Ем сере, ем зеље бере

18.12.2017 15:14
Ем сере, ем зеље бере

Оваа сликовита и стара народна поговорка јасно зборува дека вршењето нужда во долче што е богато обраснато со самоникло зеље било од најстари времиња преференција на нашите предци – од проста причина што големиот, мек, а жилав лист на зељето се користел како најпосакувана тоалет хартија уште од појавата на првите Македонци на планетата. Поговорката, меѓутоа, цели да сликува една сосем специфична – и особено штетна – психосоцијална појава, која од времето кога на Земјата постоеле само Македонците, потем несопирливо се проширила и на целиот човечки род.

Се работи за подмолноста и лицемерието на многумина во нивните напори да ја „рационализираат“ и „социјализираат“, па дури да ја направат навидум општествено полезна нивната сопствена голема нужда. Токму оваа морална порака на насловната поговорка – а не нејзината пасторалност или лирска сликовитост – е вистинската причина зошто народната умотворина ја ископав од трезорите на македонското културно наследство. Погодивте, нели, дека повторно и се навраќам на темата на антиквизацијата на македонската етногенеза и на античкото ребрендирање на националниот идентитет, што ВМРО ја изведе со уништувачка ефикасност во единаесетте години од својата диктатура на Глупоста.

Културно самопоништување

Тоа ни се случи точно како во поговорката: откога ја затрупаа македонската престолнина со нивните прескапо платени, а уметнички и културно безвредни срања, бездарнички и до кретенизам некадарно изделкани во некаков налудничав порно–барок стил, тие земаа да нè убедуваат дека нивното фекално ребрендирање на македонскиот национален идентитет било од суштествена општонародна полза – за да го спасат името македонско, и да ги зајакнат пред светот нашите позиции во преговорите за пронаоѓање на „заемно прифатливо решение“ за името. При што нашата најголема историска трагедија е што – очигледно – успеале да убедат многу вжештени македонски патриоти дека „не дека сереле, туку зеље береле“, зеље од кое ќе се пече традиционалниот зелник, што духовно ќе ја прехранел македонската паства додека ги трпи библиските премрежиња на кои нè изложила меѓународната заедница.

Поради тоа во земјата владее нерешителност и недоумица дури и за потребата од чистење на куповите гомна на скопските плоштади, улици и кејови, но и за способноста на македонското општество за таа катарза.

Но, да се разбереме: времето не работи за нас, зашто од една страна луѓето се навикнуваат на неподносливата реа на канализација во околината на фекалните споменици од „Скопје 2014“, па не е далеку денот кога и оваа смрдеа ќе биде прифатена како составен дел од нашиот идентитет; од друга страна, пак, долгото време сака да ги фосилизира човечките гомна и така да ги петрифицира во вистински камени споменици што дефинитивно ќе го овековечат нашето културно самопоништување.

Така што, прашањето што да се прави со петрифицираните фекалии од „Скопје 2014“ стана шекспировското „да се биде или не“, на кое е сè потешко да се одговори, зашто влегуваме во психолошката стапица на Данинг–Кругеровиот ефект, за кој пишував некни.

Станува збор за тоа што самиот факт што ние се прашуваме што да правиме со еден таков суперсептичен, отровен и културоциден отпад – каков нормални нации го рушат и евакуираат во првите три месеци од соборувањето на режимот што ги изградил – непобитно укажува на фактот дека веројатно поради веќе предолгата изложеност на радиоактивните споменични гомна, нас ни е сериозно оштетена интелектуалната, па и когнитивната моќ да донесуваме какви и да е одлуки или вредносни судови.

Профашистички мит


Испаѓа дека немоќта да се пресметаме со фекалното загадување во центарот на нашата престолнина, станува видливата мерка на декапацитираноста на нашата култура, а овој колапс на разумот практично и не се однесува на тенката скрама на новата власт што како чипкано миљенце се напрега и чепи да го препокрие огромното тело на вмроизираната бирократија, туку, пред сè, на македонското општество како целина.

Време е, затоа, да ги одмериме „позитивните“ ефекти од александризацијата на нашата етногенеза и национален идентитет, што се слави со петрифицираните фекалии од „Скопје 2014“: до споменичното окаменување на вмровската александризација на нашето потекло, ја имавме на наша страна целата меѓународна заедница, која грчките спорења на името на нашата држава унисоно ги сметаа за ирационални и неоправдани. Додека денес ситуацијата е сосем обратна: грчките барања станаа разбирливи и оправдани за целиот свет зашто токму налудничавото поврзување на нашето државно име со хеленската династија на Аргеадите стана општоприфатениот доказ дека во Република Македонија се одгледува иредентистички и профашистички мит што ја загрозува стабилноста на регионот.

А врзувањето на името со националниот идентитет токму преку ликот на Александар Втори Македонски фатално го поткопа и нашето право на името македонско, зашто за нација што така лесно го менува идентитетот – со кој се здоби како победник во антифашистичката епопеја во Втората светска војна и гордо го носеше 70 години – сите очекуваат дека ќе смени и сè друго.

Така што, вмровското серење во никој случај не било „зеље берење“, туку зељето – како и нашето национално достоинство и идентитет – било само тоалет за нивната психопатска нужда! Измет, што – ако не го исчистиме – ќе нè идентификува во веки веков.

Слики: Marcin Bondarowicz
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото