Историски судир

21.12.2017 03:32
Историски судир

На втора мисла, жално е сето ова што ни/им се случува. Многу жално. Мислам на оние оперски и други „културни“ певци, глумци и остала братија во притвори – затворски или домашни сеедно – кои глумеа патриоти, па на оние кои сега се преоблекуваат за да се солидаризараат со нив (иако, всушност, тоа не им е потребно зашто на челата им пишува кои се и што се!), но и на оние една-две директорки потенцијално обвинети за криминал(и) (или злоупотреба на службена должност, кажано нагалено!), а за некоја ситна сума во споредба со шлеперите пари однесени од културата. Добро, упатените велат дека „ќе падне“ и уште некој чувар, хигиеничарка или архиварка, односно таквите ќе одат јабана за сметка на крупните ѕверки кои, сега засега, остануваат скриени во еснафско партиските дувла и гледаат сеир. Иако, сигурен сум, и нивниот страв е реален, секако, подеднакво како и кај оние другине кои така здушно, дури жестоко, застануваа на говорницата на тврдокорните, дневно подбуцнувајќи ја толпата за конечниот крвав пир на 27 април. Жално е што такви луѓе, на еден или на друг начин биле или се дел од оваа македонската култура, со нивен поголем или помал придонес во нејзиниот развој, ама биле дел и од една онаква црна, злосторнички инструирана и убиствено криминална културна „политика“. Но, многумина од нив – велат: со право – се надеваат дека потрагата по злосторниците тука и ќе запре, ќе се застане на тие неколку „случаи“ како пример за другите. Можеби, иако тоа никого нема да излаже, уште помалку да амнестира. Како што не амнестира, уште помалку залажува и ова сегашново демек намерно преоблекување и идентификување со баграта. Некои злосторства едноставно – не застаруваат! Не само правно, туку и реално, животно, во меморијата на луѓето, во помнењето на македонската култура. Така што ние денес – или само тие – (ќе) можеме да глумиме дека сме ги заборавиле оние ороводци, па оние трагачи по злато, оние Александрови „вљубеници“ кои демек од патриотски побуди го следеа со државни пари секој негов историски чекор, нè уверуваа дека му се на трагата, еден дури ни велеше дека на Аце Велики не му требал пашапорт да ја преминува границата. Тие истите градеа врз археолошки локалитети – ене им го цел Плаошник на показ, па Скопското кале но и сите други локалитети, други пак го ораа светот со државни пари и дневници во потрага по „стручни“ лични возбуди, трети стануваа национални продуценти и режисери со летни курсеви и полупразни глави, четврти израснаа во локални полуписмени културни шерифи кои се’ уште седат на директорските места. А ние ги толерираме. Да се чудиш!

Некои сакаа(т) тоа да го сведат на инцидент. Ама луѓе – инцидент не трае десет години! Ниту нешто кај она барабине беше случајно. Сите тие беа специјално бирани за извршување на одделни задачи во културата. И – ги извршуваа, без да трепнат, без да зуцнат. И сега ќе ни изигруваат мамини мази, културни галеничиња, пак истите ќе пеат по плоштадите, пак истите ќе се редат во редот за национални и локални проекти, па дури и за државни награди? И ќе се сокријат зад две обвинети сукњи? И културата ќе рече: па добро, доста беше, се прочистивме?!

Та зарем „Скопје 2014“ се самоизгради, како што некои денес сакаат во тоа да нè убедат? Кој ги проектираше, кој ги градеше тие „згради“, тие „споменици“, низ кои и какви комисии поминуваа, кој потпишуваше во „државно“ име? Јас, вие? Или – тие: архитекти и градежници, философи и уметници, министри и заменици …? И каде отидоа толку пари? Кај мене, кај вас?

„Ние имаме судир на злосторничкото, митоманско и неуко општество, со цивилизацијата“, „судир на примитивците со демократите“, напиша неодамна Александар Цветковски[1]. Историски, епоален судир, би додал. И тоа, засега, е најточната дефиниција на македонските состојби во изминатава деценија. Но и денес, зашто состојбите не се битно променети. Примитивците се сè уште тука, околу нас, во администрацијата – која што немало да се чепка! – во културните институции – каде исто така немало да има отпуштања, истите примитивци се сè уште дури и на раководни места. Веќе утре притаените мотомани пак ќе тргнат во потрага по гробот на Ацета, другине полуписмени ќе најдат друг Плаошник да го ораат и да градат врз него, неукине од Управата за разнебитување на културното наследство ќе им издаваат нови дозволи и одобренија, ќе им даваат и нови пари, архитектине и другине пришипетљи ќе смислуваат нови циклуси „проекти“ ако не им се одземат лиценците … И културата уште ќе молчи, или ќе гледа сеир, па дури нема да ѝ пречи ни фактот што веќе сите, цел свет ги сместува во истиот кош со тие, ги гледаат како обични криминалци?

[1] Александар Цветковски, Македонско-македонски судир?, Плусинфо, 01 декември 2017

Слики: Свирачиња

Извор: https://teodosievskiumetnost.wordpress.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото