Магла врз градот, магла во умот

18.12.2017 09:39
Магла врз градот, магла во умот

Поминува уште еден ден со ужасна загаденост на воздухот во Скопје, а не гледаме дека некој презема нешто сериозно по тоа прашање. Шилегов даде една непромислена изјава – всушност, тотална глупост – дека зад иницијативата за неодење на децата во училиште стоеле политички мотиви на опозицијата (?!), наместо прилично здраворазумски да објасни дека, ако децата не одат на чколија кај што има градско парно, треба да седат дома, па некој да ги чува, а тој некој ќе пали печки за греење и ќе гори нафта, дрво, пелети, гуми, јаглен, свекрви или пластични шишиња, што дополнително ќе ја влоши катастрофалната ситуација со воздухот.

А можеше Шилегов да се сети и итно да ги испрати децата до одредена школска возраст на вонреден зимски одмор од една-две недели во Охрид или што-знам-јас-кај по планиниве, заедно со нивните наставници, па таму да имаат настава во хотелските ресторани или во природа, наместо овде да се гушат. И не е до парите, туку треба да ти текне.

Всушност, има краткорочни мерки што им стојат на располагање на градските и на државните власти за ублажување на воздушнава катаклизма. Тие се стопати наброени од попаметни од мене на оваа тема, па нема да ви го трошам времето со нивно повторување.

Но, вреди да се размисли уште денес за некои подолгорочни решенија. Дозволете да се обидам…

Прво, има ли стручњаци кои би објасниле со некаква научна студија – што би ја финансирала Амбасадата на САД, на пример – дали изградбата на браната Козјак, од пред десетина години, и големото езеро што со десетици километри се протега зад неа, имаат некакво влијание врз промената на воздушниот притисок, влажноста, текот на ветриштата и промената на микроклимата над Скопје, бидејќи интернет-конспирациите на оваа тема се колоритни? Па, од таква научна студија да вадиме некои научни заклучоци? Онака, не дека нешто разбирам, туку само прашувам…

Второ, може ли државната власт, заради причини од висок национален безбедносен интерес (здравјето на една третина од луѓето во земјата, на пример) да размисли за национализација на БЕГ, најголемиот градски парно-затоплувач? Просто се прави тоа, слично како Маргарет Тачер на времето: се донесува закон, се одзема компанијата од приватна сопственост и се префрла во државни, национални раце, со праведна компензација за сопствениците. А потоа државата, на штета на буџетот (значи, од сите нас кои се гушиме), прави такви цени за парно греење кои се прифатливи и за оние кои се исклучија од парно и прејдоа на горење сешто, но и за нови приклучоци – и сето тоа да се заврши до идната грејна сезона – па кој ја преживее зимава, да може да обновува бели дробови идната. Онака, не дека нешто разбирам, туку само прашувам…

Трето, ако ова со национализацијата на БЕГ звучи многу радикално, може ли стручњаци од областа на здравството итно да пресметаат колку (ќе) се плаќа од здравствениот буџет кога 100.000 луѓе ќе се поболат од карцином на-што-сакаш од воздухов, и тие пари да се доделат во агресивна кампања за субвенции за менување на видот на греење низ домаќинствата, од ова што загадува, на: струја, парно, водни пумпи, стомачни гасови…? Онака, не дека нешто разбирам, туку само прашувам…

Четврто, зошто е толку тешко да се смисли забрана за одредена старост или вид на возила што се тркалаат низ Скопје, вклучувајќи и возила од јавниот превоз и од државните служби? Или барем да се смисли начин како да се проретчат, итно? Вчера? Онака, не дека нешто разбирам, туку само прашувам…

Петто, може ли наместо да ни подарат уште сто џипови за граничната полиција или за таму некој вод војска што ќе нѐ штити од непостоечки мигранти, да побараме десетина-дваесет автобуси на струја или на што-ја-знам-што, што нема да загадуваат? Онака, не дека нешто разбирам, туку само прашувам…

Шесто, може ли власта да се чувствува помалку навредена, а повеќе повикана итно да се зафати и со некоја, значи, подолгорочна идеја по овие прашања? Оти, Коце Трајановски подобро изигруваше краткорочен дворски шут кога ќе паднеше ваква канцерогена бомба врз Скопје.

Извор: Civilmedia, 15.12.2017
Слики: Владимир Лукаш

ОкоБоли главаВицФото