Следејќи сценарио за да се избегне кошмар

13.08.2010 11:39
Следејќи сценарио за да се избегне кошмар

Нејзината кола јури со огромна брзина низ улиците на некој голем град, а нешто страшно, со огромни очи, ја брка, доближувајќи и’ се брзо.

Се разбира, тоа е сон, и откако Емили Гурул, 50-годишна учителка, го сподели со д-р Бери Краков, тој не ја замоли да ја анализира неговата симболика. Едноставно, тој и’ кажа да замисли поинаков сон.

„Во твојот ум, со замислување и сликање, откако ќе почекаш неколку минути со затворени очи, сакам да го смениш сонот со онаков каков што ти сакаш да сонуваш“, вели д-р Краков, основачот на P.T.S.D., Клиниката за сон на Maimonides Sleep Arts and Sciences центарот, водечки истражувач на кошмарите.

И така, црната кола станува бел кадилак, патувајќи со нежна брзина без да бега од некого. Очите стануваат меурчиња кои смирувачки лебдат над градот.

„Тоа го нарекуваме нов сон“, и’ вели д-р Краков на Гурул. „Лошиот сон е онде“, - покажува надвор од собата – „и ние нема да се занимаваме со него. Ние ќе се занимаваме со новиот сон“.

Техниката која се користи додека пациентите се будни се нарекува насочување на сонот и е дел од терапијата за имагинативно закрепнување која д-р Краков помогна да се развие. Терапијата се користи за третирање на зголемениот број страдања поради кошмарите. Последниве години кошмарите сè повеќе се гледаат како посебно пореметување, и истражувачите пронајдоа доволен број емпириски докази дека ваквиот тип когнитивна терапија може да помогне во намалувањето на нивната зачестеност и интензитет, па дури и целосно да ги отстрани.

Третманот е контроверзен. Одредени терапевти, делумно аналитичари од школата на Јунг, не се согласуваат со менувањето на содржината на кошмарите, тврдејќи дека соништата праќаат битни пораки до будниот ум.

„Кошмарите се важни бидејќи тие ги истакнуваат важните проблеми“, вели Џејн Вајт-Луис, психолог од Гилфорд, Конектикат, која студирала за соништата на Карл Јунг институтот во Њујорк.

Д-р Вајт-Луис тврди дека не третира пациенти кои страдаат од силни трауми, и вели дека доколку кошмарот е отстранет, “ние губиме можност навистина да извлечеме некакво значење од него“.

„Менувајќи ги очите со меурчиња“, додава таа, „можеби ја лишило госпоѓата Гурул од шансата да открие што се обидувале да и’ кажат тие нејзе“.

Ноќните мори ги воодушевувале и збунувале луѓето со векови, а за нивното значење се дебатирало меѓу лекарите и аналитичарите од сите школи, додека нивните ефекти понекогаш се толку силни што некој ужасен сон може доживотно да влијае врз некоја личност.

Кошмарот претставува „вознемирувачко искуство за време на сонот кое ја нагризува и ја згрозува нашата душа, и поседува потсвесна сила да ги ослободи демоните, агресивното изразување и смртта“, напиша Вајт-Луис во „ In Defense of Nightmares“, книга есеи од 1993 г. за соништата.

„Околу4-8% од возрасните имаат ноќни мори, барем еднаш во неделата, според истражувањата на соништата. Но овој процент може да изнесува и до 90% кај воените ветерани и жртвите на силување“, вели д-р Краков. Тој додава дека лекувањето на пост-трауматскиот стрес вклучува поактивно справување со кошмарите.

Тој и други терапевти зачестено ја користат терапијата за имагинативно закрепнување (ТИЗ) за лекување на ветераните и активните војници од војните во Ирак и Авганистан. Минатиот месец д-р Краков одржа работилница за ТИЗ и други третмани на соништата со 65 терапевти, доктори за сонот и психијатри, од кои многумина работат во армијата. Неговите техники привлекоа поголемо внимание од другите истражувања што се спроведоа изминативе години. Ен Жермен, асистент по психијатрија на универзитетот во Питсбург, ги споредува двете терапии – бихејвиоралната терапија, која вклучува ТИЗ, и лекот за крвен притисок Празосин, за кој се откри дека ги намалува кошмарите.

„Првичните резултати од истражувањето врз 50 ветерани покажаа дека обата третмани се доста делотворни во намалувањето на кошмарите и пореметувањата предизвикани од пост трауматскиот стрес, иако се разликуваат од еден до друг пациент“, вели Жермен. Таа продолжува со истражувањата за да открие кои се факторите што ги предизвикуваат тие разлики.

Дирдре Берет, психолог на Харвард и стручњак за соништа, нивна анализа за решавање конфликти и истражување на врската помеѓу траумите и соништата, вели дека била зачудена од зголемениот интерес за ноќните мори како резултат на воени трауми и измачувања.

„Во рамките за кругот на психолози кои им дадоа високо значење на соништата порано се дискутираше околу нивното толкување“, вели таа. „А сега терапевтите ни велат дека ако можеме да влијаеме на сонот, можеме да смениме одредени нешта и да ги смениме кошмарите.“

Д-р Берет ја поддржува техниката на д-р Краков, иако вели дека третирањето на ноќните мори треба да се врши кај психијатри и бихејвиорални терапевти за да се лекуваат состојбите. Сепак, таа тврди дека д-р Бери Краков „даде голем придонес со прикажувањето на статистиките и докажувајќи дека ТИЗ е делотворна“.

Терапијата на д-р Краков обично вклучува четири сеанси на групен третман и една до десет поединечни сеанси, иако самиот Краков вели дека три до пет сеанси обично се ефикасни.

Пациентите учествуваат во истражувањата на соништата и придонесуваат на свој начин, користејќи го прирачникот кој д-р Краков го објави „Turning Nightmares Into Dreams“ (Претворајќи ги кошмарите во соништа).

Во неговата клиника некои пациенти, како госпоѓата Гурул, доаѓаат за третирање на зачестено ’рчење и поспаност, а потоа откриваат дека страдаат од трауми предизвикани од ноќните мори. Последното истражување на д-р Краков најде врска помеѓу пореметувањата предизвикани од пост трауматскиот стрес и различните проблеми со спиењето.
Д-р Краков (61) започнал како интернист пред да се зафати со проучување на ноќните мори и нивното лекување на универзитетот Њу Мексико во доцните 1980-ти. Со финансиска помош на Нацоналниот институт за ментално здравје во периодот 1995-1999 тој спроведе големо истражување во потрага по ефектите од ТИЗ врз 168 жртви на сексуални напади кои страдале од кошмари.

Резултатите од ова истражување беа објавени во 2001 г. во списанието Journal of the American Medical Association. 95% од испитаниците страдале од пост трауматичен синдром, а 97% искусиле силување или друг сексуален напад.

Групата за третмани, составена од 88 жени, учествувала во три сеанси на ТИЗ, додека контролната група, составена од 80 жени, била ставена на листа на чекање и продолжувала со третманите кои и претходно ги практикувале. Во период од три до шест месеци 114 жени, кои биле подложени на ТИЗ, покажале „значително“ намалување на ноќните мори, додека оние од контролната група покажале „мало“ или „незначително“ подобрување. Во 65% од случаите симптомите на пост трауматскиот стрес се намалиле кај групата подложена на ТИЗ, додека кај контролната група станале непроменети.

Д-р Краков, заедно со други истражувачи, продолжил да објавува резултати од истражувањата во врска со ТИЗ, во кои во речиси 70% од случаите кои биле подложени на овој третман покажале значително подобрување.

Роберта Баркер (55) е една од првите пациентки на д-р Краков. Кога престојувала во Јапонија, каде заминала да подучува англиски јазик, била киднапирана, а потоа измачувана и силувана три дена по ред, пред да избега. Нејзините кошмари, кои го повторувале ужасот, биле толку застрашувачки што таа едвај можела да заспие. Се чинело дека лековите не делувале. Во еден миг се нашла на работ на самоубиство.

„Пиев толку многу кафе што можев со тие количини да потопам брод“, изјави таа. „Неколкупати неделно во една вечер ги доживував тие неколку ужасни дена.“

Кога д-р Краков и’ рекол дека кошмарите можат да се менуваат и дека таа ја поседува моќта да го спречи она што се претворило во навика, таа била доста скептична.

Тој и’ објаснил дека таа треба да создаде нов сон и да го практикува, и дека постои голема веројатност поради тоа да исчезнат лошите соништа во кои ја грабнуваат и силуваат.

Одредени пациенти работат на променување на заплетот во нивните соништа; една жртва на силување која добивала третмани заедно со Роберта Баркер решила да го смени сонот со тоа што се соочува со силувачот со безбол палка. Но Баркер вели дека почувствувала дека треба да измисли целосно нов сон. Одбрала птици.

„Отсекогаш ги сакав птиците, дивите птици. Ги хранев, а сликите беа силни, дури можев да ги слушнам како летаат и како пеат. Сега, наместо да се будам со врескање, се будам со сознанието дека сум сонувала птици“, вели Баркер.

Извор: New York Times

Цртежи: Carolin Loebbert

Не му доаѓа тоа нешто како

Не му доаѓа тоа нешто како `илузорно потиснување` по вторпат ... што знам, јунгеанците како да имаат право, а искрено менувањето на заплетот е вистинското стекнување на психолошка резилиентност во контролата на своите соништа. Тоа е моето мислење.

Слични содржини

Психологија
Психологија
Психологија / Живот
Психологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото