Парични награди за пријавувачите на загадување

21.12.2017 12:30
Парични награди за пријавувачите на загадување

Непочитувањето на законите предизвикува огромна штета.
Огромна штета по здравјето на луѓето предизвикува непочитувањето на Законот за животната средина.

Што може да се направи за да се намалат огромните штети по здравјето на луѓето?

Еве една идеја.

Во Законот за животната средина, како и во другите закони кои се однесуваат на заштита на здравјето, се предвидени глоби.

Паричните средства од тие глоби ги добива државата.
Но, државата не е најмотивирана да ги открива и казнува со глоби прекршувачите на законот кои предизвикуваат штети по здравјето на луѓето.

Што може да се промени тука?

Може да се промени многу, ако граѓаните се мотивираат да пријавуваат прекршување на законот кое се казнува со глоба.

Како може да се мотивираат граѓаните да пријавуваат загадувачи?

Наједноставно може да се мотивираат ако дел од глобата законски се додели како награда за пријавувачот и ако се гарантира неговата приватност.

На пример, ако за некој прекршок е предвидена глоба од 500 евра за загадувачот, законски да се уреди првиот пријавувач на згадувањето да добие награда од 100 евра, по успешно завршената постапка. Ако постапката не заврши во определен рок (да речеме, од 6 месеци), државата да биде обврзана да му ја исплати наградата на пријавувачот.

На овој начин, граѓаните ќе бидат мотивирани да пријавуваат загадувачи кои ги прекршуваат законите, а државата ќе биде мотивирана итно да ги завршува постапките.

Ваквата промена на правилата на игра позитивно би ги придвижила работите и кај пријавувачите и кај надлежните институции кои ги процесуираат и одлучуваат по пријавите.
Овој модел може да се примени и за сите други кршења на законите каде што е предвидена глоба.

Сепак, мислам дека е најбитно прво да се примени на глобите за прекршоци кои предизвикуваат штета по здравјето на луѓето.

Ем пријавувачите ќе добиваат награди, ем државната каса ќе биде пополна затоа што ќе има многу повеќе пријавени случаи, ем здравјето на луѓето ќе биде многу позаштитено од сега.

А и загадувачите ќе ги променат своите лоши практики и политики кога ќе станат свесни дека прекршувањето на законот навистина се пријавува и казнува.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографија: Жарко Трајаноски

ОкоБоли главаВицФото