Предавање на Сузана Милевска и промоција на книгата „Архиви на насилство“ на фестивалот КРИК

17.12.2017 16:08
Предавање на Сузана Милевска и промоција на книгата „Архиви на насилство“ на фестивалот КРИК

Во рамки на програмата на КРИК фестивалот за критичка култура, кој се одржува во Музејот на современа уметност, синоќа беше промовирано изданието „Архиви на насилството“ кое произле од програмите што Контрапункт и партнерите ги реализираше во периодот од 2015 до 2017 година, во рамки на платформата „Проширено естетичко образование“, како лабораториско – истражувачка програма.

Книгата ја испечати „Кома“ и има иновативен дизајн. Во оваа публикација може да се прочитаат исклучително реномирани автори во теоријата и културата, како Рената Салецл, Светлана Слапшак Гералд Раунинг, Борис Буден, Томислав Медак, Марсел Марс, Бранислав Јовановиќ, Бранко Димитријевиќ и Ана Вујановиќ, а нивните текстови се оригинално напишани за фестивалот.

Широчината на темите се протега од анализа на машинистичкиот капитализам и новата дигитална реалност, проблемите на толкување на насилството како историско/темпорална категорија, проблематиката на економското насилство, естетичките категории и политичкото читање на уметничката пракса, како и промените на центрите на моќ во електронското издаваштво. Дополнително во публикацијата се поместени и информации за филмскиот фестивал за човековите права, како и уметничките дела од изложбата и перформансите кои се случија во рамките на фестивалот.

Потоа, воведно предавање насловено„Ефект на пеперутката: од ветувањето на институционалната критика до потенцијалите на активистичката уметност” одржа една од меѓународно најреномираните македонски автори, Сузана Милевска, теоретичарка на културата, која во моментов работи како научен истражувач на Политехничкиот Универзитет во Милано.

Пред почетокот на предавањето, кое Милевска го посвети на неодамна починатиот уметник и музичар Златко Трајковски Хинки, таа ја замоли публиката да ја слушне неговата песна „Криза“, за која рече дека има антиципаторски потенцијал, а Хинки беше еден од последните андерграунд уметници кој не се продаде.

„Познатата поетска, но и научна метафора од теоријата на хаосот: „ефектот на пеперутка“ (според која минимални причини предизвикуваат големи ефекти), ја позајмувам со цел да поттикнам дискусија за важноста на даденото време за анализа, разбирање и антиципирање на односите помеѓу почетните услови и следствено на тоа ирационалните ефекти како на пример на повиците за отпор, петиции или бојкоти во форма на говорен чин“, рече Милевска

Институционалната критика, уметничката пракса и активистичката беа клучните точки на нејзиното предавање.

„Потешкотијата, но исто така и важноста на обидот за одредување на првичните услови и парадоксалните последици коишто може да ги има потписот – давањето на/ потпишувањето на сопственото име под одредена изјава, како и потенцијалот на другите слични уметнички проекти (што повикуваат на учество, соработка, „обратно зацелување“, редистрибуција и одбивање или прекинување на инвестиција) како катализатори за општествени промени, се дел од темите за кои ќе зборувам како стимулација за поопшта дискусија во врска со односот помеѓу критичката и активистичката уметност“, рече Милевска

Врската меѓу одговорноста на уметниците, веќе еднаш потврдена со чинот на потпишување на нивната припадност, поддршка и/или солидарност со една политичка опција останува да биде релевантна за нивната идна уметничка пракса.

„Прашањето за тоа како секоја почетна акција влијае врз идниот развој на уметничката пракса и други загатки што произлегуваат од контекстот на долготрајната транзиција во општествата обележани со тековните конфликти и социо-политички промени, е мотивирано од многуте контрадикции во уметничките практики и кариери на уметниците кои го надживуваат краткиот век на секој револуционерен период“, рече Милевска.

По предавањето во разговорот со публиката што го модерираше кураторката Елена Вељановска се говореше за формите на уметнички отпор во изминатите десетина години во Македонија.

КРИК фестивал за критичка култура завршува вечерва во 19 часот, со колаборативниот перформанс „Настанување со музејот“ предводен од Дмитри Виленски, Цапља Олга Егорова, Оксана Тимофеева и Нина Гастева, членовите на светски познатиот уметнички колектив од Русија „Что делат“, кои заедно со локалните учесници изминатите пет дена го подготвуваа специјално за фестивалот. Со свој музички сет ќе настапи и Срѓан Јаниќијевиќ.

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Фондација отворено општество – Македонија, Гете-институт Скопје, Фондацијата Култура нова од Хрватска, Фармахем и Министерство за култура на Република Македонија. Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музеј на современа уметност – Скопје и порталот окно.мк Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа од Загреб и kuda.org од Нови Сад.