн ништо не му фали и добриот дизајн нема никаков вишок.

 

Извор: www.popwebdesign.net

ОкоБоли главаВицФото