Меѓународна дебата за критиката на фестивалот КРИК

16.12.2017 16:10
Меѓународна дебата за критиката на фестивалот КРИК

Дали сè поголемата нерелевантност на уметничката и културната продукција се должи на отсуството на критиката, беше прашањето во фокусот на вниманието, синоќа на фестивалот КРИК, каде се одржа расправата насловена „Расфрлани дијалози – критичарско промислување на критиката“, со учество на уредници на медиуми од културата и критичари од Србија, Хрватска, Словенија и Македонија.

„Прашањето на критиката е едно од клучните во Македонија, затоа што во книжевноста, на пример, областа од каде што доаѓам, се чини дека во последниве неколку години, ако не и деценија, постои хиперпродукција на книжевни дела. Има сè поголемо производство на културни производи, а има сè помал број луѓе што ќе ги слушнат или видат. Масовните медиуми драматично го демократизираа гласот на оној кој може да биде критичар или посредник меѓу делото и публиката. Во медиумите доминира маркентишки посредувана содржина“, рече Владимир Јанковски, писател и модератор на дебатата.

Според него, на социјалните мрежи, во отсуство на релевантна критика која ќе валоризира, го освојуват просторот оние коишто се најгласни или кои најдобро медимуски можат да се менаџираат себеси и квантитетот станува мерка за квалитет. Така, рецепцијата на некое дело и влијанието на одредени автори во општеството се мери со количеството на „лајкови“ или „шерови“ и коментари што може да ги собере, на тој начин создавајќи привид на јавност.

„Втор проблем е што во Македонија ја негуваме културата на страшливост, која поради малата средина и нејзиниот провинциски карактер ја сведе културата на кулоарска, култура на орално пренесување, култура на озборување, па така многу почесто наместо релевантно да се пишува или зборува со име и презиме, се практикува таа кулоарска култура која ја замени вистинската култура која, како што вели Искра Гешоска, треба да биде „поле на храброст и борба за идеи и нешто што целиот општествен конекст ќе го движи напред“, рече Јанковски.

Антонија Летиниќ говореше за искуството на создавање на двата влијателни портали во Хрватска „Културпункт“ и „Букса“ кои се занимаваат со културно-уметнички пракси, современите визуелни и изведувачки експериментални и музички пракси биле создадени со помош на европските фондови.

„Нашата идеја од почетокот беше воспоставување на медиумски простор за видливост на уметничките практики кои не можат лесно да допрат до мејнстрим медиумите, а од друга страна да се обезбеди критичка и аналитичка рефлексија која ќе им даде некој вид значење и разбирање во поширокиот политичко-општествен контекст во кој се случуваат. Ни требаше време да обезбедиме инфраструктурни капацитети за тој вид продукција и во 2010 година тоа ни го овозможи поддршката од Европска Унија. Ни беше клучно прашањето што е критика? Развивме алатки и во тој процес на едукација и на читателите и на нас самите, се обидовме да одговориме на тоа прашање. Не верувам во авторитетот на кртичарите и мислам дека сè што е лошо а што произлегува од демократичноста на социјалните мрежи, можеби е и најдоброто, зашто им овозможи на некои луѓе кои не одат во галерии, во театар, не читаат книги, да се вклучат во сето тоа од некој друг агол, да пронајдат интерес и уметноста да стане малку подостапна и да се симне од пиедесталот“, рече Летиниќ. Според неа, не се потребни критичари за да ја толкуваат уметноста, туку заинтересираните треба да ги пронаоѓаат комуникациските канали за изразување на своите ставови и начини да се вклучат во уметноста и да се воспостави дијалог, да се демократизира просторот за нејзино примање и толкување.

Професорот Небојша Вилиќ говореше за потребата од критика. Според него, демократизацијата што ја донесоа социјалните медиуми, прашањето на критиката го доведоа до бесмисла. „Мноштвото гласови произведе шум. Општествената функција на критиката е постојаното и непрекинато промислување и критикување на промените во општеството. Таа не е само однос меѓу уметничкото дело и критичарот и оние што го восприемаат делото, туку критиката како присуство, во нејзината севкупност е една клучна компонента. За жал, кај нас се случи културните кругови да не успеат да ја остварат таа функција на критиката, па оттука општеството да се смени, туку обратно, мора прво општеството да го смениме, за да функционира критиката. Мислам дека критичноста се воспостави во Македонија, без оглед дали се работи за политичка партија, фестивал или нешто друго, што дополнително нам ни дава одговорност да заграбиме подалбоко во нашите критички осврти, при што, враќајќи му се на системот, да се воспостави вредност, бидејќи ако критиката не произведе вредност, односно вреднување, тогаш се губи нејзината функција. Тоа е она што социјалните мрежи, во името на демократијата, го испуштија. Слободата на говор е првиот аргумент на социјалните мрежи, но таму секој си гради сопствен систем и оттаму произлегува шумот на фејсбук, оттаму хејтерството и меѓусебното неразбирање. Правила нема, но мора да има стандарди“, рече Вилиќ.

Весна Милосављевиќ, главна уредничка на порталот за култура на југоисточна Европа, SEEcult од Белград, рече дека порталот работи проекти со кој овозможува медиумски простор за критиката во визуелната и другите уметности.

„Заради маркетинг пристапот кон културата, кој е сè повеќе застапен во медиумите, мислам дека е важно да постои простор за стручен став на критичарите за она што се продуцира во уметноста и можност да ја стават во историски или современ контекст. За мене е проблематична таа демократичност на социјалните медиуми. Еве, на пример, Србија е помеѓу шест земји од светот кои се експериментални заморчиња, така, кај нас на фејсбук, во news feed сега може да го видите само она што го „лајкувале“ и „шерувале“ вашите пријатели и спонзорираните страници. Па, сега имаме ситуација непрофитните, критички медиуми кои во Србија се малку и се на работ на опстанок, веќе да немаат никаква видливост. За 300 или 400 пати ни се намали досегот до кој можат да стигнат нашите објави. Ние немаме пари да ги спонзорираме нашите постови, според тоа, за каква демократичност зборуваме, социјалните мрежи воопшто не се социјални. И како што неодамна напиша уредничката на „Гардијан“, веќе не постои уредништвото, алгоритмите на Гугл и Фејсбук ја креираат јавноста, не само кај нас, туку и во светот. А кај нас тоа е уште поопасно зашто медиумите се приватизирани, таблоидизирани, а професионализмот исчезнува. Затоа мислам дека социјалните мрежи не можат да ја преземат улогата на медиумите, а коментарите на фејсбук не можат да бидат замена за критика и уметничка валоризација. Социјалните мрежи создаваат само привид за информација и критика“, рече Милосављевиќ.

„Музичката критика е едниствената што преживува во мејнстрим медиумите во Хрватска“, рече Лујо Парежанин. Таа ги задржала своите авторитети, кои според едни го имаат водечкиот збор кога се работи за вреднувањето на музиката, а според други, тероризираат со своите ставови за музиката веќе со децении.

„Кога ќе погледнеме што стои наспроти таа демократизирана маса на говор за музиката, она што преживува како стручно, професионално и навводно според највисоки стандарди, ќе видиме дека токму таа критика е онаа што е најзатворена, најзакостенета, дури и методолошки најмалку обучена и најслабо располага со стручно знаење за музиката, музиколошки и теоретски. И тој мачо професионален состав во споредба со шумот на маргиналните, најмалку зборува за актуелните трендови во современата музика, жанровски е многу ограничен, ја третира речиси исклучиво рок музиката, пишува на импресионистички начин, стар 50 или 60 години. А она што кај нас се случува, на пример, на блоговите, е најрелевантен, најинтересен, проширен и отворен начин и постојано се одговара на прашањето што е критика на современата музичко дело. Се прошируваат знаењата за музиката и тоа говори во прилог на алетнативните медиуми“, рече Парежанин.

Лара Плавчак говореше за ситуацијата со критката во Словенија, презентирајќи резултати од неодамнешно истражување на Маја Брезник за критиката на визуелните уметности. Се покажало дека во осумдесеттите години постоеле редовни критички осврти во медиумите, како и статии за уметничкиот пат, изложбите и критички суд. Во денешно време, се зголемил просторот за култура, но објавите се сведуваат на пи-ар текстови, изјави од уметниците, а редовните критички осврти се заменети со новинарски прилози. Критиката може да се види само во каталозите и стручните списанија.

Лука Остоиќ од порталот „Букса“ што ја третира современата книжевна продукција, рече дека нивната публика не е огромна но за 10 години, колку што постои порталот, тие успеале да создадат круг на читатели кои редовно и активно ги следат.

„Се финасираме од јавни пари, немаме кликбејт наслови, немаме она што се нарекува популарни видеа или текстови, но задоволни сме од публиката кој е постојана и која е заинтересирана да прочита критика или рецензија на некоја книга“, рече Остоиќ.

Миха Келемина од Словенија говореше за положбата на кураторите и критичарите. „Младите автори кои работат многу различни изложби избегнуваат да ги објавуваат своите ставови зашто тоа им ги затвора вратите за натамошна работа“, рече тој.

Гостите дебатираа со публиката најмногу за местото и улогата на социјалните мрежи. За разлика од Хрватска, Србија или Словенија каде што постои критика што се потпира на некои традиционални основи, во Македонија тоа воопшто не постои и затоа е опасно промовирањето исклучиво на „валоризацијата“ што ја произведуваат социјалните мрежи, а тоа води кон само популистички начин на рецепција на новите уметнички практики, беше речено на дебатата.

Иницијатор на меѓународната расправа е регионалната партнерска платформа која се одвива под името „Светот околу нас - критичките ставови во регионот“ и се застапува за развој и релевантност на критичката валоризација на уметничката продукција, укажувајќи на нужноста за едукација на автори кои критички ќе рефлектираат во полето на современите уметнички и културни продукции во сите медиуми.

Вечерва, во 20 часот, во МСУ, на програмата на фестивалот КРИК, една од најистакнатите теоретичарки на уметноста, професорката Сузана Милевска, ќе одржи воведно предавање на тема „Ефект на пеперутката: од ветувањето на институционалната критика до потенцијалите на активистичката уметност”.

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Фондација отворено општество – Македонија, Гете-институт Скопје, Фондацијата Култура нова од Хрватска, Фармахем и Министерство за култура на Република Македонија. Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музеј на современа уметност – Скопје и порталот окно.мк Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа од Загреб и kuda.org од Нови Сад.

ОкоБоли главаВицФото