1032 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 12:59
Политичката атмосфера во англосферата е презаситена од буржоаски ресентиман. Во САД, таканаречениот либерален естаблишмент е длабоко уверен дека изборната победа му е украдена благодарение на побуната на „бедниците“ изманипулирани од страна на хакерите на Путин и заткулисните махинации на Фејсбук. Во Британија, разјарената буржоазија не може да поверува дека мнозинската поддршка за напуштање на ЕУ во корист на неславната изолација уште e цврста, и покрај катастрофално водениот процес на преговори за напуштање на ЕУ.
Се нудат запрепастувачки голем број различни анализи на оваа ситуација. Подемот на милитантниот парохијализам од двете страни на Атлантикот се проучува од секој можен агол: психоаналитички, културален, антрополошки, естетички и секако, со термините на политиката на идентитет. Единствениот агол кој остана слабо истражен е токму оној кој нуди клуч за разбирање на овој процес: непрестајната класна војна против сиромашните која трае од средината на 70-тите години на минатиот век.
Два податока од 2016, по правило игнорирани од страна на официјалните аналитичари, зборуваат сами за себе. Според податоците на Федералните резерви, повеќе од половина од американските семејства не се квалификувале за кредит кој би им овозможил да го купат најевтиниот автомобил на пазраот (Нисан Верса, по цена од 12.825 долари). За тоа време, во Обединетото Кралство повеќе од 40 отсто од семејствата се потпираат на кредити или на банките за храна за да се прехранат и да ги покријат најосновните потреби.
Како што одамна утврдил Вилијам Окамски, британски филозоф од 14 век, кога сме соочени со различни објаснувања на некој феномен, треба да се определиме за наједноставното меѓу нив, кое се заснова на најмал број претпоставки. Се чини дека и покрај својата стручност, официјалните коментатори од Британија и САД упорно го игнорираат овој принцип.
Неволни да го препознаат разгорувањето на класната војна, тие неуморно расправаат за теориите на заговор и руското влијание, спотаните изливи на мизогинија, имигрантската плима, подемот на роботизацијата итн. Иако сите овие стравови во голема мера корелираат со милитантниот парохијализам кој доведе до Трамп и Брегзит, тие се директно поврзани со подлабока причина - класната војна против сиромашните - за која ни зборуваат наведените податоци од Британија и САД.
Точно е дека Трамп и Брегзит ги поддржаа и некои добростоечки гласачи од средната класа. Но добар дел од таа поддршка беше заснован на стравот предизвикан од набљудување на класите под нивната како паѓаат во очај и безнадежност, додека иднината на нивните сопствени деца стануваше сѐ понеизвесна.
Пред 20 години, истите овие либерални коментатори го култивираа невозможниот сон во кој глобализацијата на финансискиот капитализам требаше да овозможи просперитет за мнозинството. Во мигот кога капиталот во глобални размери стануваше сѐ поконцентриран и сѐ помилитантен кон луѓето без финансиски средства, овие коментатори ја прогласуваа класната војна за завршена. Додека работничката класа на светско ниво стануваше сѐ побројна, иако во англосферата нејзините работи и изгледи за вработување се намалуваа, овие елити се однесуваа како класата сама по себе да е passé.
Финансискиот колапс во 2008 и рецесијата која уследи го скршија тој сон. И покрај тоа, либералите и понатаму го игнорираа неоспорниот факт дека гигантските загуби на финансискиот сектор беа цинично натоварени на грбот на работничката класа која тие ја прогласија за неважна.
Со својата спремност да ги игнорираат сѐ подлабоките класни поделби и да ги заменат со политика на идентитет, нечувствителни на класните проблеми, овие елити на отровниот популизам му испорачаа подарок каков што тој само можеше да посака. Во Британија Лабуристичката партија (под Тони Блер, Гордон Браун и Едвард Милибанд) се срамеше да го спомне разгорувањето на класната војна против мнозинството која уследи по 2008 година. Ова доведе до подем на УКИП, со неговиот брегзитовски парохијализам во делови од земјата кои дотогаш беа традиционално упориште на лабуристите.
Финото општество не се грижеше за тоа што станува полесно да се запишете на Харвард или Кембриџ ако сте црн, отколку сиромашен. Тие свесно го игнорираа фактот дека политиката на идентитет може да биде причина за еднакво сериозен раздор како и апартхејдот, доколку се применува како инструмент за заташкување на класниот судир.
Трамп не се воздржуваше отворено да проговори за класите и да ги „прегрне“ - макар и преправајќи се - оние кои се премногу сиромашни за да купат автомобил, а камо ли да ги испратат своите деца на Харвард. Заговорниците на Брегзит исто така го прегрна „плебсот“ - да се сетиме само на Најџел Фараж, лидерот на УКИП, како пие пиво по пабовите со „обичните момци“. А кога големи делови од работничката класа се свртеа против омилените синови и ќерки на естаблишментот (на Клинтон, Буш, Блер и Камерон) и го поддржаа милитантниот парохијализам, коментаторите за ова ги обвинуваа нивните заблуди за капитализмот.
Но нивните заблуди за капитализмот не доведоа до незадоволството кое го потхрани Брегзит и подемот на Трамп, туку тоа беше разочарувањето од политиката на средниот пат која ја интензивираше класната борба против работничката класа.
Требаше да се очекува дека поддршката на работничката класа ќе ги вооружи Трамп и заговорниците на Брегзит со гласачка сила која порано или подоцна ќе биде употребена токму против интересите на работничката класа и, секако, против малцинствата - тоа е одлика на популистичките власти од 30-тите години на минатиот век до денес. Трамп така ја искористи поддршката на работничката класа да ја воведе скандалозната даночна реформа, чија нескриена цел е да ѝ помогне на плутократијата, додека милиони Американци се соочуваат со намалување на здравственото осигурување, а како што ќе расте федералниот дефицит, и долгорочно зголемување на даноците.
Слично на тоа, британската конзервативна влада, која јавно ги поддржуваше популистичките цели на Брегзит, неодамна најави уште едно буџетско намалување од неколку милијарди фунти во областите на социјалното осигурување, образованието и даночните кредити за сиромашните работници.
Официјалните креатори на јавните ставови кои со презир го отфрлаа значењето на општествената класа, придонесоа за политичка атмосфера во која класната политика никогаш не била позначајна, поотровна и поскриена. Зборувајќи во името на владејачката класа составена од финансиски експерти, банкари, застапници на корпорации, сопственици на медиуми и функционери на крупната индустрија, тие се однесуваат како да им е целта работничката класа да ја испорачаат во валканите раце на популистите и нивните празни ветувања дека Америка и Британија ќе станат „повторно големи“.
Единствената можност за повторно цивилизирање на општеството и детоксикација на политиката лежи во ново политичко движење кое во име на новиот хуманизам ќе ја заузда горливата неправда произведена од класната војна. Судејќи според суровоста со која ги третира сенаторот Берни Сандерс и лабуристичкиот лидер Џереми Корбин, се чини дека либералниот естаблишмент се плаши повеќе од такво движење отколку од Трамп и Брегзит.
Извор: Project Syndicate, 08.12.2017.
Слики: Гундуз Агаев