Познатиот руски уметнички колектив „Что делат“ се претстави на фестивалот КРИК

15.12.2017 15:24
Познатиот руски уметнички колектив „Что делат“ се претстави на фестивалот КРИК

Отворањето на второто издание на КРИК фестивалот за критичка култура, синоќа во Музејот на современа уметност, помина во знакот на светски познатиот уметнички колектив „Что делат“ од Русија, кои ја презентираа својата работа, а Оксана Тимофеева, една од членовите, одржа воведно предавање на тема „Вештерство и солидарност“.

Фестивалот го отвори министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој рече дека темата на фестивалот е одлично погодена, затоа што токму тоа се главните предизвици со кои сега се соочуваме како општество.

„Од една страна да излеземе од транзицијата, да ѝ ставиме крај и тоа се и политичките цели на новата влада и на сите нас кои учествувавме во таа опозициска и шарена револуција што ги донесе промените во Македонија. А од друга страна, спасот или излезот од заробеноста во тие огледала кои постојано ни се повторуваат, ќе биде најтешката задача, значи конечно да тргнеме и да ги конструираме и општествените и културните и уметничките текови, пред сѐ самите политички и економски текови на поинаков начин, а не така што постојано ќе повторуваме коруптивно клиентелистички практики, без разлика кој ќе дојде на власт, односно општествените инерции некогаш се посилни од општествените структури доаѓаат на позицијата на моќ. Ми се чини дека тоа е клучниот момент којшто сега ние го чекориме и токму затоа и понатаму е потребен и притисокот и отвореноста и критичноста на јавноста.

Тој рече дека потребно е да се базира критичкиот дискурс врз посериозни текстови, анализи, аргументи. „А за жал, плакатниот пристап, пристапот на социјалните медиуми ја дефинира оваа јавност, која боледува од она што ги каректеризира современите социјални медиуми, а тоа е површноста, имањето попрво став, кој најчесто предрасуда или е неаргументирано мислење, или е допрен глас, повеќе отколку што е информација и потоа интерпретација на таа информација. Една од полититиките на министерството за култура ќе биде јакнење на критичката мисла. Многу е битно ова за кое се залага КРИК како култура, сериозна, издржана и темелна критичка мисла да има каде да се објави. Има потреба да ги поддржиме луѓето што сакаат да бидат критички мислители, а и повторно да ги обновиме просторите за развој на критичката мисла, што понатаму ќе биде база за евалуација, дефинирање на критериумите и целите на културните политики“, рече министерот Алаѓозовски.

Искра Гешоска, претседателка на „Контрапункт“, организаторка на фестивалот, истакна дека КРИК фестивалот и во своето второ издание продолжува да ги истражува односите на проникнувањето на културата, уметноста, политиката и политичкото.

„Нам ни е многу важно дека ја продолжуваме оваа битка, со ваша поддршка, создавајќи во овој простор, кој прилично долго беше задушен во отсуство на таа критичка култура и на тие процепи, кадешто провираше критичкото мислење, сепак може, веруваме дека може заеднички да произведеме поинаков контекст во кој ќе функционира критичката маса и тоа го правиме заедно и затоа велиме дека овој фестивал е отворена платформа за критичка култура“, рече Гешоска.

Низ темата на фестивалот „Постојано во транзиција, заробеност во скршените огледала“, Гешоска рече дека се проблематизираат различните наличја на побуната во уметноста. „Во последно време, сведочиме на една билборд, плакатна, декларативна, би рекле, проектна уметност и сакаме да истражиме како уметноста да ги најде своите вертикали на поинакво делување. Втората тематска целина на фестивалот е „Светот околу нас и критичките ставови во регионот“ која се застапува за развој и релевантност на критичката валоризација која е целосно отсутна“, додаде таа.

Елена Велјановска, кураторка, им се заблагодари на гостите од Русија и на сите учесници и рече дека темата на фестивалот ја отсликува реалноста во Македонија во услови на смена на власта и повторно обмислување на општеството, но и глобалната ситуација на популизам и репресивни политики и желбата тоа да се истражува од аналитичка дистанца.

Публиката во МСУ можеше да се запознае со работата на умтничкиот колектив „Что делат“ (Што да се прави) низ видео и разговор за нивните дела.

„Многу ни е интересно и благодарни сме што што дојдовме во Македонија, која иако е мала земја, низ она што актуелно се случува тука, може непосредно да се следат трендовите на она што се случува во политиката на глобало ниво и тоа на еден многу кондензиран начин. Имате некои експлицитни трендови, кои можеби нема да се многу очигледни во Њујорк, но тие процеси во Македонија може веднаш да ги препознаете. Исто така сме благодарни што во овие тешки времиња се појави надеж, а тоа е Македонија, каде се променија односите на моќ и се надеваме дека нема да ја пропуштите шансата споредена со другите држави. Мојата генерација памети многу места на надеж што се појавуваше на разни места и посакуваме да останете силни во оваа комплицирана ситуација на политички, економски, културен, интелектуален, естетички план. Ние очигледно живееме во навистина конфузен и рекционерен миг, што не е ништо ново, од историјата знаеме дека тоа често се случувало. Нашиот колектив постои 15 години и се разбира дека ние се сеќаваме на различни подеми и падови поврзани со руската политика, или со меѓународната ситуација, но успеавме да преживееме, што не беше лесно во Русија каде моравме да се бориме да нѐ препознаат“, рече Дмитри Виленски, уметник.

Цапља Олга Егорова, режисерка рече, дека нивните активности се различни: „Правиме семинари, конференции, изложби, весник, школи, но генерално, ние правиме современа уметност. Што значи современа уметност? Тоа значи дека се обидуваме да бидеме современи, да содаваме уметност за современата ситуација, за овој момент од времето, за нас е тоа многу важно, зашто времето постојано се менува и ние навистина сакаме да го фатиме моментот во времето и да го истражиме, да размислуваме за него.

Нина Гастева, кореограф, ја водеше публиката низ вежба за да го почувствува моментот во кој се наоѓа.

Името на колективот се поврзува со првата организација на социјалистичкиот работник во Русија, која Ленин ја актуализира во својата публикација: Што да се прави? (1902).

Что делат се застапуваат за еднаквост на сите луѓе, притоа борејќи се против различните форми на патријархатот, хомофобијата и родовата нееднаквост. Своите идеи ги пренесуваат преку широка уметничка продукција: филмови, театарски претстави, радио-рограми, мурали, како и проекти, јавни кампањи и семинари. Главно се фокусирани на отфрлањето на сите форми на угнетување, вештачко отуѓување на луѓето, како и нивно искористување и експлоатација. Тие инсистираат на еднаква распределба на природните ресурси и богатството произлезено од човековиот труд, со цел благосостојба за сите.

Оксана Тимофеева, професорка по филозофија, една од членовите, одржа воведно предавање на тема „Вештерство и солидарност“.

„Во одредени аспекти, револуцијата е чудо“, рече Ленин. А, пак, Роланд Бур ќе прокоментира дека клучната идеја за Лениновата равенка на револуција и чудо е тензијата помеѓу организацијата и спонтаноста, помеѓу таканаречената партиска авангарда и спонтаноста на народот или масите, разбрана како супстанца која историски станува субјект. Организацијата и спонтаноста се два термини на дијалектичката опозиција, а она што се чини чудесно е нивната синтеза. Фокусирајќи се конкретно на нечовечките аспекти на револуционерните напори, јас ќе ги разгледам овие два термина во многу специфична форма - вештерство и солидарност“, рече Тимофеева на почетокот на своето предавање.

Потоа беше прикажан новиот филм на „Что делат“ насловен „Palace Square 100 Years After. Four Seasons of Zombie“, кој во септември, годинава, беше претставен и во МОМА во Њујорк.

Дел од фестивалот беше и музичкиот сет на Јана Коцевска.

Вечерва, со почеток од 20 часот, на програмата на фестивалот КРИК ќе се одржи разговор со локални и регионални куратори и критичари насловен „Светот околу нас – критичките ставови во регионот“.

Учесници се: Миљенка Буљевиќ, Антонија Летиниќ, Лука Остојиќ, Лујо Парежанин, Весна Милосављевиќ, Лара Плавчак, Миха Келемина и Небојша Вилиќ. Модератор: Владимир Јанковски. Настанот се одржува во партнерство со kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија) и SCCA – Љубљана (Словенија).

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Фондација отворено општество – Македонија, Гете-институт Скопје, Фондацијата Култура нова од Хрватска, Фармахем и Министерство за култура на Република Македонија. Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музеј на современа уметност – Скопје и порталот окно.мк Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа од Загреб и kuda.org од Нови Сад.

Фотографии: Небојша Гелевски