(С)вети Никола Вмровецот

19.12.2017 12:07
(С)вети Никола Вмровецот

За разлика од старите што слепо веруваат во четирите свети букви, новоерците во Македонија и ден-денеска веруваат и се крстат во партискиот Чудотворец, Никола Вмровецот. Важи за заштитник на беспомошните припадници на злосторничкото здружение, на сиромашните бизнисмени, на чесните криминалци, на притиснатите рекетари, и на давателите и на примателите на мито, на сите што (п)ловат во матно кон даночните раеви, на партизираните административци, на корумпираните функционери, на тие што глумат патриоти, на затворениците од крвавиот четврток, на оперските пејачи и на сите што пеат: „Никој ништо не ти може Никола, Николааа…“ Негов „таргет“ биле илјадници други, особено ги прислушувал дури и молитвите на оние што му пеат друга песна: „Шутка не ти бега Никола, Николааа…“

Многу македонски семејства, освен Фамилијата, големиот празник ќе го прослават со специјалитетот што повеќе од една деценија владее на домашното мени – посна трпеза на која доминира риба и зелка. Според обичаите, рибата би требало да ги потсети од каде смрди во партијата, а зелката е тука за да може статистиката, сметајќи го месото за Фамилија, да пресмета дека, во просек, народот јаде сарма.

Причината за неговата популарност треба да се бара во самиот карактер на свети Никола. Целото богатство што го наследил од родителите го разделил на неговите (една е мајка), а она што го наследи од Никола Поповски, заедно со тоа што сам го создал преку проценти (од жутите, на пример), преку Скопје 2014 и преку проекти главно на таа „траекторија“, накратко богатство наречено државен буџет – во желба да остане анонимен и недостапен за правдата земска – го разделил на многу имиња и познати и непознати, така што сега никој не знае ни колку е, ни каде е, ни чие е неговото богатство.

Ако има правда, се верува дека летниот именден Никола ќе го прослави со чувари за кои не може да се каже дека се ангели.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња