Историјата на една актуелна навреда

18.12.2017 03:29
Историјата на една актуелна навреда

Франкфуртскиот приказ на антисемитизмот

Антисемитизмот од 13 век

Доделувањето животински епитети и бестијалности на целни групи луѓе е одамнешен пропаганден стереотип. Моралот од средниот век значително е обликуван од библиските учења и религиозноста и како таков ја казнувал бестијалноста со најлоши можни казни – обично со клада. Истовремено, христијанското свештенство го поттикнувало развојот на моќниот антисемитизам, а од 13 век Евреите се протеруваат од градовите, насилните погроми и случаите на крвна клевета (лажно обвинување или тврдење дека верските малцинства, вообичаено Евреите, убиваат деца за да ја користат нивната крв во своите верски обреди) стануваат сè почести. Црквата ги поттикнала христијаните да ги сметаат Евреите прво за грешници, па за „ѓаволски групи“ и „пратеници на Антихристот“, а средновековната уметност и книжевноста која главно се занимава со религиски теми неизбришливо го врежала тоа во христијанската психа.

Така, во 13 век првпат се појавува мотивот Јуденсау или Јуденшвајн кој ги прикажува Евреите во одвратен контакт со свиња, обично цицајќи го нејзиното виме, а која во јудаизмот претставува „нечисто животно“. Мотивот имплицира дека Евреите се потомци на свињата која ги рани своите деца. Првиот таков мотив е исклесан на катедралата во Бранденбург 1230 година, а до доцниот среден век во Светото Римско Царство се појавиле уште педесеттина такви дела. Се смета дека се работи за најстариот облик антисемтиска карикатура која има три главни социјални и психолошки функции: да се утврдат постоечките предрасуди, да ги отуѓи од јавниот живот и да ја повреди нивната вероисповед.

Претставувањата на Јуденсау постапно станувале уште погадливи и побестијални, а во следните два века почнале да вклучуваат опсцени и скатолошки дејства, а како секундарен мотив прикази на крвна клевета. На преминот од 15 и 16 век, еден од новите мотиви станува козата која го претставувала ѓаволот.

Тој симболизам бил втемелен во христијанската народна традиција, а распространетиот средновековен приказ на сатаната имал лице како коза со рогови и брада. Најпознат пример за таков приказ е овој од Франкфурт кој ги содржи сите тие мотиви: сатаната во облик на јарец, Еврејка која прегрнува јајца, скатолошки дејства, крвна клевета, цицање од вимето на свињата... Тој мотив се наоѓал на најпрометното место во градот, на Брикентурм (градската врата во кулата на мостот), значи на највидливото место за минувачите.

Благодарение на печатарската револуција на германскиот изумител Гутенберг, антисемитската пропаганда преминува од пластичен приказ во печатен облик. Мартин Лутер имал значајно влијание на германскиот антисемитизам не само со агитација кај властите на Евреите да им се забрани да живеат и работат во градовите туку и со пишување антисемитски книги кои дури петпати биле реиздадени додека бил жив.

Во книгата „За Евреите и нивните лаги“ се повикува на палење синагоги, еврејски школи и куќи, одземање свети книги, забрана за проповедање на јудаизмот, одземање пари... А, во делото „Vom Schem Hamphoras“ го споредува Талмудот, најсветата еврејска книга, со свински измет и детално го опишува Јуденсау чија графика е прикажана во книгата.

Вом Шем Хамфорас

Како што знаеме мошне добро, демонизацијата продолжила и во 19 и 20 век кога Јуденсау се користел во антиеврејската сатира чија главна преокупација било споредувањето на Евреите со свињи и кози. Овие опсцени фигури со козја брадичка дотолку навлегле во стереотипниот приказ на Евреите во германската имагинација што сериозно се сметало дека тоа е карактеристична особина на еврејската физиономија.

Во Третиот Рајх, членовите на младината на Хитлер ги злоставувале Евреите на улиците со навредата „еврејска свињо“, ги оживеале и Јуденсау киповите кои се користеле во нацистичката пропаганда, а германските ученици „културно се воздигнувале“ при посетите на цркви со Јуденсау прикази. Дехуманизирачкиот учинок на изедначувањето на Евреите со свињи и кози и неговите последици се добро познати. После војната се разорени неколку средновековни скулптури, во Германија, Австрија и Швајцарија, Јуденсау навредите се забранети со закон, а денес главно ги користат неонацистите и хулиганите.

Исламофобната варијанта

Бестијалната клетва традиционално се користела и против Арапите и против муслиманите, што е видливо во средновековната и ренесансната книжевност поттикината од Крстоносните војни. Се споменува во англиските витешки романи од 14 век и германските книги и англиските претстави од 16 век. Но, за разлика од случајот Јуденсау, не била зачестена појава и не претставува постојана традиција. „Ебач на кози“ дефинитивно произлегува од традицијата на клетвата Јуденсау и нејзините деривати со оглед на тоа дека е поврзана со антиеврејската пропаганда. Во денешната исламофобна смисла оваа навреда ја популаризираше Холанѓанецот Тео Ван Гог, режисерот кого во 2004 година на улица го уби верски екстремист.

Ван Гог ја изгради популарноста со разни ксенофобни испади, почнувајќи од осумдесеттите кога се насочи кон локалната еврејска заедница. Евреите ги нарекуваше „сапуни“ и „ламби“ на Гестапо, а омилени му беа и шегите на сметка на „еврејскиот гас“. На удар му се најде и Јоб Коен, еврејскиот градоначалник на Амстердам кого го опишуваше како „одраз на одвратниот мултикултурализам“, „нацист“, „муслимански колаборатор и петоколонаш“, „касап на Алах“ и „Евреин за валкани работи“.

Ван Гог со овие испади репродуцираше разни стереотипи, вклучувајќи ги и средновековните за „здруженото еврејско-муслиманско роварење против христијанскиот Запад“, и оние за „еврејските заговорници“ од Протоколот на сионските мудреци. Заради наведените клевети и навреди, Ван Гог беше затрупан со мноштво тужби од страна на еврејската заедница, а на суд се бранеше со правото на слобода на изразувањето. Сепак, еднаш заврши 20 дена во затвор.

Во средината на деведесеттите Ван Гог пронајде нова мета, истурајќи им се на муслиманите. Ги нарекуваше „петоколонаши“, а најчесто „ебачи на кози“ (geitenneuker). На новинарските прашања зошто го употребува тој термин, Ван Гог се повика на лажната препорака на Хомеини дека „мажот со големи сексуални потреби треба да се заврти кон козата“, што е измислен цитат од Малата зелена книга – монархистички фалсификат издаден пред револуцијата 1979 година.

Мурал посветен на убиениот исламофоб Тео Ван Гог

Нема сомнеж дека вистинската инспирација на Ван Гог за „ебачите на кози“ впрочем дошла од Јуденсау традицијата, со оглед на тоа дека средновековната и нацистичката антисемитска пропаганда му биле исклучително познати. Во 2005 година Geitenneuker влезе во „Van Dale“, водечкиот речник на холандскиот јазик, како навреда за муслиманите. Изразот брзо се прошири во англискиот јазик по терористичките напади од 11 септември 2001 година, а после војната во Сирија се прошири низ цела Европа.

Од шумите до козите

На крајот вреди да се осврнеме на домашниот култур-расизам кој лесно ја презема оваа бестијална расистичка навреда и ја искористи за своите потреби. Филозофот Борис Буден зборувајќи за партизаните, кои со бајонети од шумите го донеле процесот на модернизација во Хрватска, најдобро ја објасни елитистичката малограѓанска потреба за навредување која може да се пренесе и на овој случај.

„Шумата“ е расистичка малограѓанска метафора за културната инфериорност на партизаните, нешто како „Срби“ или „Херцеговци“ вчера, а „мигранти“ денес или уште подобро утре. Изразот е производ на фантазијата за здраво, нормално, ни лево ни десно, самодоволно јадро на граѓанската култура која е жртва на примитивците однадвор, неписмените, партизански партали кои ги ложат печките со дабов паркет, одгледуваат свињи во кадите... Како таква, таа не е само обична лага, зашто е лесно да се оспори историски, туку е автентично недемократска. Токму таа приказна за селаништата од шумите е израз за најпримитивниот, тогаш веќе историски декадентен, расистички елитизам на некогашната граѓанска класа, за нејзината патолошка асоцијалност. Токму таа класа била неспособна да гледа подалеку од сопствениот нос, од своите егоистички малограѓански интереси, односно, пред сè неспособна да започне општа општествена и културна модернизација.

Така, денешната граѓанска класа не поднесува ништо надвор од центарот на Загреб, истиот центар во кој се наоѓаат интелектуалните и духовни извори на сите „најзападни“ идеи кои наводно „прогресивните“ сили ги персонифицираат во симнатите од планините кои им ги расипуваат резултатите од изборите и културната слика на метрополата. Наместо својата енергија да ја насочат кон салоните, салите, канцелариите и олтарите во срцето на Загреб, од кои извира „конзервативната револуција“, тие ја трошат на „примитивците“ кои се само алат на пристојната и нашминкана реакционерна елита.

Како да не им е јасно дека хрватскиот фашизам не се создава во зафрлените села во Херцеговина и Лика, туку на Капитол и во Горни град. Старчевиќ го изгради национализмот, Пилар расизмот во евгениката, Шуфлај „границата на Дрина“, Будак го „реши српското прашање“, а Степинац сето тоа го благослови и покрсти. Сите наведени правници, книжевници и бискупи не биле неписмени примитивци и сточари, како што не се ни новите конзервативни идеолози од богословските факултети и разните националистички институти и академии или увезени од Канада и Австралија.

Извор: http://lupiga.com

ОкоБоли главаВицФото