„Историјата да им се остави на историчарите!“ Но на кои? (1)

20.12.2017 17:42
„Историјата да им се остави на историчарите!“ Но на кои? (1)

Во помош на идната „мултидисциплинарна експертска комисија“


Со задоволство го објавуваме следниов текст, напишан од бугарскиот историчар Стефан Дечев, кој на објективен и професионален начин демистифицира голем дел од митовите на националните истории во Република Бугарија и Република Македонија. Текстот на Дечев нуди детално објаснување на спецификите од историскиот спор меѓу двете држави, но во исто време нуди и нов приод, ново читање – кое може да доведе до решавање на бизарниот македонско-бугарски спор. Текстот ќе го објавиме во два дела.

„Јас немам заедничка историја со Бугарија!“, „Имаме заедничка историја и со други држави!“, „Може да го чествуваме Илинден како заеднички религиозен празник!“, „Секој си има национална историја!“, „Немаме заедничка туку слична историја!“, „Илинден е македонски!“...

Ова се само дел од многуте коментари и одзиви на македонски „историци“ пред и по објавувањето на предлог Договорот за добрососедство меѓу Република Бугарија и Република Македонија.

Наспроти нив, не задоцнија да се огласат и нивните бугарски колеги: „Да се престане со кражбата на историја!“, „Македонизмот е вештачка идеологија, создадена од Коминтерната!“, „Оној кој тврди дека Македонците се одделен народ не може да се нарече научник!“ итн. Од студиото на Бугарската Национална Телевизија, Наум Кајчев изјави дека „ние имаме заедничка историја, единствена историја!“ – без да уточни за која историја и за кои временски периоди станува збор – очигледно имајќи предвид сè, освен југословенската и пост-југословенската ера на денешната Република Македонија. По објавувањето на предлог Договорот, пак, еден бугарски новинар директно го постави следново прашање: „Кој ќе биде тој кој ќе ја спроведе оваа налудничава арбитража – кои бугарски експерти? Останаа ли свесни луѓе (очигледно имајќи ги предвид таквите како Божидар Димитров, Георги Марков и нивните млади заменици), кои се надвор од јаслите на Сорос и сличните нему трафиканти на псевдо-демократија?“

На овој начин последниве денови од двете страни на границата приврзаниците на „националната историја“ во Софија и Скопје говореа за проблемите поврзани со чл. 8, т. 2 и 3 од Договорот меѓу двете држави. Имено, и покрај тоа што членот 8 е вклучен во финалниот текст, не сум сигурен дека политичарите и дипломатите јасно разбираат дека и на двете места никој нема желба да се занимава со минатото и со „историските настани“. Во вакви услови не може да се дебатира ниту „експертски“ ниту „објективно“, а камоли да се прави „научно толкување“ на изворите (како што стои во предлог договорот).

Еден ваков приод би бил исклучително непопуларен и за двете страни. Тие располагаат со фундаментално конфузни национални наративи, при што благо речено проблематичните (да не кажам лажните) места во нив се најприсутни во медиумите и уживаат релативно широко одобрување во општеството. Слична е ситуацијата и меѓу „експертите“. До ден денешен цела една катедра на Софискиот универзитет се занимава со предавање на „Историја на Бугарија“ (барем од раното средновековие, се разбира, до денес). Во Скопје, пак, го имаме „Институтот за национална историја“, кој го истражува минатото на Македонија и „македонскиот народ“ „од антиката до денес“.

Медиумите од двете страни на границата продолжуваат да бидат преплавени со лажни и митски романтичарски наративи за минатото на „нашиот народ“, а професионалните историчари, кои гостуваат во медиумите го напуштаат и она малку професионален здрав разум, за да им угодат на општествените очекувања. Со десетлетија учениците во Македонија учат дека во минатото немале поголеми непријатели од Бугарите, а Бугарчињата дека, за разлика од „бугарскиот народ“ (кој секогаш постоел, уште од незапамтени времиња), македонската нација е „вештачка“. Токму затоа и не сум многу убеден во ползата од блиска перспектива, од сево ова што читателите ќе го прочитаат во следните параграфи. Но сепак верувам дека некаков сличен наратив ќе биде вклучен во учебниците по историја и во двете држави. Но тоа сигурно нема да се случи наскоро – ниту во Бугарија, ниту во Македонија.

Времето на царствата и империите

Постои едно тешко недоразбирање дури и во врска со почетоците на словенската писменост. Ретроактивното етнизирање на браќата Кирил и Методиј като „Бугари“ и „Македонци“ во двете историографии – а особено во популарната историска литература во двете држави – е проблематично. Создадената од нив глаголица исто така е ниту бугарска, ниту македонска. А и строгото етнизирање на средновековниот стар писмен словенски јазик како „старобугарски“ и „старомакедонски“ е исто така во голем степен неосновано. Кирилицата која како писмо се појавува подоцна (притоа треба да се спомене дека за просечниот Бугарин тоа е денешната бугарска азбука, творба на Кирил и Методиј), била создадена во држава која го носела името „Бугарија“ - но целиот процес на нејзино појавување бил обележан со премрежиња од личности, намери, дејствија, каузи и политики, кои истовремено ги поврзуваат Византија, Великоморавија и Бугарија (со Македонија, која во тоа време била терититоријално вклучена во Бугарија), и далеку го надминуваат мислењето во денешните наши две национални држави.

Причините за претстојната засечка меѓу „историци“ и „историчари“ уште во тој ран период на минатото се повеќе од јасни. На прво место доаѓа силниот притисок на кој тие ќе бидат изложени во Софија и во Скопје од општествените мненија на двете страни, кои ќе истапат против „кражбата“ на онаа историја учена во училиште. Многу Бугари и Македонци ќе почнат да си мислат дека не било така, туку „Сорос сака да биде така.“ Кон ова слободно можеме да го додадеме и фактот дека на прсти можат да се избројат компетентните и чесни професионални историчари од двете страни на границата, подготовени да се занимават со тоа минато, со „историските настани“, и токму „експертски “ и „објективно“ да ги толкуваат „научно“ соодветните „извори“ (да напоменеме дека цитираните термини се според Договорот).

Во извесна смисла оваа ситуација навистина изгледа чудна и наобјаснива. И во Бугарија и во Македонија редица „експерти“ јасно потенцираат дека нациите се модерен феномен, но истовремено со тоа парадоксално тврдат дека имаат и „национална историја“ која започнува од Александар Велики, т.е. од раносредновековните бугарски владетели и држави. Но, и покрај постоењето на средновековни државни ентитети кои го носат името „Бугарија“ - меѓу кои е и Самуиловата држава - ние можеме да изведеме само идеолошка (!) врска меѓу нив и современите Бугарија и Македонија, и со „бугарската“ и „македонската“ нација денес. Оваа врска се јавува во етаблираната историска литература која се учи од децата во училиште и во двете држави. Уште поочигледен е примерот со уште попроблематичната и недокажлива врска помеѓу „античка Македонија“ на Александар и современата Македонија.

Паралелно со ова, ако ги прифатиме одредбите во Договорот кои говорат за „научно“ толкување на „изворите“, тогаш бугарските и македонските историчари треба јасно да им изјават на соодветните јавности во двете држави дека за време на Средниот век – и тоа не само на Балканот – чувството за етнички идентитет е присутно само кај елитата во соодветните политички ентитети (к(х)анства и царства), а кај мнозинството од населението не е присутна модерната национална свест, ниту она етничко самосознание присутно кај тогашните претставници на елитата. Денешните историчари на еден ретроактивен начин на тоа население му ја наметнуваат соодветната етничка припадност сообразна со денешните национални држави. Токму затоа не може да се избегне фактот дека Самуиловата држава е политички проект кој својата убедлива легитимност ја црпи не од некаква македонска државна традиција, туку од традицијата која доаѓа од Преслав - која на нејзините владетели (кои би можело да бидат и етнички Ерменци) им дава „богопомазание“. Сите тогашни историски извори (византиски, ерменски, арапски итн.) ја нарекуваат оваа држава „Бугарија“, а нејзините владетели „Бугари“. Затоа и етничката припадност на елитата-јадро во оваа држава е без сомнение бугарска - макар и да била основана пред сè на лојалност кон соодветниот владетел. Од друга страна, воопшто не можеме да говориме со сигурност за идентитетот на огромното мнозинство обични поданици кои живееле во таа држава, ниту за поданиците на ред други средновековни држави.

Ваквиот поглед на работите би раздразнил редица бугарски историчари – на сличен начин како што доминацијата на „Бугарите“ и на бугарскиот етноним за време на средновековието е факт кој очигледно ги вознемирува и ги тера да се чувствуваат непријатно авторите и носителите на македонскиот историски наратив. Но поимите исковани од бугарската историографија како „Словени од бугарската група“, како и формираната наводно кон крајот на IX и почетокот на X век средновековна „бугарска народност“ (која се припишува на целото население на Симеонова Бугарија) се дефинитивно проблематични. Во кашата од етноними како „Бугари“, „Словени“, „Власи“, „Мизијци“, „Скити“ итн., без јасно да се сфати кога точно тие стануваат етноними, секаков одговор на вакво прашање е мошне тежок. Кон ова треба да се додаде и честото несоодветствие меѓу средновековните и предмодерни етноними, од една страна, и современите „Бугари“ или „Македонци“, од друга. Не смееме да заборавиме и дека последниов термин практички наполно отсуствува во историските извори од тоа време и се однесува единствено за византиската тема „Македонија“, сместена во Одринска Тракија. Но и веднаш да додадеме: тука станува збор за административна поделба, исто како што подоцна и византиската тема „Бугарија“ ја покрива географска Македонија во чисто административна смисла.

Следствено, доколку модерните национални држави љубат идеолошки да се поврзуваат со некакви свои претходници од средновековието, Самуил со право може да биде чествуван од современите Бугари како „бугарски цар“. Но бидејќи на територијата на Република Македонија било сместено јадрото на неговото царство, неговите престолнини и редица артефакти, со кои современите и непостоечки тогаш Македонци се идентификуваат и гордеат (зарем не го прават истото и Бугарите со наследството од пред-Дунавска Бугарија, макар и во далеку помал степен), тогаш тој слободно може да биде чествуван истовремено и во двете држави.

 

„Бугари“ и „Mакедонци“ – едни од најнебулозните етноними во османските векови

Вистина е дека вековниот соживот во рамките на една држава (а по иронија на судбината, благодарение на власта на Османската империја) прави од „бугарското“ и „македонското“ минато речиси пет столетија да бидат едно, особено во државнополитичка смисла. Но кога најпосле ќе се разбере (вклучително и од немалкуте историчари во Бугарија и во Македонија, кои многу лесно би можеле да станат дел од идната мултидисциплинарна експертска комисија) дека ако на предците на денешните Бугари и денешните Македонци во Османската империја им пријдеме „експертски“, „објективно“ и „научно“, тогаш треба да констатираме отсуство на свест за заедништво, како помеѓу нив, така и внатре во самите две групи. Истовремено, се разбира, отсуствува и каква било граница меѓу нив. Погледнато генерално, во тоа време не останува ништо од средновековната бугарска политичка традиција (а камоли од античката македонска).

Малку нешта би можеле да кажеме за идентитетот на обичните луѓе кои живееле под османска власт на територијата на денешните Бугарија и Македонија. Во писмените историски извори од тоа време, дело на набљудувачи од страна, се продолжува со кашата од етноними – „Грци“, „Албанци“, „Власи“, „Есклавонци“, „Рашци“, „Срби“, „Бугари“, а да не говориме за античките „Мизи“, „Траки“, „Даки“, „Илири“, „Македонци“ итн. Со сигурност може да се каже дека во тоа време етнонимот „Бугари“ е понебулозен од „Турци“, „Грци“, „Срби“, „Власи“ и „Арнаути“. Во однос на денешните нации, понебулозен и понејасен од него е изгледа само етнонимот „Македонци“.

Иако денешната македонска историографија може да се радува на веќе констатираната појава на терминот „Македонци“ за време на Османлискиот период, треба веднаш да уточниме дека во тоа време во самата географска Македонија преовладуваат етнонимите „Грк“, „Арнаут“, „Бугарин“ и „Србин“. Имајќи го предвид гореспоменатото за османлиските столетија, денешниот спор меѓу Софија и Скопје изгледа и комично. И во денешна Бугарија и Македонија самите денешни бугарски и македонски историчари често ги поставуваат етнонимите „Бугари“ и „Македонци“ во наслови на книги и статии, како и за објаснувања на историски извори во кои намерно не станува збор ниту за едните ниту за другите. И бугарската и македонската историографија во пракса ги поправаат „грешките“ на своите претходници кои живееле по тие места, објаснувајќи им на денешните Македонци и Бугари дека им ја кажуваат „истината“ и „вистината“ кога говорат за „бугарскиот народ“ и „македонскиот народ“ за време на долгите османлиски столетија. Сепак, вака претставената реалност е измислена и очигледно нема ништо заедничко со она што кружело во главите на нивните претходници, кои не си создавале главоболки околу прашањето дали се „Бугари“ или „Македонци“.

Во таа смисла, македонската историографија го претставува укинувањето на инаку гркојазичната Охридска архиепископија во 1767 година (која постои од 1019 година и најпрвин е нарекувана „Архиепископија на цела Бугарија“, првенствено во административна смисла; во редица документи подоцна е восприемана и како „српска“) како некаков небаре пеколен потфат против „македонскиот народ“, преку кој небаре им се дала можноста на Грција и Бугарија да си ја присвојат „македонската историја“. Само што во тоа време не постоеле ниту „македонски народ“, ниту „македонска историја“ кои би требало да се присвојуваат. Пет години пред тоа еден Македонец од Банско ја напишал „Историја славјаноболгарская“, но малкумина знаат за нејзиното постоење.

Дури и во 19-ти век опфатот на значење на етнонимот „Бугарин“ долго време продолжува да биде мошне нејасен. Уште понебулозен, но и поретко среќаван, е етнонимот „Македонец“. Некои претставници на елитата или интелигенцијата од Македонија – Јоаким Крчовски, Кирил Пејчинович, Теодосиј Синаитски – го идентификуваат својот јазик како „болгарски“. Но почетокот на вистински развој на процесите за утврдување на модерната бугарска нација започнува дури кон средината на 19-ти век и подоцна, кога сè повеќе расте популарноста на името „Бугарин“. Интелектуалците од Македонија – Кузман Шапкарев, Димитар и Константин Миладинови, Димитар Македонски и редица други – на незадоволство на денешната македонска историографија, се самоопределувале како „Бугари“, а појавата на идентитетот „Македонец“ имала единствено регионално значење, дури и кога книжевно се ползувал локален дијалект.

Притоа, бугарското етничко самоопределување во Македонија го испреварува инсталирањето на Бугарската егзархија, со чија „асимилаторска“ политика денешната македонска историографија продолжува да го објаснува постоењето на Бугари во оваа тогаш географска област. Сепак, причината за бугарската етнонационална рамка, од којашто поаѓа движењето во Македонија, не треба да се бара – како што често мислат бугарските националисти и историографија - во некаква исконска бугарскост на локалното население која опстојувала низ столетијата (а видовме и дека уште помалку е евидентна некаква исконска македонскост), туку во единствената институционална политичка рамка, која ја обезбедува Османлиската империја, како и поголемата популарност и убедливост на етнонимот „Бугари“ во тоа време. Следствено, можеме да говориме за доминантна и стабилна бугарска елита во Македонија, но во услови кога масата од населението е без јасно искристализирана национална свест во етнички разнородна територија (Бугари, Власи, Турци, Албанци, Грци, при што со сигурност во самиот почеток огромното мнозинство не си задавало главоболки околу прашањето за етничката припадност, и дури не би било во можност да ги разбере денешните българско-македонски спорови).

Бугарската историографија тука допушта два слаби момента во својот наратив – преувеличување на степенот на свест на огромната маса од населението во Македонија како „Бугари“ и потценување на неговиот исклучително разнороден карактер. Во споменатите географски граници практички отсуствува јасно изразено мнозинство. Барем на самиот почеток. Освен тоа, бугарската историографија и од специјалистите и од широката општественост ги прикрива дебатите за бугарскиот литературен јазик - како и учеството на одделни говори во него, кои со сигурност би фрлиле повеќе светлина врз дискутираните проблеми.

Црковната борба и ВМОРО – заедничката историја

Едвај таму некаде околу црковно-националните борби би можеле веќе да говориме за постоење „единствена историја“ и „заедничка историја“. Тука, пак, на поголем проблем наидува македонскиот наратив при една „мултидисциплинарна експертска комисија“. До војните, се создава една заедничка рамка, формирана од печатот и литературата напишана на бугарски литературен јазик, од заедничката и заеднички извојувана Бугарска Егзархија, училишната дејност, и дејноста на ТМОРО (ВМОРО). Оттука логично се констатира бугарскиот карактер во етничка смисла (и македонски во политичка) на еден од темелните македонски митови – Илинден. Дефинитивно е дека големите дејци на организацијата, Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Јане Сандански итн. се сметале себе си за Бугари и пишувале на бугарски литературен јазик (доброволно, а не насила, како што се обидуваат да сугерираат некои од Скопје). Самата Организација е восприемана како „бугарска“ или „пробугарска“ и од другите актери во тогашна Македонија кон крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век. Македонската историографија не може да одрече дека за членовите на Организацијата кои се сметале за „македонски Бугари“, ниту Филип, ниту Александар, ниту одделниот македонски јазик и литература биле некаква кауза. Заедно со тоа, и покрај секакви исклучоци, „најфреквентниот“ етноним во тоа време во географска Македонија е „Бугарин“. Во тоа време во рамките на оваа организација, која била силно ориентирана кон Бугарија, сеуште не постои идеја за некаква „етничка македонска држава“, туку единствено над-национална - без софистицираната идеологија која подразбира „Македонци“ и „македонски народ“.

Тука, пак, невралгични за бугарската историографија (или за дел од мултидсициплинарната комисија) ќе бидат левиот автономизам на организацијата од почетокот на 20-ти век, кој е недвосмислено насочен и против бугарскиот „државен национализам“. И навистина, во некои леви кругови поимот „македонски народ“ (инаку вдахновен од наднационалните разбирања на ВМОРО за „Македонија на Македонците“, среде кои како мнозинство се поставуваат „македонските Бугари“) веќе започнува да се противпоставува на поимот „Бугари“, кои инаку остануваат „блиски“ до Македонците. Сепак, заедно со тоа македонската историографија ќе треба да признае дека не постои основа на ова да се гледа како на израз на некаков етнонационален македонски идентитет во денешна смисла на тој поим, или на оној од 30-те и 40-те години на 20-иот век. Групата на Сандански во Народната федеративна партија по Младотурската револуција од 1908 г. официјално се нарекува „бугарска секција“ на истата. И сите македонски револуционери, спротивно на историографијата во Скопје, дефинитивно ја изразуваат својата бугарска национална припадност. Нивниот сепаратизам, вклучително и оној од Софија, е наднационален (македонски), а не етно-национален македонски проект. И сепак, изградениот „македонски“ политички идентитет е јасно видлив и во 1914 г., дури во предсмртното писмо на П.К. Јаворов до Тодор Александров.

Од гледна точка на денешниот наратив, ВМОРО и нејзините деjци се дел од едно споделено минато, и можат да бидат истовремено Бугари во етнонационална смисла и Македонци како регионален - и уште поважно - политички идентитет. Тој вклучува и одделен институционален идентитет, кој може да постои во еден македонски национален наратив како преднационален македонски политички идентитет и предок на денешна независна Македонија. Точно тука доаѓа и логиката на заедничкото чествување на Илинден меѓу денешните држави Бугарија и Македонија. Востанието е дело на организација, чии активисти на етнички план биле „Бугари“, но со својата борба за автономија тие создаваат локална митологија, која еден ден ќе помогне во утврдувањето не само на политички, туку и на етнонационален идентитет во политичката единица со име „Македонија“ - денешната независна држава.

Раниот македонизам – премолчуван во Софија, мултиплициран во Скопје

Бугарската историографија очигледно треба да престане да го премолчува и маргинализира добро познатиот и документиран во „историските извори“ ран македонизам. Нели мултидициплинарната комисија треба да се сообразува со „историските извори“ и да работи „експертски“, „објективно“ и „научно“."Тука ги имам предвид привремено пламнатите и сеуште непостојаните македонисти* како Теодосиј Гологанов, Георги Пулевски, Крсте Мисирков, Стефан Дедов, Диамандиј Мишајков – чиишто активизам се одвива долго пред да се појави Коминтерната - како и далеку поубедениот и непоколеблив Димитар Чуповски." (По овој повод може да си припомниме како пред неколку години Божидар Димитров загуби опклада на оваа тема, но откажа да го плати облогот - зашто очигледно ферплејот не му е силната страна.) Од друга страна, сите нив македонската историографија ги набљудува со гигантска лупа, притоа надалеку натфрлувајќи ја тогашната нивна политичка тежина и влијание среде нивните современици - како и преценувајќи го влијанието на македонизмот кој тие го проповедаат. Тука говорам за „стаклата за увеличување” и за издигање на пиедестал, во рамките на македонскиот историски наратив, на дејци кои во тоа време имале релативно периферно значење." Не случајно дури и решението на АСНОМ од 2 август 1944 г. за создавање веќе етнонационална „слободна македонска држава“ во „демократска и федеративна Југославија“, не се повикува кон нив и нивните завети и дејност, туку кон заветите на „старите илинденци“ и Гоце Делчев.

Македонската историографија не може да го игнорира фактот дека за време на Балканската и Првата светска војна во таа новонастаната ситуација (без изненадување, и мошне логично во контекст на горенаведеното) дејците на ВМОРО застануваат на страната на Софија - а тие дејствуваат во Софија и по мировниот договор од 1919 г. Тука треба да се каже уште нешто многу важно. Денешната македонска историографија го прикрива фактот дека темата Македонија игра значајна улога во бугарскиот национализам и често го потпалува, имено и заради фактот што многумина Македонци со јасно изразена бугарска етничка свест учествуваа во формулирањето на истиот - а заедно со тоа и вршат притисок врз бугарските влади за поактивна и максималистичка политика во таа насока.

Денешниот македонски наратив говори за поделбата на Македонија во Букурешт во 1913 г. како за распарчување на некакво небаре монолитно национално тело. Но тоа не е така. Она што разделува во Букурешт е претходниот општ политички идентитет кај словенското население во Макеонија - оној основан врз политичкиот македонски идентитет на ВМОРО. Но реално погледнато, од трите држави Бугарија наидува на најмалку пречки со интегрирањето на Пиринска Македонија и со дополнителното утврдување на бугарската национална свест во истата. Истото не може да се рече за култивирањето на „јужносрпски“ идентитет во Вардарска и грчки во Егејска Македонија.

Паралелно со ова, бугарската историографија многу љуби да шпекулира дека целта на борбата на ВМОРО за „автономија на Македонија“ е само тактичка, и насочена кон идно императивно присоединување кон Бугарија, кое би се случило при поволни услови. И покрај тоа што во периодот 1912-13 г. некои моменти од поведението на лидерите на организацијата навистина укажуваат на наклонетост кон позициите замечтаени од Софија, таа опција сепак воопшто не е еднозначна. За тоа говорат и врските и заедничките дејствија на не кој било туку на еден од основачите на ВМОРО, Петар Попарсов, со еден од раните македонисти Д. Чуповски и со други македонски дејци кои уште од крајот на 1912 г. од идната Лондонска конференција барале гаранции за „неделива Македонија“.


Втор дел

*Во историски контекст, под зборот македонист се подразбира „активист за афирмирање на етничкиот македонски идентитет“. За македонисти станува збор кога го разгледуваме периодот од 19 век до Втората светска војна. По Втората светска војна не може да станува збор за македонисти, зошто тогаш веќе имаме афирмиран и утврден македонски етнички идентитет, со компактно население кое го споделува, со институции и со држава.

Слики: Свирачиња
Превод: Бојан Лазаревски
Извор: librev.com

Слични содржини

Општество / Балкан / Теорија / Историја
Балкан / Култура / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото