Aј да не нервираме веќе никого со нашата среќа

20.12.2017 10:56
Aј да не нервираме веќе никого со нашата среќа

бања

во комуналната бања имаше слаба светлина
малку пареа многу поцрвенети задници
прозорчињата мали речиси до таванот
за да не се јазат љубопитковци
дупки напикани со сунѓери
нозете се лизгаа
во влажниот простор
ќумурот баботеше во казанот
крвта баботеше во образите
чекоревме како слепи
низ реата од бугарскиот шампон креа-креа
и од туѓата плот
брадавиците
жареа во магловината како свеќички на елка
и го параа воздухот
го чекав излегувањето надвор
на студот
да слушнам како снегот крцка под мене
и пак да се чувствувам ослободена
од концентрациониот логор
како што имав гледано во руските филмови за германци и партизани


етикета

имам ново семејство
нов дом со мирис на боја и на нивеа for men after shave
ново дете
а јас од нова понова
небаре купена на ул. липскани во продавница
за венчаници карнери и крунички со штиркани трендафили
сè уште не си ја имам извадено етикетата
како да ми е некако жал
да се откажам од оваа новотија

а ти со онаа сметка во џебот

имам ново семејство
и тенка свилена жица
оптегната како во циркус
моето старо дете
трпеливо ме придружува


сто педесет илјади на трибините

си реков ајде да не нервираме повеќе никого
со нашата среќа
среќата нема усет
оди само со оној со кој сама сака
со очи како две дамки од црно вино
и кусо здолниште секако кусо
ах безобразна една
потајно посакувана од сите мажи од градот
кога заспивам со главата под перница
за да не се слуша
што зборувам во сон

си реков ајде да не нервираме повеќе никого
да му се покажуваме секому смуртени безволни
насмевнувајќи се отрпнато
истакнувајќи понекој заб со кариес
или скршен нокот
дури го миеме
котлето од качамакот

а ако сака некој да нè види
онакви какви што сме
да им продаваме билети
од сто и педесет илјади
на трибините


како врз градите на тато

мама прави навлаки за перници
од старите кошули на татко ми
ги вади јаката ракавите
ги остава само петлиците на средина
седефни
сето детство спиев врз перница
како врз градите на тато

Превод: Лидија Димковска
Слики: Јана Медина

Дијана Јепуре (1970), романска писателка, родена во Косаути, Молдавија, во близина на границата со Украина. Дипломирала на Факултетот за историја во Кишинев и работела како истражувач во Молдавскиот музеј за национална историја. Во 2003 се преселува во Букурешт, каде што живее и денес. Првата поетска збирка „Лилија“ ја објавила во 2004 година и добила одлични критики. Преведува литература од руски јазик.

ОкоБоли главаВицФото