Азбука на глобализацијата

20.12.2017 06:43
Азбука на глобализацијата

Веројатно не постои подобар и поконцизен опис на економските промени, како и на политичките предизвици, во актуелната фаза на глоблизацијата од графиконот познат како „слоновската крива“. На хоризонталната ооска се прикажани позициите во светската дистрибуција на доход (најсиромашните на левиот, а најбогатите на десниот крај). Вертикалната оска го прикажува растот на реалниот приход (во однос на почетните вредности) во последните 25 или 30 години.

На овде прикажаната поедноставена верзија се истакнуваат три точки:

На точката А се припадниците на средната класа во Азија чиишто приходи значајно пораснале. Во некои случаи, како во Кина, приходите се трикратно или дури четири пати поголеми.

На точката Б – каде се наоѓаат луѓето што и понатаму се побогати од новата средна класа во Азија – раст речиси и да немало: тука се работничката и средната класа на запад.

На точката Ц, меѓу најбогатите луѓе во светот, приходот и богатството се двојно зголемени. Овој графикон бил објавуван во разни варијации и биле користени различни извори на податоци, а неговата последната верзија се појавила во Извештајот за нееднаквоста во светот за 2018 година, каде растот прикажан во точката Ц е поголем отколку што досега се мислеше.

Главната поука што може да се извлече од овој графикон е концизен наод за добитниците и губитниците во процесот на глобализација: добитниците се глобално најбогатите и жители на Азија, а губитниците се припадниците на средната класа на запад кои се најдоа помеѓу чеканот на конкуренцијата и наковалната на рамнодушноста – конкуренцијата на луѓе способни и подготвени истите работи да ги работат за пониски дневници и побогатите сонародници кои се рамнодушни кон еконмските потешкотии со кои се соочува средната класа.

Поаѓајќи од овој графикон, би сакал да фрлам поглед кон иднината. Да се обидеме да замислиме како ќе изгледа истиот овој графикон во 2050 година. Не е веројатно дека денес побогатиот дел од светот во идните децнии ќе остварува стапки на раст кои ги достигнуваат азиските џинови – Кина, Индија, Виетнам, Тајланд, Индонезија. Тоа значи дека азиската средна класа полека ќе се движи кон десната страна на графиконот, кон позициите со повисоки приходи и ќе влезе во „територијата“ која сега ја зазема средната класа на запад. На глобалната скала, западните средни класи кои денес се групирани околу 80. и 90. Глобалната процентуална висина ќе почнат да паѓаат, а нивните места ќе ги заземаат средните класи од азиските држави. Нагласувам дека за такво сценарио приходите на запад не мора да опаѓаат: доволно е да не растат со еднаква брзина како во Азија. Најбогатите жители на запад и натаму ќе бидат на точката Ц, а во сè поголем број ќе им се придружуваат (како што тоа веќе го прават) богатите жители на Кина и Индија.

Што би можел да произведе таквиот релативен пад на позицијата на западната средна класа? За да го разбереме тоа, мора да имаме предвид дека од 50-тите години па до крајот на 20-от век, западните општества (заедно со работничката класа) имале „привилегирана“ положба во однос на остатокот од светот: тие биле во повисоките сегменти на глобалната дистрибуција на доходот. Во многу европски земји со развиен систем на социјална заштита, дури и најсиромашните жители припаѓаат на квинтилот на врвот (20 отсто на најбогатите жители на светот).

Тоа на западните општества им обезбедило извесна бихејвиорална, потрошувачка, па и политичка хомогеност. Ако западните средни класи отидат надолу, тоа секако ќе се одрази врз социјалната хомогеност. Еве пример: за средните, па и пониските слоеви на западните општества сосема е вообичаено на годишен одмор да патуваат во Азија. Но, како што ќе се збогатува Азија, трошоците на тие патувања ќе станат непристапно високи и ќе може да си ги дозволат само побогатите луѓе од запад, како што е денс случај со патувањата во Јапонија. Во светот на меѓузависност во кој голем дел од приходот се троши на услуги, моделите на потрошувачка ќе се менуваат во согласност со промените на релативната позиција на доходовната скала, а не нужно заради осиромашување.

Западните општества ќе почнат да личат на она што денес го гледаме во Јужна Америка, каде постојат богати со приходи и потрошувачки навики што ги сместуваат во глобалниот еден процент на врвот, голема средна класа и значајна бројка на луѓе кои, според глобалните стандарди, се релативно сиромашни, оние чии приходи се наоѓаат под глобалната средна вредност.

Тоа нè доведува до важно прашање: Ќе можат ли да останат демократски и стабилни општествата во кои коегзистираат луѓе со нагласено различно ниво на приходи и потрошувачки навики? Зарем во такви земји нема да се појави она што некогаш беше опишувано како болест на Третиот свет, дисартикулација на општеството, поредок во кој најбогатите просперираат и успешно се интегрираат во глобалната економија, додека пониските слоеви заостануваат и ги претекнуваат средните класи од економиите што се развиваат? Според моето мислење, тоа е најважното прашање што политичарите во денешните богати општества треба да си го постават.

Извор: globalinequality

ОкоБоли главаВицФото