Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (8) - Муф, Косик, Бенјамин, Блох, Кавада, Андерсен

19.12.2017 10:16
Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (8) - Муф, Косик, Бенјамин, Блох, Кавада, Андерсен

ШАНТАЛ МУФ

Разгледувајќи ја суштината на политиката, Муф прави клучна терминолошка разлика помеѓу агонизмот и антагонизмот. Агонизмот (кој доаѓа од старогрчкиот збор агон – напреварување, борба) подразбира почитување на противникот. Тоа подразбира судир кој имплицира средба, откритие, сознание, промена – натпревар во кој е важно да се учествува и каде што и поразот може да биде почест. Според Муф, политиката пред сè е дискурс на конфликтот и неговото разрешување не е во порекнувањето на несогласувањето, туку во можноста да го артикулираме она во што не се согласуваме.

Разликата помеѓу агонизмот и антагонизмот е заснована во односот спрема другиот. Во случај на антагонизам, соочени сме со релацијата пријател-непријател, при што непријателите речиси се лишени од легитимитет заради своето непријателство. Тоа не е демократско општество. Агонизмот, од друга страна, оваа нужна политичка поделба на ние и тие, ја конструира така што наместо непријатели имаме противници. Противниците споделуваат ист симболички простор, меѓу нив постои конфликтен консензус и тие се согласуваат околу основниот етичко-политички принцип, како треба да се организира општеството.

Во 5 кај вртелешките

КАРЕЛ КОСИК

Политиката во голема мера е игра со времето. Во ниедна друга професија не е толку важно дали одредена работа е направена токму во конкретен миг. Затоа политичарот е во постојана опасност да стане роб на времето, а неговото одлучување да стане само накнадно справување со настаните еднаш пуштени од ланец. Славниот чешки дисидент и левичар, Карел Косик, постојано се прашуваше: како политичарот може да го „совлада“ времето и како може да ја открие смислата на дејствувањето доколку цело време е под пресија на привремените налози. Со тоа што ќе ја прескокне сегашноста и ќе стане утопист? Со тоа што ќе ја надмине сегашноста и ќе стане визионер? Или така што ќе се обиде да предвидува и да стане пророк? Утопистот, визионерот и пророкот сепак не се политичари, вели Косик. Политичарот може да се справи со времето само на тој начин што ќе се сврти кон суштинското. Тоа суштинско подразбира имање основа која, меѓу другото, подразбира да се разјаснуваат смислата и можностите на политиката.

Црвот, змиски цар

ВАЛТЕР БЕНЈАМИН, ЕРНСТ БЛОХ

Седумдесетгодишнината од започнувањето на антифашистичката народно-ослободителна борба ни дава шанса барем делумно да излеземе од кулисите на груевистичкиот „рај“. Денешниот јубилеј треба да ни овозможи да ги поврземе временските рамништа низ кои живееме; минатото, сегашноста и иднината неодвоиво го сочинуваат заплетканото клопче на нашите животи. Вистина, тие никогаш не можат да бидат осознаени во нивната целокупност и никогаш не можат да бидат осознаени со извесност. Ернст Блох зборува за „темнината на проживеаниот момент”, за онаа структура на нашето историско постоење која ни оневозможува кога било да бидеме современици со својата сегашност. Тоа значи дека секое политичко дејствување мора да биде мислено со оглед на оваа темнина, на слепилото и неизвесноста, со оглед на она што Бенјамин често го нарекува „опасност”.
„Настаните кои го опкружуваат историчарот и во коишто тој учествува ... се наоѓаат во позадината на неговото претставување, како еден текст пишуван со невидливо мастило”, објаснува Валтер Бенјамин, еден од најзначајните политички аналитичари во 20-от век.

„Историски да се артикулира минатото не значи да се осознае ‘какво всушност тоа било’. Тоа значи да се овладее со сеќавањето онака како што тоа заблеснува во моментот на опасност.” Бенјамин го одредува моментот на опасност и како момент во кој потчинетите класи чувствуваат дека ќе ги „преплави” конформизмот – тоа е, значи, момент во кој тие чувствуваат дека се изложени на ризикот да станат инструменти на сопственото потчинување.

Посилни од извесноста

ЕДУАРДО КАВАДА

Политиката треба да престанеме да ја гледаме само како тоталитет и општа контрола (груевизмот тука ги следи најлошите аспекти на владеењето на комунистите); за промена, можеби треба да почнеме политиката да ја согледуваме како постепена еманципација (тоа беше добрата страна на социјализмот), како етика и одговорност, а не исклучиво како сила и моќ. Се разбира, како што вели Едуардо Кавада, „доколку нашите етичко-политички одговорности се обидуваат да ги минимизираат опасностите, неизвесностите и моментите на незнаење (за да нè уверат во илузијата за нашата сигурност, за да ги потврдат нашите добри уверувања или добрата совест), тогаш тие се изложуваат на ризикот да станат нешто што се разликува од политичкото, етичкото и одговорното”.

Кавада (стручњакот за Бенјамин), и покрај сè, е оптимист; со оглед на тоа дека политичката одговорност секогаш е без модел или гаранција, можно е токму таму каде што извесностите почнуваат да слабеат и да исчезнуваат, ние луѓето да започнеме да ја собираме силата која е посилна од секоја извесност. Тоа е истата онаа сила која ги придвижи македонските партизани пред седумдесет години да му се спротистават на фашизмот.

Посилни од извесноста

ХАНС КРИСТИЈАН АНДЕРСЕН

Ханс Кристијан Андерсен во 1837 година ја објавува сатиричната приказна „Новата облека на царот“. Да потсетиме на славната финта на двајцата кројачи: тие рекле дека нивната облека не можат да ја видат оние кои се наоѓаат на високи позиции или оние кои се премногу глупави за да го видат очигледното. Прислужниците на царот, а и самиот цар, лажеле дека гледаат и сфаќаат. Нивната голотија набрзо ја виделе сите. „Царот е гол“ е една од најславните реченици на народното ослободување. А нашиот цар, комплет со неговите слепи придружници, ваистину е ќор - гол.

Царот е сосема гол

Слики: Комар и Меламид

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото