Филип Јовановски учествува на изложбата „Сведоштва – вистина или политика“ во Белград

17.12.2017 15:34
Филип Јовановски учествува на изложбата „Сведоштва  – вистина или политика“  во Белград

Македонскиот уметник Филип Јовановски учествува во групната изложба „Сведоштва – вистина или политика: Концептот на сведоштва во спомен на југословенските војни”, која беше отворена на 14 декември во Музејот на современа уметност Галерија –легат Милица Зориќ и Родољуб Чолаковиќ во Белград.
Изложбата е курирана од уметницата и активистка Ноа Трајстер (Центар за културна деконтаминација од Белград) и кустотосот од Музејот на современа уметност од Белград, Зоран Ериќ.

Јовановски се претставува со делото „Предлог за споменик на комунистичката курва”, аудио опера во пет делови кој како истражувачки процес го работеше во соработка со кураторката Ивана Васева и дизајнерот на звук Сашко Потер Мицевски. Ова е најново дело на Јовановски во кое продолжува да го истражува неговиот долгогодишен интерес кој е фокусиран на конфликтот помеѓу доминантниот дискурс - националистичкиот и конзервативен кој го потиснуваше јавното мислење во изминатите 11 години во македонскиот културен и политички живот, и другиот, оној потиснатиот - модернистичкиот и прогресивен.

 „Насилството беше доминантен параметар кој во изминативе 11 години беше искористено во разни манифестации и ситуации од претходната влада и беше визуелно материјализиран преку различни проекти, меѓу другото, највидливиот - проектот Скопје 2014.
Друго нешто што преовладуваше во јавниот дискурс е етикетирањето и стигматизацијата на прогресивните гласови, можеби најконтроверзната од сите нив е фразата КОМУЊАРИ, КОМУЊАРСКИ КУРВИ. Но, што значи тоа во вистинскиот, политички живот? Зошто луѓето особено ја користат таа фраза и што значи тоа за нив?


Постои "манифест" кој беше дистрибуиран од страна на Општина Центар во 2010 година, со што беа" објаснети" идеолошките позиции на проектот Скопје 2014, особено преку една од најистакнатите изјави во истиот: Бидејќи естетиката беше декадентна и го корумпираше нивниот комунистички морал - што се однесуваше на модернистички згради и модернистичкo, пост-земјотресно Скопје. Овој "манифест" ги исцрта линиите на националистичкиот дискурс во следните седум години, дискурс на насилство што го окупираше политичкиот живот во земјата. Во ова дело ги судирам доминантните позиции на овие два дискурса во една уметничка форма на звучна опера, со цел повторно да ги преиспитам. Во проектот Скопје 2014 недостига уште споменикот на комунистичката курва за да насилството биде комплетно, па ајде да го изградиме!”, вели Јовановски

Кураторина изложбата: Ноа Трестер (ЦЗКД/ учителот незнајко) и Зоран Ериќ (МСУБ)
Уметници: Ана Буњак, Сања Анѓелковиќ и Бојан Кривокапиќ и Андреа Палашти, Даниел Џамо, Рјо Икеширо и Арон Росман-Киш, Филип Јовановски, Кристина Мариќ, Јелена Марковиќ, Јула Маркули и Маријана Фумаи, Владимир Миладиновиќ, Дорон Парис, Никола Радиќ Лукати, Мерсид Рамичевиќ, Лала Рашчиќ, Јацек Смолички и Тим Шоу, Катарина Севиќ.

Концептот на сведоштва во спомен на југословенските војни вклучува аудио архива на повеќе од 200 интервјуа со учесници во војната на Југославија или пак со анти-воени активисти. Проектот се одвива во две испреплетени линии на истражувања кои се занимаваат со концептот на сведоштва во контекст на комеморативни практики и војните во Југославија во деведесеттите години, и се базира на интервјуа и уметнички дела кои ги сметаат овие интервјуа како сведоштва.

Уметниците се поканети да се занимаваат со испитување на од една страна на материјалниот аспект на сведоштвата (звук и глас), а од друга страна со самата содржина - политички, економски, општествен и културен контекст во различни клучни моменти од сведоштвата.
Изложбата има цел да отвори канал кој ќе овозможи на сведоштвата да се слушнат и да се контекстуализираат.
Во Легатот Чолаковиќ се претставени уметнички дела на 15 меѓунардони автори кои во изминатите години учествувале во ова истражување.
Уметничките пристапи варираат од архивски, преку партиципативни аудио-визуелни и антрополошки истражувања до статистичко технолошки размислувања, а како резултат на изложбата ќе бидат претставени дела во широк спектар на уметнички медиуми, од музички композиции и перформанси до аудио визуелни инсталации и архиви на одредени сведоштва.
Изложбата од 17 ноември до 8 декември беше изложена во Галеријата Боканера (Boccanera Gallery) во Тренто во Италија, а после Белград патува за Сараево (од 6-ти март 2018), Бања Лука (од 10-ти март 2018) и Виена (14-ти април 2018).

Концептот на сведоштва во спомен на југословенските војни е во реализација на Центарот за културна деконтаминација од Белград во соработка со : Учителот незнајко и неговите комитети(Белград), Музејот на современа уметност (Белград), Историскиот музеј на Босна и Херцеговија(Сараево), Центарот за културна и социјална поправка (Бања Лука), Боемб(Виена, Австрија), Опсерваторијата за Балканот и Кавказ Трансевропа (OBCT Transeuropa), Институтот за филозофија и општествена теорија(Белград) и Лајбниц институтот за студии на југоисточна Европа (Leibniz-Institut für Ost- und Südosteuropaforschung – IOS)

 

 

Слични содржини

Балкан / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото