Почина Стамен Филипов, борецот против лошите закони

19.12.2017 03:13
Почина Стамен Филипов, борецот против лошите закони

На 74 години, почина Стамен Филипов, правник во пензија, човекот кој поднесе најмногу иницијативи пред Уставен суд за преиспитување на уставноста на многу закони и законски решенија.

Стамен Филимов или како што го нарекуваа новинарите „уривачот на закони“, „борецот против лошите закони“, човекот кој две децении будно ја штитеше уставноста на нашата земја беше симбол на граѓанскиот активизам.

Филипов до судот, во текот на своите пензионерски денови поднесе 1200 претставки , од кои дури 308 му биле прифатени.

Филипов е пензиониран правник од АРМ со чин потполковник и уживаше голема почит меѓу своите колеги. Тој пред Уставен суд ги оспоруваше Законот за лустрација, законот за измени на ДДВ и многу други.

Порталот Академик, пред 4 години, кога беше објавено интервјуто со Стамен Филипов напиша:

„Како вистинска боемска душа, македонскиот рекордер нè дочека на чорба во друштво на своите пријатели, меѓу кои и пензионирани судии. Опишувајќи се себеси, со радосен восклик вели: ‘Стамен Филипов е ЅВЕР!’“.

„Во Армијата сум од 1959-та година: бев старешина во ЈНА и на АРМ каде се здобив со чин потполковник. Во 1974 година вонредно се запишав на Правниот факултет во Битола. Дипломирав на 36 години. Во 1981 година дојдов на приправнички стаж во Скопје, со што почна и мојата кариера како правник. Адвокат или судија никогаш не сум бил, меѓутоа бев секретар на Воено-дисциплинскиот суд во Третата армиска област, од 1984 до 1991 година, до неговото расформирање“, ја почнува својата приказна Филипов.

„Не знам дали сум го срушил Гинисовиот рекорд во оваа категорија, но мислам дека во овој крај нема човек што поднел над 1000 иницијативи пред Уставниот суд. По овие иницијативи укинати се 236 спорни законски одредби, 9 закони во целина, 64 подзаконски акти, од кои 32 се укинати во целост, а одржани се и 13 подготвителни седници. На 21 мај го ‘напаѓав’ Законот за лустрација. Јас сум еден од иницијаторите, тој Закон според мене не може да постои во Македонија, нè враќа само во минатото“, пишуваше Академик во интервјуто со Стамен Филипов направено на 31 мај 2013 година.

Кога тогашниот претседател на Уставен суд го прашал до кога ќе поднесува иницијативи, Филипов му одговорил:

„Додека сум жив!“

Извор: Плусинфо

ОкоБоли главаВицФото